Македонија
Снопче ја праша ДУИ: Со која партија ќе формирате влада и зошто не го поддржувате Пендаровски во вториот круг
Кандидатот за пратеник од коалицијата ВЛЕН Халил Снопче изјави дека „Европски фронт“ не може да се промовира со старата гарда на Груевски.
„Велиме дека Груевски бил најкриминализирана сила. Не можете да го промовирате „Европскиот фронт“ со кандидат за пратеник на црната листа на Америка. Не можете да го промовирате „Европскиот фронт“ со целосно неприродна соработка. Мендух Тачи го нарече Али Ахмети, убиец. Зијадин Села пак, рече дека тој бил организатор на 27 април, дека Али Ахмети ја нарачал неговата елиминација а сега ги здружуваат силите“, рече Снопче.
Според него, ДУИ се уште не се изјасниле со која партија ќе коалицираат во идната влада.
„ДУИ мора да каже. Ако сака да биде во владата, со која партија ќе коалицира. Не се изјаснија“, рече Снопче.
Снопче додаде дека ДУИ од една страна ја критикува ВМРО, а од друга страна ги моли оние што ги критикуваат.
„Следната влада ќе се создаде со 61 пратеник, затоа ја прашувам ДУИ со која партија ќе формира влада. Според резултатите од 24 април, ако ги претвориме во мандати, СДСМ ќе добие 24 пратеници. Максим Димитриевски рече дек не влегува во влада со ДУИ. ДУИ може да формира влада само со ВМРО, додека ВМРО изрази дека нема место за ДУИ во следната влада”, рече Снопче, апелирајќи до ДУИ да посочи со која партија ќе формира Влада.
Снопче на крајот ја праша и ДУИ зошто не го поддржуваат Стево Пендаровски во вториот круг како што го поддржаа на претседателските избори во 2019 година како консензуален кандидат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јелиќ и Кајмакоски се разделиле околу два по полноќ пред клубот кадешто настапиле, потоа пејачот бил киднапиран
Пејачот Даниел Кајмакоски синоќа беше киднапиран на улицата Караѓорѓева во Белград, а драмата се случила пред клубот во кој настапувал. Нешто малку пред киднапирањето, со него бил Алекса Јелиќ, кој сега се огласи за „Блиц“.
Како што раскажа, вечерта била вообичаена и тие двајцата се разделиле по настапот.
„Настапувавме, но немам никакви информации, освен она што и вие го имате. Важно е дека човекот е жив, здрав, дека е како што треба. Тоа е најважно, а останатото не можам да го коментирам“ рече Алекса Јелиќ, а на прашањето дали се слушнале, додаде: „Не, се разделивме синоќа меѓу еден и пол и два часот и оттогаш не успеавме да се слушнеме“ наведе тој за „Блиц“.
Претодно со официјален допис се огласи Mиланка Рашиќ, која е задолжена за односи со јавноста за Даниел Кајмакоски. Таа рече дека утрово разговарала со него по ноќта помината во полициска станица. Потврди дека пејачот бил киднапиран синоќа во близина на „Бетон хала“ во Белград и сега е дома, но потребен му е мир.
Според досегашните информации, киднаперите се движеле во правец кон Рума, кога сообраќајната полиција се обидела да го запре возилото. Во обид да избегаат, тие удриле во банкина, излегле од автомобилот и побегнале. Даниел бил пронајден врзан, а потоа поминал неколку часа во полициска станица, давајќи искази за настанот.
Српските медуими во текот на денот објавија и видео од полициската потера, а разговараа и за мајката на Кајмакоски, која изјави дека е во шок.
Македонија
(Видео) Договорено покачување на платите за околу 11.000 административци до 2028 година
Околу 11.000 вработени во јавната администрација, судовите и обвинителствата ќе добијат покачување на платите од речиси 40 отсто до 2028 година, објави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Станува збор за нов договор меѓу Владата и синдикатите УПОЗ и САДУ, за кој Мицкоски оцени дека претставува историски момент, бидејќи, како што рече, никогаш досега немало толку јасен и временски прецизиран план за усогласување на платите и нивно достоинствено ниво.
„Ова е поширок пакет кој ќе ги опфати вработените во администрацијата, судовите и обвинителствата – вкупно околу 11.000 луѓе. Договорот има рок до 2028 година и претставува целосна регулација на односите меѓу Владата и вработените во овие институции“, изјави Мицкоски.
Тој потсети дека Владата веќе има постигнато слични договори со вработените во образованието и здравството.
Мицкоски најави дека паралелно ќе се работи и на нов општ колективен договор, во соработка со репрезентативните синдикати ССМ и КСС.
Македонија
Нелегален објект на аеродромот Стенковец, Николоски соопшти дека ќе бара конфискација
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски соопшти дека ќе почне постапка за конфискација на нелегално изграден објект на спортскиот аеродром Стенковец во Скопје.
„Во координација со повеќе институции – Министерството за транспорт, Агенцијата за цивилно воздухопловство, Државниот градежен инспекторат и Аероклубот на аеродромот Стенковец – ќе се започне постапка за конфискација на објектот кој е целосно нелегално изграден на државно земјиште“, објави Николоски на својот фејсбук профил.
Тој информира дека ќе биде побарано од Обвинителството и Судот објектот да се одземе во корист на државата, со намера да се стави во функција на Агенцијата за цивилно воздухопловство – за обука на пилоти и други потреби поврзани со воздухопловниот сектор.
Николоски нагласи дека Министерството за транспорт, како институција надлежна за објекти од прва категорија како аеродроми, болници, универзитети, спортски сали и стадиони, „сериозно пристапува кон решавање на проблемот со нелегално изградени објекти“.
„Ова е јасна порака дека нема да се толерира нелегална градба на места каде што Министерството и Државниот градежен инспекторат имаат надлежност“, заклучи вицепремиерот.

