Македонија
Сончево и многу топло со температура до 30 степени, од сабота локално невреме со дожд и град

Времето денеска претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 33 до 39 степени. УВ=9
Во Скопје: Сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од јужен правец и температура до 38 степени.
УХМР со информација дека до сабота ќе се задржи многу топло време со натпросечна температура и со умерен, а в сабота засилен јужен ветер.
Под влијание на атмосферски фронт во сабота попладне и во ноќните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на невреме со интензивен дожд за кратко време (над 20 л/м2 за 6 часа), силен ветер, поинтензивни електрични празнења и услови за појава на град.
Од недела следува посвежо време со умерен, повремено засилен ветер од западен и северозападен правец.
Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Одвоени средби на Муцунски со Ал Тани и Буршаков: нагласена потребата од продлабочување на економските и трговските односи

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на одвоени средби ги прими вршителот на должност во катарската амбасада во Скопје, Шеик Јасим бин Хамад Ал Тани, и амбасадорот на Република Казахстан во Скопје, Сатибалди Буршаков.
На средбата со вршителот на должност во амбасадата на Катар во Скопје, Шеик Јасим бин Хамад Ал Тани, беа потврдени традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете земји, при што беше нагласена заедничката заложба за динамизирање на политичкиот дијалог и размена на посети на високо ниво. Во делот на билатералната соработка, соговорниците ја истакнаа потребата од продлабочување на економските и трговските односи, како и од зголемување на обемот на катарски гринфилд и браунфилд директни инвестиции во нашата земја.
На средбата со амбасадорот на Република Казахстан во Скопје, Сатибалди Буршаков, соговорниците констатираа дека билатералните односи помеѓу двете земји се добри, при што ја нагласија потребата од нивно понатамошно продлабочување, особено во економската сфера, како и зајакнување на севкупната билатерална соработка во иднина. Беше изразено и заедничко задоволство од досегашната одлична соработка на мултилатерален план и меѓусебната поддршка на кандидатури во рамки на меѓународните организации. Министерот Муцунски и амбасадорот Буршаков разменија мислења и за други актуелни прашања од заемен интерес, изразувајќи уверување дека добрата соработка меѓу двете земји ќе продолжи со засилен интензитет.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Владата на СДС тврдеше дека нема да има нови блокади кон ЕУ за билатерални прашања, сега се демантирани и од ЕУ

Димитар Ковачевски како премиер и претседател на СДС тврдеше дека уставните измени се последна пречка за влез на Македонија во ЕУ. СДС водеше кампања со која не убедуваше дека само што не сме влегле во ЕУ, а пречка за тоа се уставните измени, после кои се ќе се смени, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ, додава тој, уште тогаш кажа дека СДС, Ковачевски, Маричиќ, Зечевиќ и Османи лажат. И дека уставните измени се само почеток на бугарските барања.
„Тоа што ВМРО-ДПМНЕ го зборуваше, сега го кажаа и од ЕУ, односно еврокомесарката Марта Кос, потврди дека нема гаранции дека ова се последните бугарски барања.
Еврокомесарката Кос кажа дека не може да потврди дека нема да има нови блокади заради билатерални прашања.
Каде се СДС сега? Каде се сокрија?“, праша Манасиевски. Според него, откако ја доведоа државата во безизлезна ситуација тие се кријат и молчат.
Македонија
Културните работници на протест: Се надеваме дека платата за март ќе ја добиеме барем пред првомајските празници, стигнаа нови насоки

Голем број вработени во институциите од културата денес точно напладне излегоа на протест пред Министерството за култура, кое ги принуди, велигденските празници, место со 10 отсто поголеми плати, да ги минат без плата. Со централен транспарент „‘Извини’, Зоки, ‘морално’ (ли) беше“ културните работници си ја побараа платата, која во согласност со колективниот договор треба да биде 10 отсто повисока поради зголемените животни трошоци. Додека тие пред Министерството за култура кажуваа дека неисплатената плата не е само административна измама туку правно и морално предавство и обвинија дека оваа власт само ја продолжува традицијата од претходните власти поради што тие секој април мора да протестираат, Министерството за култура подготви нов начин за пресметка на платите.

„Сега има нови насоки, на поинаков начин се пресметуваат тие 10 % од општиот колективен договор“, рече Вера Атанасовска, претседателка на СКРМ
„Добивме известување од сметководствените служби дека од страна на Министерството се доставени нови насоки за пресметка на плата, дека досегашните, каде што беше пресметана плата во согласност со колективниот и другите договори, не важат. Сега има нови насоки, на поинаков начин се пресметуваат тие 10 % од општиот колективен договор. Во моментот институциите не постапуваат по новите насоки бидејќи никому не му е јасно што треба да се направи во моментот. Се надеваме дека ќе добијат подетаљни насоки и се надеваме дека платата за март ќе ја добиеме барем пред првомајските празници“, рече Вера Атанасовска, претседателка на Синдикатот за култура на Република Македонија (СКРМ).
Вработените во институциите од културата, кои сѐ уште немаат плата за март, добија безрезервна поддршка од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, и на сегашниот министер за култура, исто како и на претходната министерка, му порача дека со протестот културните дошле кај некултурните во Владата. „Жал ми е што до вчера министерот седеше рамо до рамо со вас, но како министер со 79 % зголемена плата се бори против вашите плати предвидени со колективните договори, што лично сметам дека е срамно“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.

„Лично сметам дека е срамно што министерот со 79 % зголемена плата се бори против вашите плати“, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов
Тој ги повика вработените во културните институции на Први мај да му се придружат на протестот на ССМ.
„Дојдовме 300 луѓе пред три недели на протест – се исплашија. Денеска сме 3.000 – уште повеќе се плашат и им кажавме дека ќе дојдеме и 30 илјади. Нѐ бројат наместо да ни платат плати. Почитуван министре, луѓето очекуваат платата да им се исплати уште денес во согласност со колективниот договор, доколку не, како што ѝ порачавме и на претходната министерка, ќе ви порачаме и вам – ако не го направите Вие тоа, ќе го направи некој следен министер“, рече Трендафилов.
Со скандирање „Правда, правда“ и интонирање на државната химна заврши денешниот протест на културните работници, кои рекоа дека излегуваат на улица оти Министерството не ги слуша кога се обраќаат преку институциите.