Македонија
Собранието изгласа дека иницијативата на Тодор Петров е неуредна
Собранието утврди дека иницијативата на Tодор Петров за собирање 150.000 илјади потписи за распишување референдум не е уредна и не била согласно со Законот за референдум. Одлуката беше донесена со 49 гласа „за“, девет „против“, а тројца пратеници беа „воздржани“.
„Според изгласаниот заклучок, иницијативата не е уредна бидејќи не е во согласност со член 24 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните на кое се повикува подносителот. Прашањето содржано во граѓанската иницијатива за кое се предлага распишување дополнителен референдум е поставено пред донесување на актот што го уредува ова прашање, а референдумското прашање не е во согласност со името на државата. Согласно со член 19 од Законот за референдум и други облици за непосредно изјаснување на граѓаните, а имајќи го предвид веќе одржаниот референдум, граѓаните не може да се изјаснат повторно за исто прашање пред истекот на рокот од две години пред денот на одржаниот референдум“, рече претседателот Талат Џафери.
Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ остро реагираа, откако Собранието го усвои овој заклучок со кој иницијативата на Петров не доби зелено светло. Тие прашуваа како може иницијативата на комсиите за политички систем и законодавно-правната комисија да ја оценат како уредна, а претседателот на Собранието да не го земе предвид комисиското мислење.
„Со ова господине Џафери уште еднаш потврдувате дека не е првпат да ги кршите процедурите и деловникот на Собранието. Не ги земате предвид мислењата на комисиските тела кои дадоа согласност дека иницијативата е уредна. Но, граѓаните гледаат и ќе судат за вашите постапки“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Трајчо Димков.
Пратеникот Никола Мицевски ги прозва пратениците кои се членови на комисиите како одеднаш го смениле мислењето дека иницијативата не е уредна.
„Се прашувам како вие колеги пратеници кои во комисиите гласавте дека иницијативата е уредна сега ќе гласате дека е неуредна. Ниту имаше дебата, ниту некој ја оспори уредноста на оваа иницијатива“, рече Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, предлагачот Тодор Петров иницијативата ја поднесе уште во декември, но беше повлечена како неуредна. Во јануари тој ја поднесе во форматот како што налагаат процедурите и беше ставена на разгледување кај стручните собраниски комисии. Комисиите дадоа зелено светло, но таа со заклучок за кој гласаа мнозинство пратеници, беше отфрлена на денешната собраниска седница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

