Македонија
Спасовски: Ветуваме дека ќе обезбедиме просечна плата од 1.100 евра
Носителот на листата за ИЕ 2 на Коалицијата за европска иднина, Оливер Спасовски, денеска се обрати на прес-конференција која се одржа во Скопје.
„Европската иднина значи европски животен стандард за сите граѓани, европски плати и пензии, пристап до европскиот пазар и развој на микро, малите, средни и големи компании, шанса за надминување на рекордот што го постигнавме во странски инвестиции. Значи европски квалитет на услуги и задолжителна реформа на правосудниот систем по европски пракси”, порача Спасовски, додавајќи дека тоа практично значи имплементирање на европските стандарди во сите сегменти на живеење.
„Ние ветуваме дека ќе обезбедиме просечна плата од 1.100 евра, минимална плата од 600 евра, просечна пензија од 30.000 денари, минимална пензија од 20.000 денари, нови 180 милиони евра државна помош за домашните фирми, нови странски инвестиции и кажуваме како. Веднаш по формирањето на новата Влада ќе ги продолжиме преговорите со Европската Унија, ќе ги завршиме во текот на следниот мандат и до 2030 година ќе влеземе во ЕУ”, рече Спасовски, наведувајќи ги придобивките од членството во НАТО.
„Видовме што донесе членството во НАТО. Донесе највисоко ниво на странски директни инвестиции од 754 милиони евра, во најкризната година 2022 година за целиот свет. Речиси двојно повеќе странски директни инвестиции од 2016 година, кога изнесуваа 338 милиони евра. Донесе повеќе пари во државниот буџет. Од нив, со над 100 милиони евра поддржавме над 919 компании, што значеше поттик на 500 милиони евра нови инвестиции во домашната економија. Инвеститорите сакаат стабилен и безбеден амбиент за вложувања. Европската Унија сега има удел околу 65% од вкупниот број на странски директни инвестиции. И овој процент очекувано ќе се зголеми со полноправното членство”, истакна Спасовски, додавајќи дека членството во ЕУ носи нови инвестиции.
„Како членка на Унијата, меѓу европските држави, дополнително ќе ја зацврстиме стабилноста во Македонија. На овој начин ќе привлечеме нови странски инвестиции. Ќе овозможиме излез на домашните компании на европскиот пазар од 500 милиони луѓе и нивен сигурен развој. Така ќе постигнеме европски приходи и европски животен стандард во нашата држава. И тоа во предвидлив рок, во следните 4 години”, рече Спасовски.
Спасовски се осврна на немањето на став во редовите на опозицијата по прашањето за членство на Република Северна Македонија во ЕУ.
„На спротивната страна од нашата европска визија е нејасен концепт на деструктивната опозиција, на чело со наследниците на Никола Груевски и Хрустијан Мицкоски, кои претендираат да се дограбат до власт со квази партиотизам што носи нови години, можеби и децении неизвесна иднина, опасност, нестабилност. Тие имаат нејасни и променливи ставови за Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство, Рамковниот договор. Водејќи се од штетни популистички политики, за теснопартиски интереси се подготвени да ги закочат евроинтеграциите. Со тоа што ќе ги доведат во прашање стартешките партнерства со државите од ЕУ, САД и НАТО, кои се најголемите инвеститори во државата, ја носат земјата во изолација. На овој начин ќе ја загрозат и егзистенцијата на граѓаните и на фирмите. Ако не е така, тогаш нека бидат чесни и нека кажат – каква иднина ќе градат, ако таа не е европска? Бидејки, граѓаните имаат право да знаат што ги чека. Но не кажуваат”, рече Спасовски, додавајќи дека само со СДСМ и европската коалиција граѓаните добиваат европска иднина и ги остваруваат стратешките интереси важни за граѓаните и државата.
„Со СДСМ и европската коалиција, граѓаните знаат – ги чека европска иднина.
Но, сите искусивме и знаеме што значи неевропска и недемократска власт. Значи повторно уназадување на слободата на говор и на демократијата, за да не се слуша што се прави. Закани за затворања медиуми, фирми и поединци неистомисленици. Изолација од демократскиот свет. Во предизборната реторика го враќаат на преиспитување и „Рамковниот договор“, а овие несериозни и штетни неевропски наративи се закана и за домашна дестабилизација и враќање назад, во мрачното минато од кое едвај излеговме. Ја вративме слободата во 2017 година. Обезбедивме домашна стабилност со концептот Едно општество за сите. Станавме членка на НАТО. Ги отворивме преговорите со Европската Унија. Ги осигуравме територијалниот интегритет и идентитет. Јас сум првиот кој од позицијата министер за внатрешни работи, пред една година го потпишав првиот договор со ЕУ, на македонски јазик! Пример сме успешна мултиетничка демократија и денес и ние сме ѝ потребни на Европа во актуелниот геополитички контекст. Ова е момент за европска иднина што не се пропушта.
Во среда, на 24 април да гласаме за број 1 – за нов мандат на Стево Пендаровски. Следната среда, на 8 мај да гласаме за број 1 – за нов мандат на Социјалдемократскиот сојуз, преводник на новата проевропска влада и на европските промени”, подвлече Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Парите на граѓаните кои ваделе пасош си ги ставал во џеб, кривична пријава за вработен во одделот за издавање документи во Штип
Вработен во Одделението за управни работи Штип ги лажел граѓаните кои ваделе пасош дека не работи пост терминалот за наплата со картичка и им барал кеш. Наместо да ги уплаќа парите на жиро сметка на МВР, тој си ги земал за себе.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство Штип поднесе кривична пријава против М.С. на работно место советник за управни работи за Штип во Одделението за управни работи Штип при Одделот за граѓански работи, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „проневера во служба“.
Според информациите на МВР, пријавениот М.С. во период од 01.01.2025 до 30.06.2025 присвоил пари доверени во службата, така што во повеќе наврати од граѓаните-баратели на услуги за издавање на патна исправа, искористувајќи го нивното непознавање на законските прописи во МВР, барал од истите да му дадат пари на рака при поднесување на барање за патна исправа, под изговор дека можноста за плаќање на пост терминалот со платежна картица во моментот не е во функција и дека е потребно да платат пари во кеш.
Граѓаните на рака му давале пари во износ колку што чини услугата, а дадените пари подоцна пријавениот требало да ги уплати на жиро сметка на МВР, како и да изврши уплата за административна такса на жиро сметка на Буџетот на РСМ, но пријавениот иако ја завршил постапката и на граѓаните им издал лични документи-пасоши, во наведениот период не ги уплаќал доверените пари, туку си ги присвоил за себе.
Одделот за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди против М.С. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка.
Македонија
СДСМ: Кампањата против предметите на СЈО е дел од операција за враќање на Груевски
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, изјави дека е во тек координирана политичка операција чија цел е враќање на поранешниот премиер Никола Груевски и целосно уривање на правниот систем во државата.
„Откако ги видовме резултатите од истражувањата во Унгарија, станува извесно дека блискиот пријател на Мицкоски, Виктор Орбан, може да се соочи со пораз на изборите. Тоа го виде и Никола Груевски“, рече Кузеска.
Според неа, наместо да одговара пред правосудните органи, ВМРО-ДПМНЕ му подготвува враќање на Груевски „во Белата палата“.
„Така изгледаат реформите во ВМРО. Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренција – се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски. Мицкоски е само чувар на фотелјата“, рече таа.
Кузеска посочи дека клучниот чекор во ова сценарио е нападот врз Специјалното јавно обвинителство и пресудите кои произлегоа од неговата работа.
„Преку орбановите медиуми во Македонија, особено преку телевизијата Алфа, веќе се води црна кампања со наратив за ‘политички прогон’ и ‘монтирани случаи’. Целта е јасна – дискредитација на предметите, релативизирање на пресудите и подготовка на терен за нивно поништување“, изјави Кузеска.
Таа додаде дека не станува збор за случајна медиумска офанзива, туку за организиран обид да се избрише одговорноста за криминалот на поранешната власт и бегалецот Груевски да се прикаже како жртва.
„Истовремено, се носат решенија во правосудството спротивни на европските препораки, се поставуваат партиски луѓе на клучни позиции и се слабее институционалната независност. Сè со една цел – да се обезбеди безбеден терен за враќање на ’газдата‘“, порача таа.
„Ова не е внатрепартиска работа на ВМРО. Ова е директен напад врз владеењето на правото и европската перспектива на државата“, додаде Кузеска.
Македонија
Нови возила и опрема за „Јасен“ во рамки на проектот за превенција од шумски пожари
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со заменик претседателот на Владата за политички систем, Љупчо Димовски и директорот на Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје „Јасен” – Скопје, Ангеле Сотировски, извршија увид во активностите на проектот WILD-A – Превенција и управување со шумски пожари во прекуграничната област како средство за адаптација кон климатските промени.
Проектот се спроведува во рамките на првиот повик од ИПА III – Програмата за прекугранична соработка со Република Грција, како соработка меѓу четири организации од двете земји. Партнери од македонска страна се ЈПУЗПП „Јасен“ и Балканската фондација за одржлив развој.
Вкупниот буџет за македонските партнери изнесува 458.370 евра, од кои 91.674 евра се обезбедени како национално кофинансирање од Министерството за локална самоуправа.
„Пожарите, особено во летниот период, кои оставаат пустош зад себе, како што сведочевме и минатата година во „Јасен“, предизвикуваат големи еколошки и економски штети. Нашата обврска е навремено да инвестираме во превенција и подготвеност за ваквите штети да ги спречиме, а не само да ги санираме.“, посочи министерот Перински во рамки на посетата.
Преку проектот во областа „Јасен“ се зајакнуваат мерките за противпожарна заштита со набавка на специјализирани возила и опрема, вклучително противпожарно возило со голем капацитет за вода, две теренски возила со интегрирани пумпи, возило за интервенции во мала инфраструктура за заштита од пожари (багер со лопата), оптички систем за надзор со долг дострел како и опрема за мали инфраструктурни интервенции. Како дел од активностите се предвидува и обезбедување научна експертиза, спроведување истражувања за мерки за заштита од пожари и поддршка на кампањи за подигање на јавната свест.
„Со заедничка соработка, знаење, технологија и посветеност, ние не само што ги намалуваме ризиците од шумски пожари, туку ја поттикнуваме интеграцијата, одговорноста и активното учество на локалната заедница.“ истакна Ангеле Сотировски, директор на „Јасен“.
Шумските пожари се сè поголем предизвик во услови на климатски промени, а овој проект носи конкретни решенија за превенција, рана детекција и заштита на биодиверзитетот.

