Македонија
Средба Јаневска – Ванделт: Дуалното образование по германски модел е голема придобивка за државата и ќе продолжи да се проширува
Успешната соработка co АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германски комори во странство, ќе продолжи затоа што квалификувани кадри им се неопходни на компаниите што работат во државата. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната средба со директорката на АХК Северна Македонија, Антје Ванделт, разговара за проширување на моделот на дуалното образование, но и унапредување врз основа на согледувањата од досегашната успешна примена.
Јаневска нагласи дека младите се во фокусот на Владата и Министерството за образование и наука. Со германскиот модел на дуално образование средношколците добиваат современо и квалитетно стручно образование, се градат кадри, кои се енормно потребни на македоснкот пазар на трудот затоа, како што рече Јаневска, заедно со партнерските компании тоа ќе се надгради. Министерството за образование и наука, во соработка со Бирото за образование и Педагошката служба, го интензивираат и процесот на носење нови учебници за средното стручно образование.
Честитајќи ѝ на министерката за изборот на позицијата, директорката Ванделт истакна дека АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германски комори во странство, е во постојан дијалог со германските инвеститори. Пред седум години почна воведувањето на дуалното стручно образование по германски терк во македонската образовна програма.
Во меѓувреме, 15 компании се партнери, како германски така и македонски, но и други интернационални компании го сметаат германскиот модел како инвестиција за успех. Програмата се спроведува во осум града во 8 училишта. Повеќе од 450 ученици моментно се дел од програмата за дуално стручно образование по германски терк. И во иднина синхронизацијата на системот на средното образование со потребите на пазарот на трудот останува како главна цел на двете институции.
Како што истакнаа соговорничките, очекувањата за натамошно зголемување на промотивните активности за придобивките од средното стручно образование се од интерес како на учениците така и на стопанството и државата во целина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.

