Македонија
Спасовски: Кривичното дело „злоупотреба на службата“ е во пораст на ниво на цела држава
Безбедносната состојба на подрачјето на Битола е стабилна и се бележи намалување на криминалитетот, рече министерот Оливер Спасовски во изјавата за медиумите по денешната посета на секторот за внатрешни работи во овој град, како и на полициските станици во Ресен и Прилеп.
Притоа, Спасовски оствари и средби со градоначалниците Наташа Петровска, Живко Гошаревски и Илија Јованоски.
Како што рече министерот, безбедносна состојбата е стабилна на ниво на цела држава, а се бележи зголемување на кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ и тоа за 111 проценти, податок кој, како што рече Спасовски, треба да биде јасна порака за сите функционери во оваа држава.
Покрај ова, министерот најави враќање на т.н. маалски полицаец на подрачјето на Битола.
„Дел од стратегијата на ова раководство на МВР е кога ги посетуваме полициските станици да разговараме и со локалната самоуправа и заеднички да ја вратиме врската меѓу граѓанинот и полицијата. Денеска разговаравме за неколку теми. Едната е давањето насоки за воспоставување на позорната служба, односно маалскиот полицаец на подрачјето на Битола“, рече Спасовски.
Втората мерка која ја најави министерот е активирање на советите за превенција со конкретен акционен план за посета на сите месни заедници во општините заедно со припадници на МВР, да се разговара за проблемите на граѓаните и на тој начин да се придонесе, за како што рече, враќање на довербата во полицијата кај граѓаните.
Спасовски потенцира дека еден од приоритетите кој ќе се реализира во соработка со локалната самоуправа е средување на состојбите во сообраќајот во градовите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

