Македонија
Собранието ќе ја одржи петтата седница
Собрание на Република Северна Македонија ќе ја одржи петтата седница.
На дневен ред на оваа седница се две точки – Предлог одлуката за утврдување на составот на Буџетскиот совет на Собранието на Република Северна Македонија и Предлог на одлуката за избор на претседател, членови и заменици – членови на Советот на Собранискиот канал.
За претседател на Буџетскиот совет на Собранието на Република Северна Македонија се предлага Антонијо Милошоски, потпретседател на Собранието, а за заменик-претседател Сања Лукаревска, претседател на Комисијата за финансирање и буџет. Членови на Буџетскиот совет се предлагаат пратениците – Бојан Стојаноски, Ели Панова, Игор Здравковски, Лидија Петковска, Халил Снопче, Фатмир Битиќи, Ељми Азири, Илир Хасани и Борислав Крмов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Нови 15 милијарди денари капитални инвестиции за општините, историски најголема инвестиција
Денеска, на редовна седница на Владата практично почнавме со постапката за објавување на вториот повик преку Министерството за локална самоуправа, со кој ќе се изрази интерес на единиците на локална самоуправа за финансирање капитални проекти од интерес на граѓаните, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Станува збор, како што појасни, за втор јавен повик за искористување средства од оние 15 милијарди денари што Владата, како што дополни, ги стави на располагање на општините.
„До 15 милијарди денари ќе биде вредноста на овој втор повик. Но, тоа не подразбира дека сите овие средства ќе бидат потрошени во тековната фискална година. Ќе повторам, за да нема забуни во јавноста, можно е некои проекти да влезат и во тригодишни буџети, и во 2025, и во 2026, и во 2027. Некои проекти да бидат само во 2025, некои да бидат и во 2025 и во 2026. Но, вкупниот волумен на средства со кои ќе се финансираат проектите од овој втор повик за кој денеска почнавме процедура на редовна владина седница е до 15 милијарди денари“, нагласи Мицкоски.
За таа цел, како што информира, се задолжуваат Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за образование и наука, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за спорт и Министерството за култура и туризам да ги утврдат критериумите со кои ќе се финансираат овие проекти преку капитални дотации.
Владата, според премиерот, го задолжи или ќе го задолжи Министерството за локална самоуправа откако целиот процес ќе биде дефиниран, да го објави јавниот повик за изразување интерес од страна на единиците на локална самоуправа за финансирање на проектите што се дел од овој втор повик.
Ова, според него, се значајни средства, кои се ставаат на располагање на општините за изградба на капитални проекти, како што се училишта, градинки, паркови, водоводи и канализации, со кои се решаваат децениски проблеми на граѓаните.
„Се работи за историски најголема инвестиција на централната власт во единиците на локалната самоуправа, општините, преку кои директно се влијае на подобар живот и повисок стандард.
Ова е втор јавен повик, на минатиот повик 78 општини добија 288 проекти, со вкупна вредност од 4,5 милијарди денари или повеќе од 73 милиони евра. И, дополнително, преку Министерството за транспорт приближно 800 милиони денари, тоа се средства кои со посебна програма беа доделени за финансирање проекти во општините“, потсети Мицкоски.
Како што оцени, вака директно им се помага и на граѓаните и на општините.
„И ова се мерки што се однесуваат само за граѓаните. Само вака, со работа и посветеност, го исполнуваме ветеното и Македонија станува повторно на народот“, додаде Мицкоски.
Македонија
СДСМ: Директорката на „Козле е сменета под наш и под притисок на јавноста
Разрешувањето на в.д. директорката на Клиниката „Козле“ е директен резултат на силниот притисок од јавноста, граѓаните, медиумите и политичкиот притисок на СДСМ, велат од опозициската партија.
„Ова е доказ дека неспособноста, мобингот и злоупотребите на Клиниката „Козле“ за кои алармираше СДСМ се целосно потврдени иако власта со месеци ја штитеше.
На ДПМНЕ и на Таравари треба да им биде јасно дека нема да поминат незабележано и дека одговорност мора да има за хаосот во здравството.
Ја охрабруваме јавноста да остане будна и гласна, бидејќи секој компромис со здравствениот систем директно ги загрозува граѓаните“.
Очекуваат новата директорката на Клиниката „Козле“ веднаш да почне да ја санира штетата од погрешното менаџирање на сега веќе разрешената и да ја врати на работа докторката која после 27 години беше насилно избркана на улица.
СДСМ е на страна на граѓаните и на професионалците во здравството. СДСМ ќе продолжи да се бори против партизацијата и несоодветните кадровски решенија во здравството, затоа што здравјето на граѓаните е над партиските интереси на ДПМНЕ и нивните коалициски партнери, додаваат од партијата на Филипче.
Македонија
Поради сообраќајна несреќа, затворен за сообраќај патот од Каласлари до Градско
Поради сообраќајна незгода, регионалниот пат од Каласлари до населбата Градско е затворен за сообраќај од 14 часот, односно сообраќајот се пренасочува по автопатот Велес – Градско.
АМСМ потсетува дека од 15.11.2024 година почна законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моментната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.3.2025 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.