Македонија
Спасовски: Улогата на Одделот за воздухопловни единици при МВР беше клучна во справувањето со пожарите и многуте спасувачки мисии
Во седиштето на Хеликоптерската единица за полициски намени во Идризово се одржа свечена церемонија по повод 54 години од формирањето на Одделот за воздухопловни единици при МВР, на која свое обраќање имаа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, началникот на Одделот за воздухопловни единици, Ненад Алексовски, како и државната секретарка на Република Словенија, Тина Хеферле, во присуство на раководството на МВР и многубројни претставници од државните институции и дипломатски претставништва, соработници на Одделот.
Истакнувајќи дека преку својот високопрофесионален пристап во текот на годините Одделот се изгради како важен оперативен елемент, кој ги опслужува сите функционални единки и служби во Министерството за внатрешни работи, министерот Спасовски во своето обраќање ја потенцира суштината на работењето на Одделот.
„Кога зборуваме за сегментот на оперативно дејствување на Одделот за воздухопловни единици, тој претставува еден од суштинските во полициското работење преку кој се извршуваат сите задачи од областа на антитероризам, одржување на јавниот ред и мир, заштитата и спасувањето, помош при елементарни непогоди и други полициски работи“, рече министерот Спасовски. Притоа тој се осврна на неколкугодишниот развој на Одделот. „Од 2017 година наваму го динамизиравме процесот на материјално-техничко оспособување на полициските служби и на полициските службеници на ниво на МВР, па така и во Одделот за воздухопловни единици се ориентиравме кон неговиот континуиран развој и модернизирање како во поглед на личната опременост на полициските службеници што работат тука така и во поглед на подобрување на објектите и инфраструктурата што тие ја користат во секојдневното работење. Во овој период на развој беше инвестирано во низа неопходни инфраструктурни потреби на единицата не само од аспект на материјално-техничките потреби, како што се реновираниот објект на единицата, рампа за десантирање тимови од воздух, ведро и резервоари за гаснење пожари, туку и персоналното опремување на вработените со летечки униформи и специјална летечка опрема, но и униформи за персоналот за техничко одржување“, рече Спасовски.
Спасовски особено ги потенцира летната сезона и гаснењето на пожарите, како и спасувачките мисии од страна на Одделот.
„Она што сакам особено да го потенцирам е полициското дејствување за време на летната сезона изминативе три години, каде што Одделот за воздухопловни единици беше клучен во справувањето со огнените стихии на територијата на целата држава. Притоа, соработувајќи со низа институции од државниот апарат, припадниците на хеликоптерските единици за полициски и за посебни намени секогаш се во првите редови на системското спротивставување, заштита и превенција од пожари, а секако вредни за споменување се многуте заеднички спасувачки мисии реализирани во координација со другите полициски служби, првенствено со Одделот за специјални полициски операции – специјалната антитерористичка единица ‘Тигар’ и Единицата за брзо распоредување“, истакна Спасовски со уверување дека и во годините пред нас припадниците на Одделот ќе бидат на висина на задачата и професионални и посветени како и досега и дека заеднички ќе се вложи дополнителна енергија и ентузијазам во натамошниот раст и развој на Одделот, со единствена цел – градење полиција сервис на граѓаните и гарант за сигурноста и безбедноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.
Македонија
15 возачи лишени од слобода поради возење без возачка дозвола и под дејство на алкохол
Полициски службеници на целата територија на државата, во текот на вчерашниот ден, лишиле од слобода 15 возачи, од кои шест за возење под дејство на алкохол, на територија на Делчево, Кичево, Гевгелија, гевгелиско и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, пет лица се лишени од слобода затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на Скопје, Градско, светиниколско, Прилеп и неготинско. Четворица возачи пак се лишени од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа еден во Гевгелија, еден во Скопје, а двајца во тетовско. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

