Македонија
Сончево и топло време, попладне појава на краткотраен пороен дожд и грмежи
Сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец. Попладне ќе има изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 14, а максималната ќе достигне од 21 до 29 степени.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност и со умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Во деновите од викендот ќе преовладува променливо облачно време, наместа нестабилно со пороен дожд, грмежи и локална појава на невреме. Во понеделник се очекува преодно стабилизирање на времето, а од вторник во попладневните часови повторно ќе има изолирана појава на пороен дожд и грмежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Извршниот и централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ заседаваат за кадровскиот состав од партијата
Извршниот и централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска заседаваат за кадровскиот состав од партијата за владата што ќе го предложи мандатарот и лидер Христијан Мицкоски. Откако предлозите ќе поминат на Извршен, а ќе заседава Централниот комитет.
После еден час, односно во 20:00 е закажана прес-конференција на мандатарот на која ќе ја запознае јавноста со имињата на министрите и замниците министри кои ќе бидат дел од предлогот што ќе го достави до Собранието.
За вторник се очекува Мицкоски да го достави предлогот до Законодавниот дом, а следниот викенд да се гласа владиниот кабинет.
Македонија
Силјановска-Давкова од Швајцарија: Тековната војна во Украина нè засега сите нас
Во обраќање на пленарната сесија на Самитот за мир во Украина, што викендов се одржува во Бургеншток на езерото Луцерн во Швајцарија, претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова истакнала дека тековната војна во Украина нè засега сите нас.
Како што соопшти Кабинетот на Силјановска-Давкова, таа оценила дека Украина е изложена на огромно човечко страдање и уништување, дека безбедносната архитектура на Европа е под закана, а на глобално ниво животите на милиони луѓе се засегнати од тешките економски последици.
„На најсилен можен начин ја осудуваме неиспровоцираната и неоправдана агресивна војна на Русија и ја поддржуваме Украина на најдобар начин, дури и повеќе од она што го дозволуваат нашите ограничени капацитети, ресурси“, истакнала претседателката Силјановска-Давкова.
Нашата држава, посочила претседателката, се приклучи кон Кримската платформа и целосно се усогласи со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, „а Украина беше главен приоритет за време на македонското претседавање со ОБСЕ во 2023 година“.
На хуманитарен план, како што рекла, „се приклучивме на меѓународната коалиција за враќање на украинските деца и обезбедивме цивилна поддршка и итна помош за Украина и за украинските бегалци. Како поддршка на евроатлантските аспирации на Украина испративме воена опрема преку Пакетот за сеопфатна помош на НАТО“.
„Како суверена нација, само Украина може да одлучи за својата иднина. Од Украина зависи кога и како ќе ја ангажира Русија за евентуално усогласено решение. Праведниот мир мора да биде вкоренет во принципите на Повелбата на ОН за суверенитет и територијален интегритет. Обидот на Русија да стекне територија со сила е флагрантно кршење на овие основни начела. Кога опасните преседани остануваат неоспорени, тие можат да се претворат во толерирани практики. Компромисите со меѓународното право и принципи можат да го компромитираат европскиот, па дури и светскиот мир и безбедноста. Единствениот начин да се избегне ова е да се почитува Повелбата на ОН и принципите на меѓународното право, без исклучок“, нагласила претседателката Силјановска-Давкова, истакнувајќи дека воздржувањето од употреба на сила, почитувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите, и заштитата на човековите права и основните слободи, се цврсти принципи за кои не може да се преговара.
Претседателката Силјановска-Давкова во обраќањето денеска, наведува нејзиниот Кабинет, посочила дека „додека се развива рамката за иден мировен договор, ќе продолжиме да ја поддржуваме слободна, независна, демократска и суверена Украина“.
Македонија
Ангелов бара кружен тек кај „збунувачката“ крстосница со чести сообраќајки во населба Аеродром (ВИДЕО)
Центарот за управување со кризи, по барање на граѓани, поднесе иницијатива да се изгради кружен тек или итно да се постават семафори на крстосницата на бул. Васко Карангеловски во населбата Аеродром. За директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов оваа крстосница е „по малку збунувачка“ за учесниците во сообраќајот.
„Повеќемина граѓани со повик на единствениот број 112 во ЦУК, преку медиумите и преку социјалните мрежи побараа итно поставување на семафори или изградба на кружен тек на крстосницата на бул. Васко Карангелески, пред објектот на СВР Скопје. Иако има соодветна сигнализација крстосницата е збунувачка и предизвикува нејаснотии кај учесниците во сообраќајот околу првенството на премин поради што за краток период се случија четири сообраќајни несреќи“, изјави Ангелов.
Додава дека ЦУК поднесе иницијатива до Град Скопје и одржа една координативна средства на којашто е добиено известување дека се работи на планирање за поставување на семафори.