Македонија
Сопругата на Пендаровски и сопругите на амбасадорите се вклучија во акцијата „Црвен аларм за женското срцево здравје“
Сопругата на претседателот Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, заедно со сопругите на амбасадорите акредитирани во државата, и амбасадорката на Украина, активно се вклучија во акцијата за јакнење на свесноста за женското кардиоваскуларно здравје „Црвен аларм за женското срцево здравје“.
Со личен пример, преку прегледи и разговори за ризиците од ова заболување, се заложија за промена на погрешната перцепција дека кардиоваскуларните болести се болест ексклузиво само за машката популација. На настанот беше истакнато дека болестите на срцето се за осум пати поголема причина за смртност кај жените во споредба со карциномот на дојка. Токму затоа, превенцијата е од исклучително значење, истата треба да почне што порано во животот на младите жени.
Ѓоргиевска посочи дека ова е здравствен проблем и тема што досега се занемарени и се во сенка на други болести кои не се поубиствени од болеста на срцето, но многу повеќе се експонирани и застапени во јавноста низ разни акции.
„Јас сум тука заедно со дел од сопругите на амбасадорите, акредитирани во Република Северна Македонија, да дадеме поддршка за акцијата Црвен аларм за женското срцево здравје, која ќе трае во наредните три месеци, до 1 февруари. Сакам да апелирам до жените на која било возраст да отидат во нивните семејни амбуланти и да извршат скрининг, односно проценка на ризикот за кардио-васкуларни заболувања, бидејќи, за жал, иако сметаме дека карциномот на дојка е еден од најголемите убијци на жената, смртноста од кардио-васкуларни проблеми е драстично поголема. Ако смртноста од карцином на дојка е еден наспрема 31, смртноста од кардиоваскуларни болести е еден наспрема три“, изјави Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот на Република Северна Македонија.
Акцијата ќе се одвива три месеци, до февруари наредната година, поточно до Денот на одбележување на женското срцево здравје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојаноски за платите на функционерите: се намалуваат за над 10.000 денари, законското решение е согласно Устав
„Поднесовме предлог на измена на шест закони, со овој пакет на закони се опфаќаат Законот за пратениците, Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија, Законот за платите на јавните обвинители, Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, Законот за платите на судиите, Законот за платите на членовите на судскиот Совет, со коешто се воспоставуваат реални висини на плати“, истакна Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница во Собранието.
Стојаноски објасни дека со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите и дека ова законско решение е во согласност со Устав и не може да биде обжалено пред Уставниот суд.
„Со овие предложени решенија се врши интервенција во коефициентите, со што се обезбедува национално користење на средствата од Буџетот на Република Македонија. Ова законско решение е во согласност со Уставот, и е единствено законско решение коешто може да влезе во уставната рамка и потоа да не биде обжалено на Уставниот суд“, рече Стојаноски и додаде:
„Со овие измени одредени позиции се намалуваат коишто се во следниов правец. За пратениците и функционерите во извршната власт ги намалуваме коефициентите со што директно го кратиме буџетскиот товар, за судиите и јавните обвинители предвидуваме усогласување на коефициентите со цел нивните плати да бидат во корелација со реалните економски можности на државата, додека за градоначалниците предлагаме нова скала на коефициенти, зависно од бројот на жители во општините. Доколку овие измени денеска бидат усвоени во Собранието, платите ќе се нивелираат со што значи на сите овие функционери коишто се под овие шест закони, платата ќе се намали од 10 до 13.000 денари“.
Македонија
Бесплатен логопед за децата од Општина Аеродром
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска потпиша меморандум за соработка со здружението „МЕГАЛОГОМЕД ГЛАС – Скопје“, со што се овозможува индивидуални логопедски и дефектолошки третмани за деца со развојни потешкотии и деца со попреченост.
Со ова, децата од Аеродром добиваат бесплатен пристап до стручна логопедска поддршка, рано препознавање на развојните предизвици и навремена интервенција — важен чекор за нивниот правилен развој, сигурност и самодоверба.
Услугата ќе биде бесплатна за лицата што ќе добијат соодветна препорака од Центарот за социјална работа на Град Скопје, а корисници ќе можат да бидат лица со валидна документација согласно со Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ).
„Обезбедуваме и поддршка за родителите преку советување и насоки, со цел секое семејство полесно да стигне до потребната стручна помош без дополнителни финансиски оптоварувања“, вели Митевски.
фото/Depositphotos
Македонија
Политичарите да се воздржат од коментирање на одлуката за притворот на Груби, апелира Здружението на јавните обвинители
Здружението на јавните обвинители апелира до сите политички партии и функционери да го почитуваат и да не го загрозуваат начелото на поделба на власта и да се воздржат од јавна реторика со која ја нарушуваат самостојноста на јавните обвинители во одлучувањето.
Од таму велат дека во изминатите денови сведоци сме на неодговорни изјави со кои одредени политичари селектираат и прозиваат поединечни јавни обвинители, коментирајќи ги јавнообвинителските одлуки без воопшто да бидат запознаени со конкретен предмет и доказите.
„Ова кулминираше во политичките коментари во однос на определена мерка куќен притвор за еден од осомничените во предметот “Државна лотарија”. Ваквата јавна реторика мора да престане, а останатите институции да дозволат обвинителите непречено да постапуваат и да одлучуваат. Здружението на јавните обвинители е професионална организација, која нема овластувања да интервенира или да ги коментира одлуките на јавните обвинители при работата на конкретни предмети. Но, Здружението има право и обврска да ја заштити самостојноста на обвинителите кои стручно и одговорно ја вршат својата функција и да се бори за соодветни услови во кои тие ќе работат непречено“, се наведува во соопштението.

