Македонија
Средба на Џафери со претседателот на Државниот збор на Словенија, Дејан Жидан,
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска, оствари средба со делегацијата од Република Словенија, предводена од претседателот на Државниот збор, Дејан Жидан, кој престојува во официјална посета на земјава. На средбата присуствуваа и потпретседателот на Собранието, Зеќир Рамчиловиќ, и претседателот на пратеничката група за соработка со парламентот на Република Словенија, Нада Ципушева.
Џафери изрази задоволство од реализацијата на оваа официјална посета и за интензитетот на средби на сите нивоа како резултат на плодната билатерална соработка меѓу двете држави. Фреквенцијата на посети во рамките на парламентарната соработка е особено изразена во последните неколку години. Во таа насока високо ја цениме поддршката на Република Словенија за нашите евро-атлантски интеграции, нагласи претседателот Џафери.
Тој го инфомира својот соговорник за пресвртниот момент во кој се наоѓа земјата од својата понова историја во однос на пристапувањето во НАТО, кое треба набргу да се случи, и очекувањето да добиеме датум за преговори за членство во ЕУ оваа година.
Во контекст на НАТО, тој повторно се заблагодари на фактот што Република Словенија беше првата земја по Република Грција што го ратификува протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО и изрази очекување дека Шпанија набргу ќе ја заврши постапката на ратификација на пристапниот протокол по што земјата ќе стане 30. членка на НАТО оваа година.
Во однос на ЕУ, во октомври, и покрај серијата реформи, следуваше разочарување поради реакцијата на Франција и на неколку други земји, кои бараа подобрување на методологијата на водење преговори и одложување на одлуката по ова прашање. Претседателот Џафери потенцира дека земјата сепак останува на патот на реформите до полноправно членство во Европската Унија и дека сите политички партии опстојуваат на тој пат бидејќи земјата нема друга алтернатива, освен членството во Унијата. Исто така, тој го поздрави членството на двете земји во регионалните иницијативи, како Процесот Брдо-Бриони, ПСЈИЕ, како и во рамките на Берлинскиот процес.
Претседателот Жидан го искажа оргомното задоволство за ратификацијата на протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО, како и поддршката на сите политички партии во Република Словенија за евро-атлантските процеси. Според него, членството во НАТО е значајна придобивка и тоа треба да се поздрави, а во однос на ЕУ тој ги сподели искуствата на Словенија и пречките со кои се соочувала на патот кон членство, кој на крајот, сепак, се покажал како добра одлука за сите нејзини граѓани. Тој изрази очекување дека земјата ќе добие датум за почеток на преговорите до мај оваа година. Претседателот Жидан исто така искажа поддршка на иницијативата за овозможување на студентите од Северна Македонија да студираат под исти услови како словенечките студенти изразувајќи надеж дека тие може да служат како мост на поврзување меѓу двете земји.
Соговорниците ја истакнаа својата поддршка за унапредување на соработката на полето на економијата и овозможување на потребните услови за интензивирање на соработката меѓу стопанските комори на двете држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

