Македонија
Мисајловски – Варнс: Имаме најголема финансиска поддршка за опрема на Армијата од САД во сите овие години, сума што надминува 300 милиони долари
Денеска во Министерството за одбрана министерот Владо Мисајловски оствари средба со в.д. амбасадорка на САД, г-ѓа Никол Варнс, на која и посака добредојде во земјава и успех во работата за време на нејзиниот мандат.
Министерот Мисајловски се заблагодари на најголемата финансиска поддршка за опрема и модернизација на Армијата од страна на САД во сите овие години, сума која надминува 300 милиони долари.
За време на средбата беше истакната исклучително блиската – стратешка одбранбена соработка меѓу двете земји, со посебен акцент на соработката со Националната гарда на Вермонт. Дополнително се разговараше за развојот на Армискиот полигон Криволак, во насока да стане еден од најдобрите полигони за обука за воениот персонал во Европа и за претстојните вежбовни активности на истиот во 2025 година, меѓу кои и Immediate Response дел од вежбата Defender Europe, на која свое учество ќе има лесната пешадиска баталјонска група.
На денешната средба присуствуваа и в.д. заменик шеф на мисијата на САД, Дејвид Мајерс, одбранбеното аташе, полковникот Даниел Сквајерс и шефот на канцеларијата за соработка во одбраната, потполковник Шон Руфало.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Сарај и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот, дел од корисниците од село Буковиќ, горниот дел (општина Сарај);
во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците на улицата Струшка (општина Карпош).
Македонија
Апасиев: Следната недела ќе закажам посебна седница за трагедијата во „Пулс“
„Како претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието на РМ, следната недела планирам да ја закажам посебната комисиска седница на која ќе се разгледува добиената Претставка од „Здружението 16 Март“ на родителите од Кочани, на која ќе се расправа за изнесените наводи поврзани страшната трагедија во дискотеката „Пулс“. На седницата официјално ќе бидат поканети и претставници на подносителите“, напиша на социјалните мережи пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев.

За време на саботниот „Марш на ангелите“ во Скопје, семејствата на загинатите во „Пулс“ побараа пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на случајот.
Македонија
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд
Претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), локално со услови за невреме со засилен ветер (над 60 km/h) и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 13 до 18 степени.
Во Скопје, облачно со повремени врнежи од дожд, во делови од котлината повремено пообилни. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на серија влажни воздушни бранови до крајот на седмицата следува период на променливо облачно и релативно топло време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни, локално со услови за невреме со засилен ветер (над 60 km/h) и ретки грмежи. Во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m2). Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.

