Македонија
Заев, Јанева, Јовески, Мемети ќе ги следат реформите во судството
Во Владата се одржа конститутивната седница на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор.
На седницата, премиерот и претседавач на ова тело, Зоран Заев, рече дека формирањето на Советот е со цел враќање на дигнитетот на правосудствто, обезбедувањето правда и право согласно очекувањата на граѓаните и претставува патриотски чин. Премиерот информираше дека тој ќе ги обезбедува сите неопходни информации за политичките процеси низ кои ќе се спроведува имплементацијата на реформите во правосудството.
На конститутивната седница беше презентиран Нацрт-деловникот за работа на Советот за следење на реформата во правосудството, а веќе за следната недела е закажана нова средба на која ќе треба да се изгласа деловникот за работа, а ќе се разгледуваат и закони кои се во владина или во собраниска процедура.
Новиот Совет покрај Заев, го сочинуваат и министерот за правда, заменикот министер Оливер Ристовски, Јавниот обвинител, Љубомир Јовески, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, Народниот правобранител Иџет Мемети, претседателот на Здружението на судии, судијата на Врховниот суд Џемаили Саити, судијката Мирјана Радевска-Стефкова од Врховниот суд, Лидија Димчевска од Апелациониот суд во Скопје, Шефајет Хајдари од Апелациониот суд во Гостивар, Антонио Јолевски од Основното јавно обвинителство во Битола, Ристе Бојаџиски од Основното јавно обвинителство во Штип, Иван Џолев, претседател на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, Илир Сулејмани, претседател на Основниот суд Скопје 2 – Скопје, адвокат Александар Тумановски како претставник на Адвокатската комора на РМ, Гордана Лажетиќ, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Беса Арифи, вонреден професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, Жарко Хаџи-Зафиров, претставник на Блупринт групата на граѓански асоциации за правосудство, Миодраг Лабовиќ, професор на Факултетот за безбедност -Скопје, при Универзитетот „Св.Климент Охридски“ во Битола, адвокатите Звонко Давидовиќ од Скопје и Ибраим Бајрами од Тетово, Магдалена Несторовска, како претставник на Министерството за внатрешни работи, Марија Митевска од Министерството за финансии и Џелал Бајрами од Јавното обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

