Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, од утре многу топло време

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северoзападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Особено топло време се очекува во текот на следната работна седмица, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, на повеќе места ќе надминува 35°C, а наместа ќе биде и над 40°C.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС да престане да манипулира, Владата веќе ги зголеми пензиите за 5.000 денари за една година

ВМРО-ДПМНЕ реагира на прес-конференцијата на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„СДС ја измами секоја категорија на граѓани во државата.
Сега преку вакви прес-конференции повторно се обидува да манипулира со фактите.
Кога станува збор за пензионерите, СДС ги занемаруваше оние со најниски пензии.
ВМРО-ДПМНЕ им ги зголеми пензиите на пензионерите за за 5.000 денари линеарно и ова важи за сите пензионери, во една година.
Во моментов Владата на ВМРО-ДПМНЕ работи на анализа за да ги зголеми повторно пензиите, оваа есен по 1000 денари, а и 1000 денари дополнително на пролет. Тоа се уште 2000 денари линеарно зголемување за сите пензионери во наредниот период. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски и ќе биде реализирано веќе за следното есенско покачување на пензиите.
Пензионерите ја поддржуваат политиката на ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа се потврдува и со чекорот што Партијата на пензионерите го напушти Филипче, и премина на страната на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што е и повеќе од јасно дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги исполнува своите ветувања“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Полицискиот хеликоптер исфрли повеќе од 35 тони вода врз пожарот во струмичко

Денеска од утринските часови хеликоптерот на Министерството за внатрешни работи Бел 412 интензивно е активен во гасењето на пожарот во струмичко.
Притоа до сега исфрли повеќе од 35 тони вода.
Активностите продолжуваат се до целосно гасење на пожарот, информираат од МВР.
Македонија
СДСМ: Жолтите комбиња се вратија, ВМРО-ДПМНЕ во параноја и процес за дефокус од реалните проблеми

Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ се фатени во скандали, криминали или кога ќе доживеат дебакл на меѓународна сцена измислуваат „теории на заговор“ за дефокус од нивната неспособност, реагираат од СДСМ на прес-конференцијата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
„Жолтите комбиња од времето на Груевски се вратија! ВМРО-ДПМНЕ нема одговор за криминалот, за неспособноста, за разочарувањата што им ги приредија на граѓаните, за неисполнетите ветувања. Затоа е оваа параноја и измислени фантазии. Тоа што овој пат го обрале токму Миле Лефков, кој наместо да се сокрие по сите негови глупости, кажува се. Единствени кои веќе нанесоа штета и веќе одработија против македонските интереси се ВМРО-ДПМНЕ и Тимчо Муцунски. Затоа, после дебаклот во Европскиот парламент и блокадата на европскиот пат, секоја прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ станува театар на апсурдот. Време е ВМРО-ДПМНЕ да се спушти на земја – Македонија не е филм, туку држава со напатени граѓани со реални проблеми кои бараат реални решенија. Граѓаните не се наивни, жолтите комбиња можеби се вратија, ама граѓаните доверба во вакви будалаштини – никогаш нема да имаат“, стои во реакцијата на СДСМ.