Македонија
Спречени обиди за шверц на ловечка муниција, цигари и брендирана облека, а спречен е и обид за нелегален изнес на девизи
Вкупно 68 парчиња непријавена облека со потпис на познатите трговски марки „Бос“ и „Ралф Лаурен“, се запленети од страна на мобилен тим на влез во државата на граничен премин Деве Баир по извршена контрола на автобус. Против патникот во чиј багаж се откриени непријавените парчиња облека се води прекршочна постапка, а започната е и постапка за заштита на право од интелектуална сопственост, извести Царинска управа.
Мобилен тим на граничен премин Дојран спречи обид за нелегален внес на поголема количина патрони за ловечка пушка. Истите се откриени при контрола на автомобил управуван од македонски државјанин. Имено, поради сомневање во изјавата на лицето дека нема ништо за пријавување, инспекторите пристапија кон детален преглед на возилото при што пронајдени се вкупно 90 патрони ловечка муниција, сокриена на повеќе места – под возачкото и совозачкото седиште, под патосникот пред совозачкото седиште, под потпирачот за раце на задното седиште, во најлонска кеса сместена во детското седиште и во багажниот простор. Непријавената ловечка муниција е привремено задржана, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка

Утринава во два часот после полноќ, на наплатна станица Петровец мобилен тим стопираше автобус кој сообраќа на вонредна линија Скопје – Истанбул – Скопје, при што во багажот на еден од патниците откри поголема количина на непријавена стока за која патникот не поседувал документ за платени царински давачки.
Станува збор за вкупно 1.190 парчиња разни производи меѓу коишто ременчиња за часовници, батерии за слушни апарати, маски за телефони, информираше Царинска управа.

Царински службеници на граничен премин Богородица на влез во државата спречија обид за нелегален внес на 9.600 парчиња цигари или вкупно 48 штеки цигари откриени при контрола на автомобил управуван од унгарски државјанин. Штеките со цигари се откриени во просторот за и околу резервната гума како и во една од патните торби.

Царински службеници на граничен премин Богородица спречија обид за нелегален изнес на девизи во износ од 10 илјади евра откриени кај возач на автобус. Имено на прашање на царинските службеници дали возачот и патниците имаат нешто да пријават истите одговориле дека немаат ништо за пријавување. Возачот на автобусот повторно бил прашан дали има нешто за пријавување при што истиот одговорил дека носи со себе само две илјади евра. Поради сомневање во изјавата е извршен претрес при што покрај пријавените девизи под појасот на неговите фармерки биле пронајдени уште 10.000 евра. Согласно Законот за девизно работење на патникот му се вратени 2000 евра, што македонски државјани можат да ги изнесат од државата без да ги пријават, а останатите се задржани. Против лицето е поднесена пријава за девизен прекршок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

