Македонија
Спасовски: Со обвинител ќе прецизираме за кое дело ќе одговара, но реакција за професорката Ачкоска мора да има
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ќе бара реакција од Јавното обвинителство по статусот на „Фејсбук“ на пензионираната професорка од Филозофскиот факултет, Виолета Ачкоска, која објави дека средношколец бил отруен со дрога во пијалак, послужен во кафуле. Таа денес во полициска станица објасни дека нема информации за настанот, дека објавата ја направила откога за тоа ѝ кажале ученици, а сфатила дека направила грешка кога почнале да ја бараат новинарите, па го избришала статусот.
Министерот Спасовски денес ја потсети јавноста дека доколку некој има податоци за некое кривично дело, треба да ги сподели со истражните органи, а не на „Фејсбук“. За професорката Ачкоска, најави дека ќе бара да постапува Обвинителството.
„Во врска со овој случај ние ќе поднесеме пријава до Јавното обвинителство и ќе бараме да има реакција од таму бидејќи не може во ниту еден момент да изнесуваме податоци и информации што предизвикуваат страв, неизвесност и паника во јавноста, без да се базираат на какви било факти и податоци. Ќе се консултираме со јавниот обвинител за да прецизираме за кое кривично дело ќе одговара, но мора да има реакција“, рече министерот Спасовски по потпишувањето на меморандумот за соработка со Државниот инспекторат за труд.
Тој апелираше сите да бидат одговорни за јавно изречените зборови, а посебно луѓето со интегритет и повика да не се шират шпекулации поврзани со смртта на средношколецот како оние од вчера дека имало повеќе починати средношколци во Градски парк која МВР ја демантираше.
„Упатувам апел до јавноста да бидеме навистина одговорни бидејќи, верувајте, нема ништо повредно од животот на еден човек, особено од животот на еден млад човек. Мислам дека вакви трагични ситуации со кои се соочуваме не треба да бидат дел од никакви пресметки. Дали се тоа политички, дали се некакви други пресметки и сметам дека особено треба да внимаваат луѓето што сметаат дека имаат висок интегритет. Знаете, да излезете во јавноста и да кажете дека поради ставање дрога во пијалак починал некој средношколец и притоа некој на тоа да не реагира, е многу сериозно обвинување што го имате“, рече министерот Спасовски.
Објавата на професорката Ачкоска на „Фејсбук“ во вторникот предизвика лавина реакции, коментари и споделувања пред да ја избрише вчера попладне.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес дожд и грмежи, можно е краткотрајно невреме со силен ветер и град
Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има услови за појава на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.
Минималната температура ќе се движи од 9 до 15, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Македонија
ДИК ги соопшти местата на кои ќе се прегласува на 22 мај
Државната изборна комисија (ДИК) денеска, на 105. седница, едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето во Изборната единица (ИЕ) 5 на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1.194 и 1.202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино. Гласањето ќе се одржи идната среда, на 22 мај 2024 година.
ДИК на седницата ги разреши и претседателите на избирачките одбори, членовите и нивните заменици во избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.
Со оглед дека се кратки роковите за избор на нови избирачки одбори, за да биде регуларно прегласувањето, општинските изборни комисии (ОИК) ќе треба да ангажираат некои од веќе постојните избирачки одбори, или од најблиските избирачки места или некои други, и за тоа ќе треба да достават известување до ДИК.
Кампањата за повторното гласање ќе трае до понеделник, 20 мај, 00.00 часот. Притоа, ќе важат истите листи за болни и немоќни лица, ќе нема можност да се пријавуваат нови.
Според ДИК, има можност за измени и предлози за овластени претставници на кандидати. Тоа важи и за членовите на избирачките одбори кои се предложени од политичките партии.
Македонија
Кацарска ја чува обезбедување, денес добила закани дека „страшно ќе одговара“
Непознато лице денеска напладне во близина на ТЦ „Рамстор“ во центарот на Скопје вербално и се заканувало на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска. По инцидентот интервенирало нејзиното обезбедување.
„Полициски службеници од полициската станица Центар денеска во 14:00 часот го лишиле од слобода В.П.Г. (57) од Богданци, постапувајќи по претходна пријава дека во угостителски објект во трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје упатил закани кон Д.К.(67) од Скопје со зборовите ‘ќе одговараш, страшно ќе одговараш’. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 144 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Пред неколку дена во подземна гаража на зграда во Центар пронајдени се импровизиран кревет и кујнски нож на гражаното место на Кацарска.
Од МВР потврдуваат дека известен е јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.