Македонија
Средба Димитров – Шидер: ЕУ да покаже дека е сериозна кога зборува за проширување

Потребно е да се упати јасна порака до граѓаните дека европската перспектива на државите од Западен Балкан е јасна, предвидлива и остварлива и дека ЕУ е сериозна кога зборува за проширувањето, порача вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, на средбата со Андреас Шидер, европратеник и копретседавач со Мешовитиот парламентарен комитет на ЕУ за Северна Македонија.
На средбата, како што соопштија од кабинетот на Димитров, била изразена благодарност за континуираната и принципиелна поддршка на Европскиот парламент на политиката за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, при што вицепремиерот Димитров се осврнал на Резолуцијата на ЕП за Северна Македонија, што ги отсликува постигнатите реформи и демократските процеси на земјата и содржи позиција дека билатералните прашања не треба да го блокираат процесот на пристапување.
Притоа Димитров нагласил дека неодложно е потребно постигнување консензус за преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ заради доследно спроведување на одлуката за почеток на пристапните преговори.
„Ги цениме заложбите на Европскиот парламент и вашите лични заложби за што побрзо официјално почнување на пристапните преговори, процес што мора да се одвива во европски дух, со почитување на европските вредности како основи на процесот. Успехот ќе значи дека и ЕУ ги реализира своите одлуки и ќе даде поттик за продолжување на реформите и јакнење на демократските институции не само во Северна Македонија туку во целиот регион“, истакна Димитров.
Тој изразил цврста заложба за натамошна посветеност на реформите што се дел од ЕУ-агендата не само заради натамошен напредок во евроинтегративниот процес туку, пред сѐ, заради подобрување на секојдневниот живот на македонските граѓани преку пренесување на европските стандарди дома.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За 30 дена ќе ставам крај на депониите во Гази Баба, рече кандидатот на СДСМ за градоначалник, Митовски

Кандидатот за градоначалник на Гази Баба од СДСМ, Влатко Митовски, најави дека во првите 30 дена од преземањето на функцијата ќе го реши проблемот со сметот и дивите депонии во општината.
„Нема повеќе да има диви депонии зад контејнерите, ниту општината ќе создава сопствени депонии. Отпадот ќе биде одложуван на пропишани и контролирани локации, а комуналното претпријатие повторно ќе стане функционално,“ порача Митовски.
Тој го обвини актуелното раководство дека четири години не успеало да воспостави систем за редовно собирање на отпадот, поради што комуналните служби се во целосен колапс.
Македонија
(Видео) Коњановски: Хотелот „Битола“ ќе се адаптира во Дом за стари лица – проект по иницијатива на граѓаните

Кандидатот за градоначалник на општина Битола, Тони Коњановски, порача дека секој голем проект започнува од гласот на граѓаните и дека заедничкото размислување, пишување и работа се клучот за подобро секојдневие.
„Една од најзначајните иницијативи што ја предложија граѓаните е адаптацијата на хотелот ‘Битола’ во Дом за стари лица – место кое ќе овозможи достоинствен живот, грижа и внимание за највозрасните сограѓани“, изјави Коњановски.
Меѓу останатите приоритетни предлози се: бесплатен оброк за сите ученици од 1 до 3 одделение, обезбедување униформи за децата од 1 до 5 одделение, организација на летни кампови за деца од социјално загрозени семејства, зголемување на капацитетите на градинките, како и продолжување на акцијата за отстранување на дивоградбите и гаражите, особено во Нова Битола.
„Вистински избор се проектите создадени од граѓаните, за граѓаните. Вистински избор е заедничкиот труд – кога гласот на граѓаните станува проект што го менува секојдневието“, нагласи Коњановски.
Македонија
Од утре на полноќ почнува изборниот молк

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги известува радиодифузерите дека изборната кампања за првиот круг од Локалните избори трае до 24:00 часот на 17 октомври 2025 година. Од 18 октомври заклучно со 19:00 часот на 19 октомври важат правилата за изборен молк.
За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања.
Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.