Македонија
Спасовски од Љубљана: Да имаше малку повеќе храброст, одамна ќе бевме и дел од НАТО, а можеби и дел од Европската Унија
Како да го направиме Западен Балкан подобар и попросперитетен од сигурносен аспект“, беше темата на меѓународната тркалезна маса во организација на меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии ИФИМЕС во Љубљана, Словенија, на која министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, наречен човек на новото време во однос на спроведените политики и остварените резултати, покрај своето излагање, одговараше и на прашања од присутниот аудиториум.
Модераторот на дискусијата, проф. д-р Зијад Беќировиќ, по повод денешното одбележување на 74-годишнината од создавањето на НАТО, потсети дека Република Северна Македонија стана 30-тата земја членка на НАТО токму во време кога премиер беше актуелниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Запрашан за искуствата за овој голем чекор на државата и за ефектите од членството во алијансата, министерот Спасовски рече:
„Мислам дека е ова важно прашање за сите земји од регионот. Сите знаеме дека НАТО е најголемиот воено-политички сојуз. Ако сите велиме дека сакаме мир, тогаш мора првенствено нашиот регион да биде стабилен. Зошто е НАТО важно? Обезбедивме мир, стабилност и територијален интегритет на земјата. Морам да ги споменам визионерството и храброста на тогашниот премиер Зоран Заев, кој го отвори и водеше целиот тој процес. Тоа воопшто не беше лесно во 2017 година кога земјата излезе од едно режимско владеење, без почитување на човековите права, дека ние би можеле за кратко време да ги решиме отворените прашања, да се помириме со соседите и да покажеме дека имаме капацитет да станеме дел од алијансата. Тоа стана наша цел, на тоа работевме и во 2020 станавме членка на НАТО и мислам дека од сегашна перспектива се зајакна јавната свест и, за жал, на сето тоа што се случува во Европа, се дојде до сознание колку е важно да сте дел од тој воено-политички сојуз. Сите граѓани сфатија колку е важно да сме дел од НАТО. Ако нашата заедничка цел е да станеме регион што ќе извезува мир и стабилност, тогаш мора да се обединиме, да имаме заеднички политики и да креираме политика, која можеме заеднички да ја спроведуваме. Ако сакаме напредок, економски развој и подобар стандард за нашите граѓани, во тоа нема да успееме без безбедноста. Од моментот кога Република Северна Македонија е дел од НАТО, се зголемија и странските инвестиции, интересирањето за земјата од бизнис-аспект, соработката не само со земјите од регионот туку и земји членки на НАТО и ЕУ“.
Говорејќи дека регионот нема друга алтернатива, освен европската, министерот Спасовски истакна дека земјите од регионот мора заеднички да работат за да стигнат до целта на заедничкиот пат. Според него, политиките што се спроведуваат неопходно е да ги донесат европските вредности како дел од општеството, а за тоа се потребни реформи, но не во смисла само на промена на законодавството, туку првенствено како реформа на размислувањето, реформа на умот.
„Сè зависи од нас самите. Потребна е посветеност и потребна е волја!“, порача Спасовски, кој се наврати на 90-тите години и можностите што тогаш ги имаше Македонија.
„Да имаше малку повеќе храброст – бидејќи мудрост имаше – имајќи предвид колку бевме напред во тој период, одамна ќе бевме и дел од НАТО, а можеби и дел од Европската Унија“, посочи Спасовски. Одговарајќи на прашањето за ‘Отворен Балкан’ како инцијатива во која Република Северна Македонија е посочена како пример што поврзува до вчера спротивставени земји, тој посочи дека целта на оваа регионална иницијатива е подобар однос меѓу земјите од регионот поради што е поддржана еднакво и од ЕУ и од САД.
„Но, ‘Отворен Балкан’ во никој случај не е алтернатива за ЕУ, која претставува наш национален интерес. Нема отстапувања од патот кон европското семејство, но додека чекаме, мораме да си помогнеме регионално. Да овозможиме нашите луѓе, производите, услугите да се движат слободно. Да ја користиме работната сила без пречки, признавање на дипломите… Деновиве, на еден од најголемите саеми во Италија имавме заеднички настап како ‘Отворен Балкан’. И тоа е целта – да си помогнеме самите на себе на патот кон ЕУ, да создадеме подобар живот за нашите граѓани“, потенцира министерот Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Битола објави повик за доделување финансиски средства на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти
Општина Битола го објави јавниот повик за доделување на финансиски средства од буџетот на општина Битола на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти за 2026 година.
Право на учество на јавниот повик ќе имаат спортски клубови, спортски здруженија, спортисти во сениорски и младински категории, како и другите физички и правни лица од областа на спортот чиешто регистрирано седиште, односно живеалиште се наоѓа на подрачјето на Општина Битола.
Пријавите треба да се достават до Општина Битола преку пошта на адреса; Општина Битола, Булевар 1 –ви Мај број 61, 7000 Битола или да се достават во архивата на Општина Битола од 07:30 часот заклучно со 15:30 часот до последниот ден од Јавниот оглас.
Рокот за поднесување на пријавите започнува од 25.02.2026 година и трае заклучно со 11.03.2026 година.
Пријавите од јавниот повик ги разгледува Комисијата за млади и спорт од Советот на Општина Битола и согласно критериумите ја одбрува висината на финансиската поддршка. Финансиската поддршка согласно програмата за активностите во областа на спортот и младите во Општината Битола за 2026 изнесува 2.000.000,00 денари за спортски клубови/спортски здруженија и 1.000.000,00 денари за индивидуални спортисти.
Повеќе за јавниот повик на следниот линк: https://www.bitola.gov.mk/sportski-klubovi-zdruzenija-i-sportisti/
фото/ Depositphotos
Македонија
Заев поднесе тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев
Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев поднел тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев за како што вели, клевета и нарушување на чест и углед.
„Поднесени се тужбите против Бране Петрушевски и Жан Митрев за клевета и нарушување на чест и углед.
Не постои никаква дилема дека ќе се докаже лагата и на двајцата.
Надоместокот од добиените тужби ќе оди за децата без родители и лицата со посебни потреби“, објави Заев на социјалните мрежи.
Македонија
Милошоски-Бунфорт: потенцирана поддршката на Унгарија кон ЕУ интеграциите
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари работна средба со Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан придружуван од Ѓула Шомоѓи, советник и Јулијана Армаш, советник, како и заменик шефот на мисијата Атила Фодор.
На средбата беше потврдена одличната македонско-унгарска соработка и подготвеност за понатамошно унапредување на односите на двете држави во повеќе области. Беше потенцирана заложбата за интензивирање на соработката во економската област преку реализирање на заеднички проекти, како и зближување на двата народа преку зајакнување на пријателските односи и културната размена.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Бунфорт, ја потенцираше поддршката на Унгарија кон македонските ЕУ интеграции, истакнувајќи дека членството во ЕУ не претставува награда, туку признание за реформските напори и остварениот напредок во изминатиот период.

