Македонија
Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата донесоа заклучок и ја задолжија Данела Арсовска со низа задачи
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Град Скопје изгласа заклучоци, со кои се задолжуваат градоначалничката Данела Арсовска и Градот Скопје да извршат низа мерки за утврдување одговорност кај надлежните за скандалот со ѓубрето, како и превенција таквиот настан да не се повтори.
Заклучоците изгласани се следни:
1. Се задолжуваат градоначалникот на град Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје да ги преземат следните мерки:
– Редовно чистење и миење на сите сообраќајници во град Скопје,
– Дезинфекција и дезинсекција на сите места каде што се наоѓаат контејнерите и во блиската околина,
– Дезинфекција, дезинсекција и редовни одржувања на контејнерите,
– Итна набавка на 5 нови камиони и механизација за собирање отпад,
– Итна набавка на 5 нови модерни еколошки чистачи на улици и сообраќајници,
– Детаљна проверка на договорите за вработување на вработените за кои има сомнеж дека не се појавуваат на работа, а остваруваат право на плата, како и на оние со нерегулиран статус повеќе од 5 години,
– Одговорност за сите што директно или индиректно учествувале во креирањето на ваквите состојби во ЈП „Комунална хигиена“,
– Проверка на состојбите со договорите за вработување и во другите ЈП во соработка со надлежните државни институции,
– Ревизија на работата на членовите на УО и НО на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје во врска со членот 36 став 1 точка 6 од Законот за локалната самоуправа,
– Формирање работно тело за надзор над работата на јавните претпријатија во согласност со чл. 36. став 1 точки 9 и 11,
– Редовни и чести координации помеѓу градоначалникот на град Скопје, претседателот на Советот и координаторите на советничките групи,
– Соработка помеѓу сите ЈП на Град Скопје во надминување на состојбите во градот,
– Изработка на функционална анализа на сите установи и институции вклучувајќи ја и администрацијата на Град Скопје, да се изработи непристрасно, темелно и независно за да може да служи како основа за унапредување на јавните услуги,
– Во кризниот штаб да се вклучат и претставници од членовите на Советот на Град Скопје,
– Да се достави извештај за работата на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје во рок од 3 дена,
– Да се достави извештај за спроведувањето на програмата за јавната чистота,
– Да се реализира јавна дебата за разгледување на можностите за децентрализација на некои од надлежностите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.
Овој заклучок изгласан од советниците ќе биде доставен до градоначалничката Арсовска, која има обврска да го спроведе.
„Очекуваме Арсовска, наместо да бега од дебата и работа, да овозможи скопјани да може да ги имаат основните услуги за кои плаќаат даноци. Скопје не смее да се соочи со нова катастрофа како таа со ѓубрето на улиците и за таа цел се донесени овие заклучоци. Арсовска да постапи“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски: МВР успешно го заокружи проектот со ОБСЕ за хибридно образование
Министерството за внатрешни работи денес официјално го одбележа завршувањето на проектот „Градење на хибриден образовен систем во Министерството за внатрешни работи на Македонија“, со кој се поставуваат темелите на современ, одржлив и технолошки напреден систем за полициска обука.
Проектот, реализиран во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и со финансиска поддршка од Сојузна Република Германија, Кралството Норвешка и дополнителни придонеси од Финска, во изминатите години овозможи суштинска трансформација на начинот на стручно усовршување и професионален развој во рамки на Министерството.
Во рамки на проектот беше воспоставен модерен хибриден модел на образование кој комбинира дигитални алатки, современи дидактички методи и долгорочен пристап „обука на обучувачи“. Развиена е програма за хибридна обука, селектирани и обучени се национални обучувачи со високи дигитални и педагошки компетенции, воспоставен е Мултимедијален центар за обука во Тренинг центарот во Идризово, како и Систем за управување со учење (LMS) кој овозможува флексибилна и квалитетна едукација.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обраќајќи се на завршниот настан, истакна дека овие резултати претставуваат јасен показател за институционална зрелост и определба за континуирано вложување во знаење и професионализација на полициската служба. Тој нагласи дека воспоставените капацитети отвораат можности за понатамошна соработка со меѓународните партнери и за активно вклучување во регионалните образовни мрежи, вклучително и Регионалната асоцијација на полициски академии и центри за обука од Југоисточна Европа.
Министерството за внатрешни работи упати благодарност до Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и до меѓународните партнери за континуираната поддршка, нагласувајќи дека со овој проект не се става крај, туку се отвора ново поглавје во кое хибридното образование станува составен дел од секојдневното функционирање на Министерството и важна алатка за подготовка на полицијата за идните безбедносни предизвици.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска на увид во реконструктивните зафати во ООУ „Партенија Зографски“
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес го посети ООУ „Партенија Зографски“, каде што се реализираат повеќе реконструктивни зафати. Со овие активности, општината продолжува да го унапредува образовниот простор и да создава современи, безбедни и функционални услови за сите ученици, велат од таму.
-Извршив увид во реконструктивните зафати во ООУ „Партенија Зографски“, каде што во континуитет се работи на унапредување на условите за учениците.
Поставуваме лед осветлување, во училниците и ходниците. Во моментот е во тек и реконструкција на тоалетите, што е особено важно за хигиената и секојдневниот престој на нашите дечиња во училиштето. Направени се зафати на електричните разводни табли, со што училиштето станува побезбедно и пофункционално. Со вакви вложувања покажуваме дека образованието и грижата за децата ни се приоритет и дека продолжуваме да работиме за подобри услови за учење-изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
Николоски: Започнаа промените во општина Карпош, ќе се реконструираат преку петнаесетина улици
Преку петнаесетина улици ќе се реконструираат во општина Карпош со подршка на Владата. Општината полека ќе го смени урбаниот лик и ќе се развива, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при денешната посета на општина Карпош.
Николоски заедно со градоначалникот Сотир Лукровски извршија увид во реконструкција на ул. Јуриј Гагарин, проект кој се реализира со подршка на Министерството за транспорт, а во заедничка соработка со општината.
“ Ова беше заглавен проект, ова беше проект без разлика што имавме обезбедено средства, не можевме да го реализираме. Откако беше избран за градоначалник, заедно со службите во општината, успееја да ги решат сите предизвици на овој проект, да се решат проблемите и еве веќе се гради и ако се оди добро и не послужи времето до Нова година може да се заврши оваа улица, паркингот зад зградите и да се добие нов урбан лик на овој простор. Сакам да најавам дека дополнително на ова имаме уште еден проект кој се реализира со Светска банка во вредност од над 13 милиони денари, тоа е улицата Петар Чаулев, целосна реконструкција околу 600 метри што дополнително се надевам ќе допринесе за урбаниот развој на општината. На тоа додаваме уште дванаесетина проекти кои што ги резлизираме преку вториот повик на Владата и севкупно имаме значајни проекти за општина Карпош. Тука е и подршката на Владата, мојата лична подршка за дополнителни работи кои треба да ги направиме во Карпош. Со изборот на новиот градоначалник, со неговата напорна работа се гледаат промените и навистина сите имаме желба да помогнеме и да се случуваат убави работи во општина Карпош”-изјави вицепремиерот Николоски.

