Македонија
Со чартер-лет од Лондон се вратија 130 македонски граѓани
По девет чартер-лета за враќање македонски државјани од Малта, Хрватска, Словенија, Германија, Австрија и од Швајцарија, денеска, во соработка со македонската амбасада во Лондон, Генералниот секретаријат на Владата, МВР и Министерството за здравство, МНР организира чартер-лет за враќање на затекнатите граѓани во Обединетото Кралство.
Од аеродромот „Лутон“, во близина на Лондон, со лет на „Визер“ вратени се 130 македонски граѓани, а на летот кон Скопје, во соработка со британската амбасада во земјата, беа превезени 60 странски државјани од Обединетото Кралство, САД и од Австралија.
„Денеска, се организира четвртиот по ред хуманитарен конвој, овој пат од Босна и Херцеговина и Црна Гора, со што во земјата ќе се вратат вкупно 64 македонски граѓани со 19 возила“, соопшти МНР.
Во изминатите неколку дена, во соработка со министерствата за надворешни работи на повеќе држави и во координација со нашите дипломатско-конзуларни претставништва, на 30 наши граѓани од САД и Австралија им беше обезбедено непречено да транзитираат низ неколку држави со цел да дојдат до финалната дестинација, аеродромите во Софија и Солун.
Со ова, вкупниот број репатрирани граѓани во нашата земја, заклучно со денес, е 2.431.
Министерството за надворешни работи упатува благодарност кон надлежните власти во Бугарија, Грција, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Швајцарија, САД, Австралија, Холандија и во Велика Британија за соработката и обезбедување непречен транзит, како и за и целокупната поддршка во овие отежнати околности.
МНР продолжува со напорите за враќање во земјата на затекнатите македонски граѓани во странство; во следните денови предвиден е и чартер-лет за репатријација од Белгија и Франција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

