Македонија
Спасовски во посета на ИКТ-центарот: Изградивме капитален објект од дигиталната инфраструктура
Mинистерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заедно со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и министерот за транспорт и врски, Благоја Бочварски, го посети ИКТ-центарот за обновување од катастрофи и обезбедување континуитет со работата во Прилеп, чија изградба беше промовирана пред 4 години, а е во рамките на истоимениот проект финансиран со средства од Програмата за претпристапна помош на Европската Унија – ИПА.
„Токму овој центар, кој веќе подолго време е целосно оперативен и функционален, претставува реален производ на таа наша определба за континуирано градење дигитална инфраструктура. ИКТ-центарот претставува бекап, односно резервна база за клучните витални информациски системи во земјата, кој гарантира дека тие ќе функционираат доколку од какви било причини е загрозена работата на примарниот информатички систем и исто така ќе ги зачува податоците во случај на природни или катастрофи предизвикани од страна на човечки фактор и ќе овозможи компатибилна размена на информации со другите институции. Особено задоволство претставува фактот што изградбата на ваков центар е прв случај во поширокиот регион една државна институција да гради модерен објект за свои потреби“, рече Спасовски додавајќи дека покрај МВР, ИКТ-центарот го користат повеќе државни институции, меѓу кои и Центарот за управување со кризи, Државниот завод за статистика и Царинската управа на РСМ, интерес за негово користење изразија и повеќе министерства и агенции, a постои отвореност за соработка и со сите други субјекти и институции.
Овој капитален проект, како што беше речено, претставува заокружување на дигиталната трансформација на процесите на МВР реализирани во периодот од 2017 до денес со цел зголемување на ефикасноста и гарантирање на безбедноста, но, пред сѐ, давање одговор на барањата на граѓаните за јавни услуги. Дигиталната трансформација отвора можности и за транспарентен и респонзивен систем, подобрување на услугите кон граѓаните, бизнисите и администрацијата, односно сервисна ориентација на МВР во согласност со концептот „Полицијата – сервис на граѓаните“.
„Во рамкте на овој процес МВР е поврзано на Платформата за интероперабилност, преку која активно разменува податоци со другите институции, а се зголемува и бројот на услуги од МВР на Националниот портал за електронски услуги. Воведен е и интегриран полициски систем за евиденција на инциденти, документи и активности на полицијата поврзани со оружје, како и нов систем за регистрирање и управување со оружје, со кој се опфатени и физички и правни лица. Со софтверското решение – преземање царинска декларација – направивме дигитализација и на процесот на регистрирање возила што се увезуваат од странство“, рече Спасовски. Притоа тој појасни за ТЕТРА-системот за кој се користи и ИКТ-центарот во Прилеп, кој е меѓу 40-ината реализирани проекти на МВР благодарение на ИПА-средствата од пристапната помош на Европската Унија, а преку кој се врши координација и комуникација на сите полициски службеници во Министерството, но и на други државни институции, кои се дел од јавната безбедност: противпожарни единици, Армијата на РСМ, Центарот за управување со кризи и единствениот број за итни повици Е-112, Итната медицинска помош, АНБ и др.
Спасовски додаде дека овие големи капитални проекти на МВР, вклучително и неодамна промовираниот нов објект на Одделот за форензички испитувања со потребните лаборатории, се реализирани благодарение на поддршката на Европската Унија и учество на буџетски средства.
„Тоа е најдобриот начин да ги воведеме европските стандарди дома, но и да овозможиме Република Северна Македонија да биде способна да се приспособи на непредвидливата, комплексна и променлива безбедносна реалност. За да ги заштитиме животите и имотот на нашите граѓани и институции, нашиот одговор мора да биде брз, ефикасен и координиран со меѓународните пријатели и партнери. Токму тоа и го правиме!“, рече Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

