Македонија
Советот ја прифати иницијативата за преземање на Универзална сала од страна на Министерството за култура

Советот на Град Скопје ја прифати иницијативата на советничката група на СДСМ за предавање на ингеренциите за проектот за реконструкција на Универзална сала на Министерството за култура, потврдија од владејачката партија.
Од СДСМ велат дека реконструкцијата на Универзална сала предолго време стои во место а за реализација на овој проект обезбедени се средства од државниот буџет.
„Универзална е симбол на Скопје, симбол на солидарноста и по реконструкцијата таа треба да им се врати на граѓаните како важен репрезентативен објект во главниот град. Неспособноста на локалната власт на ДПМНЕ е едно но СДСМ иако е опозиција во Советот, продолжува да работи за доброто на Скопје, за доброто на граѓаните.
Сега на потег е градоначалничката на Град Скопје“ велат од СДСМ.
Оттаму апелираат да се прифати одлуката на Советот и реконструкцијата на Универзална сала да ја преземе министерството за култура за овој проект да биде завршен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Топлотен бран ја зафаќа Македонија, температурите ќе надминат 40°C

Од утре Македонија ќе биде зафатена од нов топлотен бран.
Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи, времето утре ќе биде претежно сончево и исклучително топло, со слаб до умерен ветер од западен и југозападен правец. Утринските температури ќе се движат околу 10°C, додека дневниот максимум ќе достигне и до високи 40°C.
Во вторник, жештината ќе продолжи со иста интензивност – сончево време без врнежи, со минимални температури од 12°C и максимални до 41°C.
Среда носи слична слика – стабилно, сончево и жешко, со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Утринските температури ќе се бидат околу 11°C, а дневните ќе се искачуваат до 40°C.
Во четврток, се очекува живата во термометарот повторно да се искачи до максимални 41°C, што ќе биде четврти последователен ден со температури над 40 степени.
Министерството за здравство потсетува за почитување на општите препораки за заштита на населението од високи температури:
– Престојувајте во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11 до 17 часот;
– Внесувајте доволно течности избегнувајќи алкохол и засладени пијалаци;
– Носете лесна, светла облека и користете заштита за главата и за очите;
– Избегнувајте физичка активност во најтоплите часови од денот;
– Посветете внимание на децата, на старите лица, на лицата со хронични заболувања и на бремените жени – овие групи се особено чувствителни на високи температури;
– Во случај на симптоми, како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс, веднаш побарајте медицинска помош;
– Одложете активности на отворено во најтоплиот дел од денот;
– Обезбедете микроклиматски услови (разладени простории со температура до 25°C) на работното место и во домот.
Македонија
ЦУК: Седум активни пожари низ Македонија

Центарот за управување со кризи информира дека денеска се регистрирани вкупно 15 пожари на отворен простор, од кои 7 се активни, 2 се под контрола, а 6 се целосно изгаснати.
Активни пожари:
1. Општина Василево – с. Нивичино (нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација)
2. Општина Македонски Брод 1 – с. Грешница (мешана шума и сува трева)
3. Општина Македонски Брод 2 (реактивиран) – помеѓу с. Црешнево, с. Локвица, с. Крапа (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација)
4. Општина Прилеп – помеѓу селата Царевиќ и Смолани (мешана шума и нискостеблеста вегетација)
5. Општина Струга – помеѓу селата Октиси и Белица (сува трева)
6. Општина Ресен – с. Покрвеник (трски и сува трева)
7. Општина Маврово-Ростуше – с. Дуф (ливада)
Под контрола:
1. Општина Желино – с. Желино према Еребино – планина Жеден (нискостеблеста шума, грмушки и ниска вегетација)
2. Општина Велес – кај селата Џидимирци – Крушје – Иванковци (мешана нискостеблеста деградирана шума)
Изгаснати се пожарите во: Студеничани, Крушево, Македонски Брод, Куманово, Липково и Ранковце.
Македонија
(Фото) Успешна спасувачка акција на Пелистер

По пријава на повредено лице од страна на граѓанин преку телефонскиот број за итни повици 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побара организирано извлекување со хеликоптер на планинар од Велес, кој се здобил со повреда на Пелистер планина, во близина на Битола.
Во 12:30 часот успешно интервенираа припадници на Министерството за внатрешни работи, со хеликоптер и специјалната единица „Тигар“. Повреденото лице беше извлечено и безбедно транспортирано до Градскиот стадион во Битола, каде што беше преземено од екипа на Итната медицинска помош – Битола, и пренесено во Клиничката болница Битола, на Одделот за ортопедија.
Лицето во текот на целата акција било свесно и во контакт со спасувачките служби, велат од ЦУК.