Македонија
Спасовски – Гир: Посветени сме кон успешно организирање на министерскиот форум за правда и внатрешни работи во Скопје
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и државната секретарка Магдалена Несторовска остварија работна средба со амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир, како и новиот заменик-шеф на Делегацијата на ЕУ во земјата, Бен Нупнау. Министерот Спасовски во оваа пригода изрази благодарност до амбасадорот Гир за поддршката и одличната соработка на МВР и Делегацијата на Европската Унија во голем број заеднички проекти, како и за можноста на денешнава средба да поразговараат за повеќе прашања од заеднички интерес.
На средбата, меѓу другото, стана збор и за коорганизацијата на МВР на Република Северна Македонија и МВР на Кралството Шпанија на претстојната конференција на министри за правда и внатрешни работи ЕУ – Западен Балкан, која во периодот 26 и 27 октомври се одржува во Скопје, а министерот Спасовски ја истакна посветеноста кон организирањето на форумот, вторпат во нашата земја, притоа информирајќи го амбасадорот Гир дека се преземени сите неопходни активности во насока на успешна организација на овој убав настан од огромно значење за граѓаните и за Република Северна Македонија.
Спасовски и Гир разговараа и за актуелни теми за наредниот период, меѓу кои и за претстојните избори, а во насока на заштита од сајбер напади. Притоа министерот Спасовски истакна дека тоа е предизвик за сите институции, за Државната изборна комисија, а од аспект на МВР во Одделот за спречување компјутерски криминал постои 24-часовна екипа, која работи на заштитата од напади од ваков тип. Тој информира и за зголемената меѓуинституционална координација, односно за формирано координативно тело на ниво на Владата, како и тоа дека со НАТО-скринингот веќе се познати слабите точки.
На крајот од средбата двајцата соговорници заклучија дека отворањето на форензичката лабораторија на МВР со средства од ИПА-фондовите на ЕУ ќе биде од огромно значење за државата и регионот, при што министерот Спасовски рече дека веќе е добиена употребната дозвола и објектот се опремува и дека лично тој очекува во најкраток можен рок да биде и официјално отворен и пуштен во функција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски: СДСМ и ДУИ се длабоко заглавени во сопственото политичко мочуриште, во кое партиските калкулации се ставаат над човечките животи
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, преку свој статус на фејсбук се огласи по повод денешното изгласување на Законот за прекршоци, со кој се овозможува целосна имплементација на системот „Безбеден град“, нагласувајќи дека станува збор за одлука што директно го штити животот и безбедноста на граѓаните.
„Денешното изгласување на Законот за прекршоци е јасна потврда дека кога постои политичка храброст и одговорност, можат да се донесуваат одлуки што директно го штитат животот на граѓаните. Искрена благодарност до сите пратеници кои го поддржаа законот и покажаа дека безбедноста во сообраќајот, заштитата на човечкиот живот и јавниот интерес се поважни од дневната политика. Со оваа одлука, Собранието испрати силна порака дека државата конечно презема системски чекори против сообраќајниот хаос и бесмислените загуби на човечки животи“, порача Тошковски.
Министерот упати и посебна благодарност до граѓаните, истакнувајќи дека токму нивното одговорно однесување во тест периодот е клучно за успехот на системот.
„Посебна благодарност до граѓаните. Во тест периодот тие покажаа дека знаат, можат и сакаат да бидат дел од решението. Со промена на однесувањето во сообраќајот, со почитување на правилата и со зголемена свесност, граѓаните директно придонесоа за поголема безбедност и за намалување на сообраќајните несреќи, повредите и жртвите. ‘Безбеден град’ не е систем за казнување, туку систем за спасување животи, а токму граѓаните први го препознаа тоа“, наведува Тошковски.
Во продолжение на статусот, министерот остро реагираше на денешното гласање на СДСМ и ДУИ, оценувајќи дека тие повторно покажале дека партиските калкулации ги ставаат над безбедноста на граѓаните.
„За жал, денешното гласање уште еднаш покажа дека СДСМ и ДУИ се длабоко заглавени во сопственото политичко мочуриште, во кое партиските калкулации се ставаат над човечките животи. Иако никогаш немаа храброст јавно да ја признаат својата коалиција, денес таа повторно излезе на површина преку заедничкото гласање против систем кој веќе дава резултати и спасува животи. Овој пат не се одлучуваше за функции, договори или политички пазари, туку за безбедноста на граѓаните, а тие наместо да направат чекор напред, свесно избраа да останат заробени во истите шеми, влечејќи ја државата назад. Имаа шанса да бидат дел од решението, но избраа да бидат дел од проблемот. Со тоа го направија својот избор и за тој избор ќе сносат политичка и морална одговорност пред македонските граѓани“, истакна Тошковски.
Законот за прекршоци стапува во сила од 1 февруари, со што започнува и целосната примена на системот „Безбеден град“, насочен кон превенција, зголемена безбедност во сообраќајот и заштита на човечките животи.
Македонија
Зајкова: Целосна поддршка за „Сејф Сити“ од мене како пратеничка и од ЛДП
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, во објава на социјалните мрежи изрази целосна поддршка за реализација на проектот „Сејф Сити“.
„ЛДП е за целосно спроведување на законите, за сите, без дискриминација и со еднакво третирање на сите граѓани. Кочење на закони кои водат до владеење на правото е неприфатливо, иако многу често го сведочевме и во блиското минато. Потребна ни е безбедна држава, правична држава. Денес, не утре! За 6 месеци ќе иницирам дебата со избирачите, особено во мојата изборна единица да се види како оди спроведувањето на законот и дали треба нешто да се подобри или промени во истиот“, пишува Зајкова во објавата.
Во врска со денешното гласање, Зајкова посочува дека начинот на кој функционира Собранието – како пазар, а не како парламент на европска држава со ред и правила – е друга тема.
„За тоа граѓаните ќе се изјаснат на избори. Пратениците не смеат да бидат спречени да имаат планирани активности со избирачите, со тие што им го дале мандатот, ниту во вршење на други службени обврски. Не може да има гласање само кога на мнозинството му одговара и кога тие имаат кворум. Дајте барем како Собрание да му покажеме европско однесување на народот ако веќе устата ни е полна за членство во ЕУ“, посочува претседателката Зајкова во објавата.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со гувернерот на Народната банка: Финалната оценка на Славески е дека екомомијата е стабилна, со солиден раст
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески.
Најпрво, гувернерот ги презентираше основните макроекономски показатели, а потем ја запозна со макроекономската политика.

Тој го објасни влијанието на глобалните геостратешки трендови врз македонската економија, објаснувајќи ги главните процеси во индустријата, трговијата и градежништвото.
Претседателката се интересираше за добрите страни на актуелната економска состојба, како и за недостатоците и ризиците.

Финалната оценка на гувернерот беше дека екомомијата е стабилна, со солиден раст, но мора да се внимава на увозната зависност и цената на храната и енергијата.

Обајцата сметаат дека стручните и компетентни човечки ресурси се особено важни за доброто функционирање на Народната банка.

