Македонија
Сојузниот министер за храна и земјоделство на Германија ја посети Македонија првпат од осамостојувањето
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, имаше чест да му биде домаќин на сојузниот министер за земјоделство и храна на Сојузна Република Германија, Џем Оздемир. Ваква посета од федерален министер за земјоделство се случува првпат по повеќе децении од осамостојувањето на Северна Македонија и далеку пред тоа.
Претставници на германското Министерство за храна и земјоделство, предводени од сојузниот министер Оздемир, денеска се во еднодневна посета на нашата држава. Притоа ќе посетат фарма и мала семејна винарница. Ќе дегустираат домашна македонска храна и ќе се запознаат со млади земјоделци и жени земјоделки.
Во рамките на посетата се одржа билатерална средба помеѓу министрите на која се разговараше за резултатите од досегашната соработка и придобивките за македонското земјоделство од ваквата значајна поддршка што ја добиваме од германската влада. Двајцата министри разговараа и за идните планови за подобра реализација на европската зелена агенда, Берлинскиот процес и можностите за македонското земјоделство со членство на нашата држава во Европската Унија.
„Нашата соработка е на високо ниво, поддршката што ја добиваме од германската влада се однесува на многу значајни проекти, кои придонесуваат за поголем развој на земјоделското производство. Трговската размена на земјоделски прехранбени производи со Германија од 2020 година до сега бележи значителен пораст и има зголемен интерес за соработка помеѓу македонските и германските компании. Она што особено ме радува е што денеска министерот Оздемир ми потврди дека тие ќе нè поддржат во спроведувањето на реформите во шумарството и остварувањето на зелената агенда, која е во согласност со европската заедничка аграрна политика“, истакна министерот Николовски.
Сојузниот министер за храна и земјоделство, Џем Оздемир, во своето обраќање истакна дека иднината на Северна Македонија е во Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

