Македонија
Со поддршка на швајцарската влада ќе се подобрува управувањето со подземните води
Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, и амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, Вероник Улман, учествуваа и имаа свои обраќања на воведниот настан за имплементација на програмата за управување, користење и заштита на подземните води во Република Северна Македонија.
„Денес сме тука на почетокот на уште една соработка, овој пат насочена кон обезбедување на одржливо управување со подземните води како ресурс, што е од исклучително значење не само за одржливиот развој на државата туку и генерално за опстанокот на екосистемите, особено во услови кога се видливи последиците од променливата клима“, истакна министерката Шукова во својот воведен говор.
Таа објасни и дека програмата за управување, користење и заштита на подземните води е конципирана врз принципите на современи концепти и пристапи за управување со подземните води, кои се фокусираат на ефикасно спроведување и одржливо користење на ресурсите.
„Од програмата очекуваме поддршка во воспоставувањето долгорочно, повеќестепено и системско управување со подземните води, што ќе овозможи заедничко, ефективно и транспарентно управување со подземните водни ресурси“, рече министерката Шукова додавајќи дека за нејзина успешна реализација потребни се координирани акции во повеќе правци вклучувајќи целосно усвојување и имплементирање на законодавната рамка за води и релевантните директиви на ЕУ, како и континуирано инвестирање во едукација на експерти за подземни води, кои ќе бидат клучен двигател кон одржливото управување со подземните води во Северна Македонија.
Амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, Вероник Улман, истакна дека во текот на последните дваесет години Швајцарија инвестира во нашата држава за подобрување на пристапот кон вода за пиење, финансирање на капацитетите за прочистување вода и заштита на животната средина.
„Со оваа нова програма ќе ја поддржиме Северна Македонија во подобрување на управувањето, користењето и заштитата на подземните води на одржлив и транспарентен начин“, рече таа.
Целта на програмата е да ја поддржи Северна Македонија во воспоставување долгорочно, повеќестепено и системско управување со подземните води и да ги подобри капацитетите на државните служби, на давателите на услуги, како и на граѓанското општество, да ги спроведат одредбите за интегрирана рамка во управување со водите во согласност со барањата на правото на ЕУ за животната средина.
Вкупно предвидените средства за реализација на програмата се во висина од 530 илјади швајцарски франци. Програмата е конципирана како десетгодишна програма, а имплементацијата на првата фаза треба да заврши до декември 2027 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права
Владата на денешната 141 седница беше информирана за текот на постапката за номинирање кандидати за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права.
Во таа насока, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја презентираше Информацијата за реализираните активности, согласно известувањето доставено од Комисијата за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, со кое се информира за предлогот на Комисијата за избор на тројца кандидати: Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски.
„По разгледувањето, Владата ја усвои Информацијата, по што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како надлежна институција задолжена за спроведување на административните и техничките активности во постапката, ќе продолжи со обезбедување мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа, во однос на исполнувањето на пропишаните критериуми од страна на предложените кандидати“; соопштија од Владата.
По добивањето на мислењето од Меѓународниот советодавен панел, Комисијата ќе ја достави листата со тројца кандидати до Владата, по што конечната листа ќе биде проследена до Парламентарното собрание на Советот на Европа.
фото/Depositphotos
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.

