Македонија
Спасовски ги повика истражните органи да утврдат дали тој е виновен за кризата со пасошите
Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, ги повика истражните органи да утврдат дали одговорноста за пасошката криза е негова кога минатата недела техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, поднесе кривична пријава за незаконска јавна набавка на обрасците за лични документи. Чулев го обвини Спасовски дека четири години не презел мерки за набавка на обрасци за лични документи и место со нов договор, набавките ги решавал со анекси на стариот договор со компанијата „Веридос“, па договорот од 7,2 милиони евра со анексите се искачил на 12,8 милиони евра.
„Јас сум тука, истражни органи има, слободно нека ги проверат сите аспекти, не бегам од одговорноста ако е моја“, рече премиерот Спасовски.
Иако техничката Влада функционира 1,5 месец, Спасовски се пожали дека информација за проблемот со пасошите Владата добила пред една недела.
„Мислам дека подоброто управување, начинот на функционирање внатре во институцијата, повеќе занимавање со суштинските работи отколку со неважни прашања, немаше да доведе до една ваква криза. И ние овде веќе размислуваме како и на кој начин да помогнеме за да се дојде до конечно решение на овој проблем“, одговори премиерот Спасовски на прашањето чија е одговорноста за доцнењето на пасошите.
Премиерот Спасовски избегна конкретен одговор на прашањето зошто при планирањето на набавката не било земено предвид дека оваа година истекува важноста на првите биометриски пасоши како едно од причините за зголемена побарувачка на пасоши.
Техничкиот министер Чулев, пак, пред два дена извести дека со допис од 6 декември 2019 година тогашниот министер за внатрешни работи бил информиран дека снемаува обрасци за пасоши и дека резерва имаат уште 88.100 обрасци, а на почетокот на јануари резервата се симна на 27.580 обрасци за пасоши. Службите во МВР сега анализираат како се случило повеќе од 50.000 обрасци да исчезнат за еден месец, а по утврдените неправилности во набавката на истите обрасци, веќе е поднесена и кривична пријава.
За да им излезе во пресрет на итните случаи, министерот Чулев вчера рече дека формирале комисија од деветмина, во која членуваат доктор, економист и правник, кои ќе одлучуваат кому да му биде одобрено издавање пасош. Граѓаните треба со барањето за пасош да поднесат и ургенција за итност, во која ќе објаснат зошто итно им е потребен пасошот. Приоритет имаат лицата што мора да патуваат од здравствени причини. Пасошите ќе им бидат издадени во итна постапка, но ќе ги платат како во редовна. Вчера, Министерството имаше резерва уште 3.400 обрасци за пасоши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.

