Македонија
(Видео) Спасовски: Попуштањето на рестрикциите ќе се одвива во три фази
Техничкиот премиер Оливер Спасовски повторно посочи дека уште долго време нема да биде исто како што било пред пандемијата, по што повика граѓаните да се навикнат на новата состојба. На денешната седница на Владата усвоени се уредбите за олабавување на мерките. Спасовски посочи дека попуштањето на рестрикциите ќе се одвива во три фази, од кои, првата веќе е започната со отворање на моловите, спортските обложувалници, но и со отпочнувањето со работа на автошколите, автоиспитните центри, спортските тренинзи на отворено. Тој посочи дека состојбата е под контрола.
„Го донесовме првиот пакет-мерки со кој ги намалуваме рестрикциите и преземаме нов чекор кон новата нормалност во одредени области, кои во оваа фаза на пандемијата со Ковид-19 во нашата земја го дозволуваат тоа. Сметаме дека ситуацијата е под контрола, не дозволивме ширење на коронавирусот кое посериозно би го загрозило здравјето на граѓаните, а здравствениот систем постигнува ефикасност во борбата со фаталните последици од вирусот. Од Комисијата за заразни болести имаме јасни укажувања дека влегуваме во период кога се очекува дополнително опаѓање на интензитетот на ширење на вирусот, што ја отвора можноста за попуштање на мерките, по крајно прецизни критериуми. Мерките не само што дадоа добри резултати, туку и ги зајакнавме медицинските капацитети, повеќе од тоа што беа на почетокот“, рече Спасовски.
Критериумите за спроведување на трите фази за олабавување на мерките се донесени од Комисијата за заразни болести, посочи техничкиот премиер.
„Сите следни чекори кон новата нормалност ќе зависат од три најважни критериуми. Прво дали пандемијата е ставена под контрола, второ дали здравствениот систем е во состојба да се справи со повторно појавување на случаи по олеснување на мерките и трето, дали системот за надзор на јавното здравство може да ги открие и да управува со случаите и нивните контакти, како и да идентификува повторување на случаи“, кажа Спасовски.
Според него, првата фаза е тековно функционирање на стопанските дејности, втората фаза ја нарекува транзициона во која ќе се работи согласно стриктни протоколи, а, пак, третата фаза е потполно враќање на редовниот работен процес.
„Владата го донесе планот за попуштање на рестриктивните мерки, како процес кој би се одвивал во три фази. Првата фаза е тековно функционирање на стопанските дејности во време на прогласена вонредна состојба. Втората фаза како транзициона фаза е иницијално воспоставување на работните активности со почитување на препорачани мерки и стриктни протоколи за работа во услови на превенција и спречување на појава и ширење на Ковид-19. Третата фаза предвидува потполно враќање на редовниот работен процес, со почитување на основните превентивни мерки за одржување лична хигиена и физичко дистанцирање. Ова значи дека дури во третата фаза, кога ќе воспоставиме целосна функционалност во сите сектори, нашите обврски ќе продолжиме да ги извршуваме во поинакви услови согласно новата реалност, со што новото секојдневие станува и наша нова нормалност. Тоа веќе не треба да се гледа како ново и страшно, туку како неопходно за заштита на нашето здравје“, додаде Спасовски.
Согласно олабавувањето на мерките, од утре ќе започнат со работа автошколите, автоиспитните центри, Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје, како и центри за едукација. Од утре, ќе може да се одржуваат и конференции, а со работа ќе почнат и спортските обложувалници.
„Од утре ќе почнат да се применуваат мерки со нови протоколи за работа, за дејности за кои има помал ризик. И тоа, Завод за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје, центри за едукација, обуки и семинари за возрасни, организација на седници на органи на управување и конференции, автошколи, автоиспитни центри, спортски тренинзи на отворено за индивидуални спортови и тенис, спортски и други обложувалници преку шалтер, затворени трговски центри и молови без угостителските објекти во нив. За да се постигне максимална заштита, ќе се применуваат посебни протоколи за работа на секоја од овие дејности. На пример, дејностите кои се занимаваат со одржување состаноци, седници, обуки, семинари, конференции и настани ќе можат да ги спроведуваат своите настани во ограничено времетраење од најмногу шест часа, со задолжителна пауза, на секои два часа. Пред почетокот на обуките, курсевите, семинарите, учесниците треба задолжително да се известат дека доколку имаат респираторни симптоми, како температура, кашлица, отежнато дишење, им се препорачува да не присуствуваат на настанот. Настаните ќе се организираат со ограничен број присутни, со цел да има физичко растојание од 1,5 до 2 метри, како и со задолжително носење заштитна опрема. Просторијата ќе мора задолжително да се проветрува, а по завршување на настанот таа да се исчисти и дезинфицира со средство кое делува на вируси. Максимум до 30 лица може да присуствуваат на конференции на органи на управување“, кажа Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.

