Македонија
Советниците на Зелен хуман град со предлози за развој на градот и подобра животна средина
Иницијативата Зелен хуман град го одржа Граѓанскиот буџетски форум на кој беше поднесен вкупно 31 предлог за одржлив и праведен развој на градот. Вкупниот износ потребен за реализација на сите поднесени предлози од 14 активистички групи е некаде околу една милијарда денари, што претставува една седмина од целосниот буџет на Град Скопје.
На самиот форум своите предлози ги образложија Ана Петровска, НаТочак, Хумани градови, ЕдуАктив Орг, Е.Д.Е.Н., Ајде Македонија, Мама Органа, Биди Зелен, Меѓаши, Мој Воздух, Културно Ехо, Ромалитико, Полио плус. Се предлагаше инвестирање во фотоволтаична централа; субвенции за фотоволтаични системи; обезбедување енергетска ефикасност на објектите под надлежност на Градот; довршување на Зелениот катастар и конципирање Стратегија за развој на зеленилото во Скопје што ќе послужат како основа за заштита на зеленилото при изработката на претстојниот Генерален урбанистички план на Скопје; локална хипермрежа од мерни станици за аерозагадување; противпожарна станица во Шуто Оризари; воспоставување општински биокомпостари; градска народна кујна; оптимизирање на велоинфраструктурата; изработка на стратешки документ Визија нула; редовен ден без автомобили; примарна селекција на пластика и хартија во домаќинствата; работилница за рециклирање на отпадна пластика; пасивни училишта; стратегии за лица со попреченост и за унапредување на правата на децата; студија за пренамена на напуштениот индустриски комплекс „Купрум“ во студентски град; урбани градини во училишта; субвенции за стерилизација/кастрација на (вдомени) бездомни животни; трансформација на скопската Зоолошка во центар за рехабилитација и конзервација на диви автохтони видови животни; заменување на коњите со еко-превозни средства; куќарки за бездомни животни.
Од Зелен хуман град очекуваат целосна соработка и конструктивност од новата градоначалничка на Град Скопје, како и од новото мнозинство.
„ Скопјани мора да бидат делотворно вклучени во процесот на одредување на приоритетите кои ќе бидат финансирани од нашите заеднички пари“ велат од Зелен хуман град.
Во понеделник, 15 ноември, советниците од Зелен хуман град, Драгана Велковска и Горјан Јовановски, ќе ги поднесат предлозите за зелено и хумано Скопје и официјално во писмена форма преку архивата на Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска во МАНУ: Квалитетот на високото образование драстично опадна, тоа мора да го промениме
Она што најмногу се коментира за Предлог законот за високото образование се условите за напредување во звања. Ако направиме споредба, не се високи како во други европски земји. Но, мора да ги поткренеме, затоа што откако беа укинати со законот од 2018 година, квалитетот на високото образование драстично опадна и тоа мора да го промениме. Го разбирам стравот на академската заедница, разбирам дека од една фаза треба да поминеме во друга, но критериумите кои ги предлагаме се достижни.
Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на дебата во МАНУ посветена на новиот Предлог закон за високото образование.
„Улогата на високото образование е да создава јавно добро, да создаде интелигенција која понатаму ќе ја развива државата. Да создава стручни, компетентни, но и емпатични и морални личности кои во иднина ќе обезбедат општествен просперитет. Од друга страна државата ги финансира високообразовните установи и оттука, треба да бара отчетност за трошењето на средствата и одговорност за постигнатите резултати“, рече Јаневска.
Законот, потенцираше министерката, нуди меритократија, интернационализација и мотивација за соработка која недостасува кај академскиот кадар, вклучително и научноистражувачка работа која е неделива од образовната. Рече дека предлог законот има можност за доработка, односно некои одредби ќе се променат по сугестиите на академската заедница.
Според неа, треба да се довршат сите јавни расправи, и потоа, кога ќе биде сé што треба коригирано, законот повторно ќе биде објавен на ЕНЕР неколку дена, по што ќе влезе во владина процедура. Јаневска информираше и дека во текот на вчерашниот ден е објавен и Предлог законот за научно-истражувачка дејност. Членовите на МАНУ се согласни дека се потребни промени во високото образование, напоменувајќи дека сите забелешки кои ги имаат за законот, неделава ќе бидат доставени до Министерството за образование и наука.
Македонија
Стоилковиќ – Мацура: акцентот на родовата еднаквост, заштитата на жените од насилство и унапредувањето на нивното економско и политичко учество
Потпретседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, денес оствари работна средба со Татјана Мацура, министерка без ресор задолжена за родова еднаквост, спречување на насилството врз жените и економско и политичко зајакнување на жените во Владата на Република Србија.
На средбата беше изразена заедничката определба за продлабочување на соработката меѓу двете земји, со посебен акцент на точките кои нè спојуваат во областа на родовата еднаквост, заштитата на жените од насилство и унапредувањето на економското и политичкото учество на жените, како и за зајакнување на институционалниот дијалог по овие прашања.
Соговорниците разговараа за значењето на интегрирањето на родовата перспектива во политиките што се однесуваат на заедниците, имајќи ја предвид потребата од еднаков пристап до права, услуги и можности за сите граѓани, вклучително и жените од различни етнички и социјални средини. Посебно внимание беше посветено на економското јакнење на жените како предуслов за нивна поголема општествена вклученост и намалување на ранливоста.
Во таа насока беа разгледани можностите за понатамошна соработка преку размена на искуства и добри практики, експертска комуникација меѓу надлежните институции и иницирање заеднички активности во рамки на регионалните иницијативи.
Средбата беше оценета како конструктивна со изразена подготвеност за редовна комуникација и конкретни чекори во насока на зајакнување на билатералната соработка меѓу земјите во областите од заемен интерес.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.

