Македонија
Спасовски и О’Брајан од Вашингтон: Периодот што следува е клучен за Македонија во кој правец ќе се движи понатаму
Во Стејт департментот на Соединетите Американски Држави, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, оствари средба со помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан.
На средбата се разговараше на повеќе теми, меѓу кои поддршката од САД за МВР и за државата генерално, напредокот во борбата против корупцијата, како и за листата на санкции на САД.
„Преку програми за обука, заеднички операции, модернизација на единиците на МВР, направивме значителен исчекор во почитувањето на владеењето на правото и особено во заштитата на нашите граѓани од штетните влијанија на корупцијата. Императив за Владата на Република Северна Македонија и МВР е борбата против корупцијата, да победат чесните наспроти корумпираните. Успехот во таа борба е можен само со институции што постапуваат со интегритет, професионално и неселективно, особено во делот на правосудството“, истакна Спасовски. Притоа тој сподели статистика за резултатите на МВР во делот на борбата против корупцијата.
„Од аспект на МВР, можам да кажам дека само во 2023 година утврдени се над 64 коруптивни злоупотреби, откриени 121 кривично дело, со вкупно 178 сторители, причинета е материјална штета од над 350 милиони денари. Откривачката функција на полицијата во 2021 година беше зголемена дури 50 %. Воедно, би сакал да истакнам дека за времето откако јас раководам со МВР, од страна на ОСОСК во временскиот период од 2017 до 2023 година, само за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањата биле поднесени вкупно 44 кривични пријави против 170 физички и 2 (две) правни лица“, Спасовски го информира О’Брајан изразувајќи ја благодарноста за неговите напори и вложувања во овој дел.
Притоа Спасовски истакна дека сите директиви и лицата ставени на листата на санкции на САД ќе бидат ставени во законска рамка за да немаат можност да учествуваат во јавни набавки, да не бидат дел од Владата ниту, пак, да бидат кандидати за извршување јавни функции.
Во оваа пригода Спасовски го информира О’Брајан за меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата, како и за предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивните мерки.
„Со големо задоволство сакам да ве информирам дека уште еден значаен инструмент за успешно спроведување на борбата против корупцијата и организираниот криминал е и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивните мерки, во кој ќе се допрецизира делот на постапувањето по усвоени рестриктивни мерки на правни акти на Соединетите Американски Држави. Министерството за внатрешни работи во спроведувањето на мерките на овој закон ќе ги користи каналите за меѓународна соработка, пред сѐ, Интерпол, Европол, СЕЛЕК и др., преку кои ќе овозможи непречен проток на потребните информации во насока на понатамошно обезбедување докази и спроведување на своите надлежности во согласност со Законот за кривичната постапка и Кривичниот законик“, истакна Спасовски.
Од страна на помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан, беше потенцирано дека ова се многу важни чекори што МВР и Владата на Република Северна Македонија ги преземаат во борбата против корупцијата и организираниот криминал.
На средбата двајцата соговорници, Спасовски и О’Брајан, се согласија дека европскиот пат нема алтернатива и периодот што следува е клучен за Република Северна Македонија во однос на техничката влада и изборите, предизвиците што доаѓаат се многу битни за тоа во кој правец ќе се движи државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Грчкиот мистер: Договорот од Преспа е текст со огромни проблеми, лага е дека сум учествувал во изготвувањето
Грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, негираше дека тој или неговата правна канцеларија го подготвиле или учествувале во изготвувањето на Договорот од Преспа,.
Од говорницата во Собранието тој изрази несогласување со Договорот од Преспа, велејќи се работи за правен текст со огромни проблеми што се појавуваат со текот на времето, пренесуваат грчките медиуми.
„Јас не само што немав учествувано во договорот, туку дополнително не можев да имам никакво учество од едноставна причина што суштински не се согласувам со Договорот од Преспа кој е правен текст со огромни проблеми што се појавуваат со текот на времето“, нагласи министерот за надворешни работи.
Герапетритис сепак додаде дека Договорот со сите проблеми, претставува меѓународно право кое мора да го почитуваат бидејќи согласно Уставот е над секоја друга законска одредба.
Ја пофали грчката дипломатија која издејствувала брза реакција на европските институции по инаугирацијата на Гордана Силјановска Давкова, која на свеченоста го употрби името Македонија.
Македонија
Топло со умерена облачност, температурата до 25 степени
Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. На североистокот ќе има услови за појава на краткотраен дожд.
Ќе дува слаб до умерен, а по должината на Повардарието краткотрајно засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 25 степен.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Ќе настапи преодно стабилизирање на времето со позначителен пораст на дневната температура. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме. Повремена претежно попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи, со променлив интензитет, ќе има сѐ до средината на следната недела.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територијата на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.