Македонија
(Видео) Спасовски: Лажни вести за трговија со човечки органи и киднапери се пласираат од политички побуди
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ги отфрла шпекулациите за постоење киднапери и продажба на човечки органи велејќи дека тие се шират од политички побуди. Според него, досега нема киднапирање.
„Во земјата нема ниту еден случај на убиство за вадење органи. Не се точни наводите дека расте бројот на исчезнати лица. Триста и седумдесет лица биле исчезнати во 2018 година. Порано се криеа убиства, ние сме крајно транспарентни“, вели Спасовски.
Запрашан кој ги пласира лажните вести, министерот рече дека очиледно е оти зад тоа стои структура на луѓе што шират лажни информации од политички побуди.
„Поранешен вработен во МВР имаше статус на ‘Фејсбук’ со тотална измислица и лага. Имаме новинари и медиуми на кои сензацијата им е поважна“, потенцира тој.
Спасовски појасни дека во последните 5 години Пронаоѓањето исчезнати лица се реализира со 94 проценти.
„Ние работиме да биде на 100 проценти. Ги уверувам родителите на исчезнатите дека истрагите се третираат со посветеност. Истрагите се темелни, но за тоа некогаш треба повеќе време за резултати. За оние што шират лажни приказни за продажба на човечки органи, сакам да им порачам – не помагате. Некои од случаите се самоубиства. Кога имаме исчезнато лице, важно е полицијата да добие повеќе информации за пократко време“, рече министерот за внатрешни работи.
Тој сподели препораки за побрзо пронаоѓање на исчезнатите.
„Прво, пријавете во МВР, потоа проверете ги местата каде што може тоа лице да отиде, неговото однесување, не кријте информации од полицијата, споделете фотографија со МВР, водете грижа за лицата што имаат здравствени проблеми“, посочи министерот.
Рече дека се преземени сите неопходни мерки и се преземаат дејства за пронаоѓање на лицата, но одби да каже какви мерки се тоа.
„Семејствата се известуваат за сè“, посочи Спасовски иако тврдењата на семејствата се дека тие не добиваат информации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицајци, наставничка и пожарникар земале пари од граѓани за да им средат побрзо да извадат лични документи
Двајца полицајци, наставничка и пожарникар се осомничени за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание односно за пари овозможувале граѓаните побрзо да извадат пасош, лична карта и возачка дозвола.
Полицијата поднесе кривична пријава против М.С., на работно место полицаец во Одделението за безбедност на патниот сообраќај во СВР Скопје, во моментот на сторување на делото со наредба распореден во Одделението за управни работи Скопје, П.П., на работно место полицаец во Единицата за интервентна полиција во СВР Скопје, В.Р., вработена како наставник во средно училиште во Скопје и А.С., вработен како пожарникар во Град Скопје.
„Пријавените во период од февруари до април 2024 година, заеднички, по претходен договор воспоставиле шема, на начин што организирале и спроведувале постапки за издавање на лични документи (лична карта, пасош и возачка дозвола), а со цел стекнување противправна имотна корист, така што трето и четврто пријавените наоѓале заинтересирани граѓани кои имале потреба од изготвување на лични документи, кои им ги доставувале нивните лични податоци во форма на фотографии на трето и четврто пријавените, а овие фотографиите ги испраќале на второпријавениот П.П.“, соопшти МВР.
Второпријавениот посредувал и интервенирал заинтересираните граѓани да ја започнат процедурата за издавање на лични документи, на начин што го поттикнувал првопријавениот М.С., кој како службено лице вршел дејствија на фотографирање и прием на барања, како негови редовни работни обврски.
„Наведените дејствија биле вршени врз претходен договор за одреден паричен надомест со точно утврдена цена, време и начин на извршување со јасно распределени улоги, создавајќи паралелен неформален начин на постапување со кој за паричен надомест овозможувале побрзо остварување на правото за јавна услуга, со намера да се стекнат со противправна имотна корист, нарушувајќи го принципот на еднаков пристап на граѓаните до јавните услуги“, соопштиа МВР.
Македонија
(Видео) Петрушевски: СДСМ со двојни аршини – против возење без дозвола, а гласаа против „Безбеден град“
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на прес-конференција изјави дека СДСМ и Венко Филипче применуваат двојни аршини во однос на прашањето за безбедноста во сообраќајот.
„Од една страна велат дека секој оној кој сака да вози без возачка дозвола треба да е санкциониран, а од друга страна гласаа против системот ‘Безбеден град’“, рече Петрушевски.
Петрушевски потсети дека СДСМ и Филипче гласале против проектот „Безбеден град“ во Собранието, додавајќи дека координаторот на нивната пратеничка група, Оливер Спасовски, кој е поранешен министер за внатрешни работи, не направил ништо поврзано со ова прашање за да ја зголеми безбедноста на граѓаните во сообраќајот.
Според него, во време на претходната власт не бил имплементиран ниту еден системски проект што ќе обезбеди дигитална контрола над сообраќајот, транспарентно санкционирање и реално намалување на сообраќајните прекршоци. Додаде дека проектот „Безбеден град“ не е партиска агенда, туку решение за заштита на животите на граѓаните.
Македонија
Воени возила и дронови во Охрид и Радожда, од утре обука на специјалците од војската на Белгија
Од 07 до 20 февруари 2026 година, на подрачјето на Охрид и струшкото село Радожда, ќе се реализираат активности за обука на специјалната единица на Армијата на Кралството Белгија, информира СВР Охрид.
Во рамките на вежбовните активности, предвидена е употреба и користење на артифиции, воени моторни возила, дронови, пловни и други средства.
Планираната обука на специјалната единица на Армијата на Кралството Белгија на подрачјето на Охрид и Струга, е во состав на вежбата „BEL-SOF Exercise 26” што ќе биде спроведена и на други подрачја во земјава.
„Апелираме до граѓаните на Охрид и Струга, да ги почитуваат насоките на полициските и армиските службеници кои, ќе се грижат за безбедноста на целокупното подрачје“, велат од СВР Охрид.
фото/Depositphotos

