Македонија
Спасовски – Рејшам: Трајна соработка со програмата ИЦИТАП како поддршка на реформите во полицијата

Министерот Оливер Спасовски се сретна со новиот програмски менаџер на ИЦИТАП, програмата при Амбасадата на САД во Скопје, Карл Рејшам.
Спасовски се осврна на соработката со програмата ИЦИТАП, која изминативе години ја поддржуваше професионализацијата на полицијата преку проектите и техничката помош наменета за Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија. Тој се заблагодари на богатата, искрена и пријателска соработка нагласувајќи дека Министерството за внатрешни работи е насочено кон трајна соработка со програмата ИЦИТАП.
Програмскиот менаџер на ИЦИТАП, Карл Рејшам, изразувајќи благодарност за остварената средба и за конструктивниот разговор, истакна дека за време на неговиот мандат на оваа позиција ќе се заложи за продолжување, продлабочување и за интензивирање на соработката во рамките на програмата со Министерството за внатрешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Вреди“: Кој го спаси Бујар Османи

ДУИ повторно ја манипулира јавноста со наводниот „ветинг“ и прочистување, ние сакаме да им помогнеме. Вистинското прашање останува – Кој го спаси Бујар Османи од судска разврска за случајот „Пациент“, прашуваат од коалицијата „Вреди“.
Додаваат дека специјалното јавно обвинителство покрена бројни случаи против високи функционери од владата на Никола Груевски, но само еден остана недопрен – предметот „Пациент“.
„Бујар Османи беше единствениoт за кој, СЈО кажа дека има сомнеж и докази за сторен криминал, но не покрена обвинение.
Зошто сите други процеси завршија во суд, а овој мистериозно беше стопиран? Кој ја повлече рачната кочница? Дали Бујар Османи им должи на Мијалкови или на Заеви? На кого до крај на животот ќе мора да му слугува господинот Османи?
Црната листа беше пополнета со името на најдобриот другар на Бујар Османи, Артан Груби. Тоа се случи заради посредување и спасување на Мијалков. Дали и овој случај „Пациент“ и неговотo умртвување се должи на истите луѓе и истата шема? Дали Артан Груби посредувал за спас на Бујар Османи? Бујар Османи остана без кривична одговорност, но моралната и етичката ќе ја носи до крајот на живото. Затоа е добро сам да даде одговор каква штета претрпеа граѓаните“, прашуваат од „Вреди“.
Како што наведуваат, за време на министерувањето на Бујар Османи, јавната здравствена установа Гинекологија Чаир беше жртва на сериозни злоупотреби. Таа клиника, каде се раѓаат децата на сите нас, од Чаир и пошироко, според коалицијата, беше предмет на истрагата на СЈО.
„Колку пари беа украдени? Колку пациенти беа оставени без соодветна здравствена заштита? Колку луѓе загубија шанса за подобар третман поради криминалните игри на Османи?
Османи не е само политичар со сомнително минато – тој е директно одговорен за уназадувањето на здравствениот систем. Додека медицинските установи пропаѓаа, неговите блиски се богатеа. Колкава е цената на неговата слобода и кој ја плати?
Време е за вистински ветинг, а не за лажна театарска претстава“, порачуваат од коалицијата.
ДУИ, како што велат, може да продолжи со празни изјави, но граѓаните бараат одговори.
Прашуваат кој му помогна на Османи да избега од судот? Зошто институциите молчат? Колку долго ќе трае оваа заштита?
Од „Вреди“ со порака до ДУИ: ако ДУИ навистина сака прочистување, нека почне од Бујар Османи. Време е за одговорност, нагласуваат од таму.
Македонија
Кирков: Зоолошката градина која за една година ќе прави 100 години од своето постоење ги доживува своите најтемни денови

На денешната седница на Град Скопје се обрати советникот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Кирков кој се осврна на актуелните проблеми кои ја задираат Зоолошката градина поради непрофесионалното водење од страна на раководството.
„Повторно бевме сведоци на немили настани во оваа установа, како што ја пратат во последниве три години и навистина веќе мислиме дека е дегутантно да се збори за тоа што и како се случува во оваа установа. На една од најстарите зоолошки во Европа која за една година ќе прави 100 години од своето постоење и еве олицетворение на Градот Скопје, место каде што сме пораснале, место каде што ги направивме првите запознавања со животните во моментов ги доживува своите најтемни денови“, рече Кирков.
Кирков нагласи дека Зоолошката градина има милионски долгови по основ на добавувачи за храна, сметки за електрична енергија и слично, како и недостаток на безбедносни камери поради чиј недостаток се случиле многу немили настани.
„Во разговор со менаџментот и вработените, можам да заклучам дека Зоолошката е во милионски долгови, долгови по основ на добавувачи за храна, сметки за електрична енергија, наидовме на празни кафези, наидовме дека се оставени без видеонадзор затоа и се случиле некои немили настани кои сè уште и ден денес не се расчистени, наидовме дека се буквално замрзнати преговори со ЕАЗА, прашавме до каде е статусот дали нешто се работи за повторно да станеме кандидат членка, сите оние преговори се замрзнати и во моментов не се работи за ништо“, дециден е Кирков.
Тој објасни дека ниту има тим, ниту желба и идеја за да се подобрат работите како и дека вработените немаат регулиран статус за работното место.
„Добивме одговор дека буквално се нема тим, се нема желба, нема идеја како понатака и фали кадар, се затекнав со луѓе кои ги познавам и кои од повеќе од пет до седум години немаат регулиран статус за работното место. Не чекаат многу поубави денови за Зоолошката градина со доаѓањето на новото раководство, на новиот градоначалник но до тогаш и оној мал професионален кадар кој остана треба да си го задржиме и не смееме да дозволиме да биде со нерегулиран статус“, истакна Кирков.
Македонија
Началникот на Генералштабот на Армијата во касарната во Штип каде се реализира заедничка обука со воружените сили на Обединетото Кралство

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова, заедно со амбасадорот на Обединетото Кралство, Метју Лосон, денес , остварија посета на касарната „Јане Сандански“ во Штип, каде се реализира заедничка обука на припадниците на Армијата и Вооружените сили на Обединетото Кралство.
Обуката е дел од 10-месечниот план за развој на интероперабилноста на армиската декларирана единица. Во последните пет години, 10 специјализирани тима за краткорочна обука од Обединетото Кралство, со вкупно 40 обучувачи, изведуваа обука во областа на урбаното војување, извидничките операции и радиокомуникациите.
Обуката, која се реализира во моментов, ќе овозможи правилна употреба на врските и зголемена ефикасност во користењето на тактиките и процедурите на армиите на сојузничките земји. Припадниците на лесните извидувачки единици од 2.пешадиски баталјон, кои се дел од оваа обука, воедно ќе бидат оспособени да ги пренесат стекнатите знаења и вештини во своите матични единици.
Пред показната вежба, во штипската касарна, беше реализирана и презентација на мисијата, задачите и развојот на Лесната пешадиска баталјонска група, тактичко-технички збор на новопримената опрема, возила и вооружување, како дел од процесот на модернизација и опремување на Армијата.