Македонија
Спасовски на откривање спомен-обележје во чест на осумте загинати припадници на МВР во кумановското Диво Насеље: Хероите живеат вечно
Во рамките на одбележувањето 22 години од формирањето на Единицата за брзо распоредување, во кругот на СВР Куманово, од страна на министерот Оливер Спасовски, во присуство на семејствата на загинатите припадници од ЕБР и САЕ „Тигар“, беше откриено спомен-обележје во чест и вечен спомен на загинатите припадници на македонската полиција, кои ги положија животите во 2015 година во вооружена престрелка со терористичка групација во кумановското Диво Насеље, а во одбрана на Куманово и татковината.
По откривањето на спомен-обележјето, од страна на министерот Спасовски делегациите и присутните оддадоа почит кон загинатите припадници на македонската полиција и положија свежо цвеќе на споменикот подигнат во нивна чест и сеќавање.
Во своето обраќање пред присутните министерот Спасовски потсети на кумановските настани од 2015 година.
„Никогаш нема да се заборави оној кобен мај 2015 година кога осумтемина припадници на МВР овде, во Куманово, го покажаа врвот на патриотизмот, жртвувајќи ги своите животи во вооружениот терористички напад во Диво Насеље“, рече министерот Спасовски додавајќи дека ништо не е исто п тој ден, за семејствата, за другарите и за колегите од Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и од Единицата за брзо распоредување, чии припадници беа.
„Бидејќи болката никој не може да ја залечи, а длабоката почит кон нив останува засекогаш. Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ се нашите херои, кои го дадоа својот живот за нешто поголемо од себе. А нема ништо поблагородно од жртвувањето на животот за својата татковина. И знам дека ова знаме на јарболот, наше, македонско, не се вее од ветерот, туку од последниот здив на секој наш припадник, кој загинал чувајќи го!“, рече министерот Спасовски потенцирајќи дека спомен-обележјето е направено заедно со Македонскиот полициски синдикат.
„Денеска сме тука за да им оддадеме посебна почит и со оваа спомен-плоча, која ја направивме заедно со Македонскиот полициски синдикат како паметник на нивната големина, храброст и жртва, како обележје дека хероите живеат вечно! И тоа токму на Денот на Единицата за брзо распоредување, за некои од нив нивниот втор дом… Ова спомен-обележје нека ја пренесе пораката за длабока почит, љубов кон татковината, мир и соживот за сите идни генерации. Споменот на нашите херои никогаш да не биде избришан од меморијата на времето. Хероите живеат вечно – нека им е вечна слава!“, рече министерот Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МНР и НТ формира кризен штаб, се повеќе македонски граѓани бараат помош по нападите на Блискиот Исток
Со оглед на влошената безбедносна состојба во регионот на Блискиот Исток, вчера во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше формиран кризен штаб, кој е на 24-часовно располагање на граѓаните. Неговата задача е континуирано да ја следи состојбата и да ги координира и систематизира сите постапки поврзани со македонските државјани кои се наоѓаат во и околу загрозените подрачја, а на кои им е потребна помош или асистенција.
„Истовремено, дипломатско-конзуларните претставништва се во постојана комуникација и целосно на располагање на граѓаните. Согласно информациите од Амбасадите на Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби, како и според јавувањата на СОС телефонот во Министерството во Скопје, тековно се зголемува бројот на наши државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја. Со сите пријавени лица се одржува постојан контакт, при што се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација, во зависност од развојот на состојбата. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи“, велат од МВР.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.

