Македонија
Спасовски на првиот академски час: Најдобрите студенти на Факултетот за безбедност ќе бидат дел од МВР
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска, присуствуваше на првиот академски час на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ .
Тој во своето обраќање пред студентите на Факултетот за безбедност рече дека овој факултет со несмален интензитет повторно го потврдува она што во текот на годините го создаваше и надградуваше, а тоа е своето научно-стручно портфолио и стожер на науката за безбедноста во образовниот систем на нашата земја.
„Стожер кој преку својот континуитет од основањето во 1977 до денеска може да се гордее на бројка од над 3600 дипломирани студенти во прв циклус, 140 магистри на науки и дури 43 доктори на науки од областа на безбедноста, кој макотрпно продолжува да го гради својот научен кредибилитет од четири и пол децении постоење“, потенцира Спасовски.
„Вештините и знаењето што како млади луѓе ќе ги стекнете на факултетот ќе бидат битен фактор и влог во целосниот општествен развој и благостојба. Безброј пати сум потенцирал дека функционирањето на безбедносниот систем е основа за функционирање на правната држава и демократијата на целото општество“, порача министерот образложувајќи дека Министерството за внатрешни работи изминативе неколку години го демонстрира својот отворен и партнерски однос кон науката за безбедност и кон самиот факултет како врвна образовна институција.
МВР и актуелното раководство на Факултетот за безбедност презедоа низа конкретни активности и иницијативи со кои голем број студенти од претходните генерации веќе се дел од Министерството за внатрешни работи и заеднички институционално ги чувствуваме придобивките од квалитетното високо образование, а во завршна фаза е и заедничката иницијатива на Факултетот и МВР за креирање правна рамка со која секоја година најдобрите 10 студенти, кои завршуваат на овој Факултет, автоматски ќе може да станат дел од Министерството, да го реализираат својот влог во образованието во обезбедување на безбедноста на целото наше општество, информираат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Слаби врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег бележиме на Попова Шапка кој во моментов не се задржуват на коловозот, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
(Фото) Голем број деца пеејќи ја божиќната песна „Вечниот Бог“ пристигнаа во општина Аеродром
Со неизмерна радост, утринава голем број дечиња од сите делови на Аеродром, пеејќи ја божиќната песна „Вечниот Бог“, пристигнаа во општина Аеродром и станаа првите гласници на Бадник, во пресрет на Христовото раѓање.
„Тие, носејќи го бадниковиот пламен, ни ги исполнија душите со празнична топлина, љубов и надеж. Како дел од традиционалната манифестација „Бадниковите поворки“, со чисти гласови и искрени насмевки, дечињата го најавија најрадосниот христијански празник – Божиќ. 🌟👧🧒
Во духот на празникот, секое дете доби подарок од општина Аеродром, а ние од срце им посакавме уште многу радосни мигови и безгрижно детство.
Честит Бадник и светлината што денеска ја донесоа децата нека ја осветли секоја семејна трпеза и секое срце“, порачуваат од општина Аеродром.
Македонија
(Фото) Градоначалникот Георгиевски им подари пакетчиња на коледарите од општина Илинден
По повод големиот христијански празник Бадник, коледарите од општина Илинден со традиционални бадникови и коледарски песни ја најавија радосната вест за Христовото раѓање – Божиќ.

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, ги пречека коледарите пред Домот на култура „Илинден“, каде што им подари празнични пакетчиња и им посака добро здравје, среќа, успеси и благосостојба во семејствата, при што истакна дека особено го радува фактот што најмладите жители на општината ја негуваат традицијата и придонесуваат во зачувување на православните обичаи.








