Македонија
Смилев: Отворањето рудници може да ја спречи миграцијата со која се соочуваме
Рударството во Македонија има многувековна традиција, почнувајќи од римскиот период, па сè до денес. Токму оваа традиција треба да продолжиме да ја негуваме и во иднина. Современото рударство почнува во 20 век и со постојано надградување денеска е високо технолошкоразвиена стопанска гранка во која се применуваат сите меѓународни стандарди и практики.
Историски гледано, првите релевантни податоци од извршени рударско-геолошки истражувања датираат од 1927-1939 година и се реализирани на локациите Плавица и сегашниот рудник за олово и цинк Злетово – Пробиштип. Врз база на тие резултати во 1940 год., рудникот Злетово бил пуштен во експлоатација. По завршувањето на втората светска војна, рудникот бил повторно реактивиран и пуштен во редовна експлоатација. Рудникот Злетово е првиот современ рудник и претставувал синоним за рударството во Источна Македонија. Севкупниот развој на Пробиштип е поврзан со рудникот Злетово, а тоа го почувствувале граѓаните на овој град преку голема вработеност, висок стандард на вработените, интензивна станбена изградба на градот, изградба на објекти за спорт и рекреација, образование, здравство и др. Јас потекнувам од околината на Пробиштип и како сите граѓани имав можност да ги почувствувам сите овие придобивки од работењето на рудникот Злетово. Тоа ме мотивираше уште на млада возраст да се определам дека моето школување ќе го насочам во областа на рударството и геологијата. По завршување на средното рударско училиште го завршив и Рударско-геолошкиот факултет во Белград (во јануари 1977 год.). Имав среќа периодот на моето дипломирање да се совпадне со интензивниот развој и отварањето на некоку нови рудници во Македонија како што се рудникот за никел Ржаново, рудникот за бакар Бучим, рудникот за јаглен Суводол и рудникот за олово и цинк Тораница.
На почетокот на мојата богата кариера во рударството бев вклучен при отварањето и раководењето на рудникот Ржаново, кој важеше за еден од најсовремените рудници во тогашна СФРЈ и кој беше во склоп на комбинатот ФЕНИ Кавадарци. Таа успешна работа ми овозможи, како директор на техничките тимови да бидам директно ангажиран во извршувањето на рударски работи во повеќе рудници: Суводол, Осломеј, Какањ (БиХ), Тораница, Жировски Врх (Словенија), Бучим. Дополнително, учевствував и во изградбата на хидро-технички и патни тунели во БиХ, патишта во Македонија, изградба на браната Злетовица итн.. При изведбата на сите овие ангажмани се водеше сериозна грижа за безбедноста на вработените, сигурноста на технолошката опрема и заштита на животната средина. Накратко, во рударството бев повеќе од 40 години стекнувајќи огромно искуство и признание од целата рударска фела. Моето професионално практично искуство го збогатив и со докторска дисертација поврзана со рударството.
Оваа моја успешна приказна сега од оваа перспектива може и заличува на една носталгична мисла, спомнувајќи го успешното време на рударството подржано од тогашните инстуциите како почитувана гранка која воедно беше и столбот на изградбата на една успешна држава во која сите ние живеевме.
За жал, проблемите на рударството започнаа веднаш со осамостојувањето на Р. Македонија. Во такви услови на пазарна економија, целото стопанство вклучувајќи го и рударството се најде во тешка состојба. Се случија многу случаи на стечаи, принудни управи и други мерки, за да на крај дојде и фазата на приватизација. После 30 години, дел од тогашните рудници денеска не се во употреба, меѓутоа, има и успешни приказни како што се рудникот Бучим, рудникот Саса, рудниците Злетово и Тораница, каде што странскиот капитал и нивните управи успеаа да ги одржат и да инвестираат во континуитет во овие рудници. Сепак, евидентно е дека во последните години отсуствува сериозна институционална посветеност. Токму таа посветеност беше пресудна во тогашната СФРЈ да се развие овој цел сектор кој и денес претставува значаен фактор во македонската економија. Напротив, во последните години сме сведоци дека неаргументирано се напаѓа целата индустрија и под таков јавен притисок се носат законски решенија кои го лимитираат развојот на рударството.
Како разумен човек можам и да ги разберам стравовите на нашето општество, меѓутоа како професионалец и научник сметам дека сите тие стравови се неоправдани. Верувам дека тоа може да го потвдат и другите профеционалци и научници кои на било каков начин се вклучени во оваа индустрија. Според мене, главното прашање во јавноста не треба да биде „забрана“ на развојот на овој сектор, туку треба да се води дебата како да се развијат подобри механизми за заштита на животната средина и како да се принудат новите рудници да ги применуваат сите прифатени меѓународни практики и стандарди кои гарантираат заштита на животната средина.
Меѓутоа во едно сум сигурен. Повикувајќи се на моето искуство каков бил животот во Пробиштип, благодарејќи на рудникот Злетово, можам да предвидам дека развојот и отварањето на идните рудници во Иловица-Штука, Плавица-Златица, Казандол, во општина Кратово и општина Пробиштип, ќе предизвикаат ист но и поголем економски благодет во регионите каде што ќе се развиваат како што тоа беше случајот со Пробиштип. Сите овие рудници, може да ја развијат источна Македонија, да отворат многу можности за работа на младите и само на тој начин може да се спречи миграцијата за која сме секојдневно сведоци.
Наспроти тоа, наративот против идните рудници продолжува за жал. Така, во последно време, поинтензивно се дебатира за проектот Иловица-Штука. При тоа, во јавноста се изнесуваат најразлични шпекулации и нејасни тврдења од потенцијалните ефекти од проектот. Верувам дека локалните жители се загрижени поради тоа, но моето долгогодишно искуство во рударството ми го говори сосема спротивното. Со строго почитување на домашната и меѓународната регулатива, и примена на меѓународни стандарди и практики, може да се постигне максимална заштита на животната средина. Во тоа сум цврсто убеден, а дополнително уверување може да се добие и доколку се види и листата на инвеститори кои се вклучени во овој проект, како што е Европската Банка за Обнова и Развој. За да се докаже тоа треба да се даде можност проектот да се развива во таа насока.
Покрај оваа дебата за ефектите од проектот Иловица-Штука, отсуствува дебатата за економските и другите придобивки од неговиот развој. Компанијата што го развива проектот за жал е осамена во оваа дискусија потенцирајќи раст од над 4% на БДП, сериозен број на нови вработувања, извоз од на 200 милиони евра, итн. Тука би додал дека со дополнителна експлоатација на бакар, кој е дефиниран како критичен минерал, нашата држава би имала уште позначајна улога во нејзиниот пат кон ЕУ, со оглед на последните одлуки на ЕУ за неопходноста од обезбедување на критичните минерали за потребната транзиција во зелена економија.
Сепак и покрај овој турбулентен период, сеуште имам верување дека ќе преовладува разумот каде што професионално ќе се говори за рударството. Така сите заедно ќе можеме да придонесеме повторно да го издигнеме рударството во почитувана стопанска гранка со која сите ние ќе се гордееме, како што беше случај во СФРЈ, во мојата младост и во почетоците на мојата професионална кариера.
Д-р Ластомир Смилев, дипломиран рударски инжинер
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

