Македонија
ССМ пред Собранието: Ако не се зголемат платите во јавниот сектор, ќе бараме оставки
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) на првиот ден од генералниот штрајк, со кој работниците во јавниот сектор бараат поголеми плати, на булеварот пред Собранието утрово постави 120 столчиња, по едно за секој пратеник.
Синдикалците бараат зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2.806 денари и утврдено право на регрес за годишен одмор во висина од 30 до 100 отсто од основицата.
Пред Собранието свое обраќање имаше и претседателот на ССМ, Дарко Димовски, кој побара поддршка од народните претставнци за поднесениот амандман, како што рече, сега и веднаш, односно почнувајќи од 1 јули.
„Тие пари ни се неопходни поради сè ова што ни се случува, двоцифрена инфлација, ценовни шокови, најавена енергетска криза и поскапување на струјата.
Сите оние што нема да го поддржат ова наше барање во интерес на работникот, наше легитимно право како претставници на работниците е од нив да побараме оставка“, предупреди Димовски.
„Ние сме ги избрале тие пратеници за да ги унапредуваат и чуваат нашите права и да ни излезат во пресрет сега кога ни е најпотребно. Другари пратеници, другари од власта, од локалната самоуправа, сериозно сфатете си ја работата, работникот денеска се бори за егзистенција“, нагласи претседателот на ССМ.
Синдикатите утре протестот ќе го преселат пред Владата, каде што со 21 празно столче, за секој министер, ќе го блокираат сообраќајот на булеварот Илинденска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.