Македонија
Спасовски: Регионалниот центар МАРРИ успеа да опстои и покрај многуте премрежија
Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграции – МАРРИ е докажана успешна регионална приказна, успешен регионален проект кој успеа да опстои и покрај многуте премрежја пред кои беше исправен нашиот регион во изминатиот период, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на почетокот од своето излагање во рамки на дипломатскиот брифинг посветен на 15-годишната активност на МАРРИ Регионалниот центар, што денеска се одржа во МНР и на којшто беа сублимирани досегашните активности и значење на оваа регионална иницијатива, како и предизвиците пред коишто е исправена во наредниот период.
Според министерот Спасовски, во релативно краток временски период Република Северна Македонија, но и регионот, се соочија со голем прилив на мигранти на своите граници, притоа посочувајќи дека научените лекции брзо беа преточени во законски и подзаконски решенија, беа изготвени соодветни акциски планови за справување во слични ситуации во иднина, а сега веќе искуства се споделуваат во рамки на МАРРИ-учесниците, а и пошироко.
„Миграцијата, сама по себе, особено онаа која вклучува ненадеен и огромен прилив на мигранти, повлекува земање предвид на уште неколку други феномени. Тоа се, пред сè кривични дела од областа на трговијата со луѓе и криумчарење мигранти, кои треба да ги спречиме или откриеме. Но тоа се и ситуации кои понекогаш налагаат пружање медицинска помош, обезбедување соодветна заштита и интеграција. Во насока на справување со сите овие предизвици и обврски, првенствено е потребен координиран настап на сите засегнати државни институции, но и заедничко регионално дејствување токму во обезбедувањето на тој координиран пристап“, потенцираше министерот Спасовски.
Тој нагласи дека платформата за соработка креирана токму преку самото постоење на МАРРИ претставува огромна придобивка за целиот регион на Западен Балкан, односно истата се користи како значајна алатка за размена на искуства и најдобри пракси.
„Она што можам да го кажам во мое име и во име на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија е дека нашата поддршка на МАРРИ и натаму ќе продолжи и ќе се интензивира“, констатираше на крајот министерот Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

