Македонија
Спасовски, Османи и Чулев го посетија Дебар по укинувањето на кризната состојба
Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, во придружба на заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, и министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, и дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска, денеска го посети Дебар кога за овој град и за општината Центар Жупа вчера беше укината кризната состојба, која беше воведена на 13 март заради спречување ширење на коронавирусот.
При посетата, на која присуствуваше и градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, премиерот Спасовски упати порака на охрабрување до жителите на овие две општини, но и до сите граѓани во државата, и нагласи дека во вакви ситуации се гледа дека знаеме, умееме и можеме да се справиме со овие тешки предизвици.
„Граѓаните на Дебар заслужуваат пофалба и признание заради дисциплинираноста и посветеноста во борбата против коронавирусот. И тоа покажува дека само преку посветеност и дисциплина, како и преку лична одговорност на граѓаните, можеме да си помогнеме на себеси и на семејствата, да ѝ помогнеме, генерално, на државата“, истакна премиерот Спасовски.
Премиерот Спасовски упати благодарност и до здравствените работници, кои се најдоа во првите редови во справувањето со оваа криза, како и до припадниците на полицијата и армијата, но и на сите припадници на државните и локалните институции за нивниот безрезервен придонес во спроведување на мерките.
„Се помина низ тежок период, но ништо сè уште не е завршено. Поминавме период кој можеби беше најтежок за Дебар и за Центар Жупа, меѓутоа во ниту еден момент не смееме да бидеме релаксирани, туку, напротив, да продолжиме со целосно почитување на мерките и препораките“, нагласи премиерот Спасовски.
Вицепремиерот Османи посочи дека дисциплината на граѓаните на Дебар за време на 30-дневната кризна состојба треба да се земе како пример за начин на кој треба да се справуваме со ова зло.
„Во оваа криза имаме три цели – да го спречиме ширењето на коронавирусот; да ги излекуваме болните; и да ги ублажиме економските последици. А за сè ова Владата има свои планови“, истакна вицепремиерот Османи.
Градоначалникот на Дебар, Дука, изрази благодарност за поддршката од сите вклучени во овие тешки моменти.
При посетата владините претставници изразија сочувство до блиските на починатите, а на заболените од коронавирусот Ковид-19 им посака брзо закрепнување.
Со завршувањето на кризната состојба на овие подрачја, Владата заклучи да продолжат да се спроведуваат постојните одредби од донесените одлуки, заклучоци, мерки и препораки на Владата за време на вонредната состојба на целата територија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

