Македонија
Ставот на Адеми појак од оној на Заев: Ќе се преиспитуваат само одбиените проекти од скандалозниот конкурс за култура
По обелоденувањето на скандалозниот конкурс на Министерството за култура, каде што бројни проекти кои со години наназад ја обележувале македонската културна сцена беа одбиени, а на сметка на тоа пари за проекти добија анонимни лица и новоотворени фирми, премиерот Зоран Заев и министерот за култура, Асаф Адеми, одржаа средба, откако претходно излегоа со различни ставови. Заев тврдеше дека целиот конкурс ќе биде поништен, додека Адеми рече дека ќе се приспитуваат само одбиените пријави.
Според соопштението што беше испратено од Министерството за култура, очигледно ставот на Адеми бил поцврст.
„На средбата беше усогласен ставот комисиите по дејности да ги преиспитаат одбиените пријави и, во согласност со Законот за општата управна постапка, на субјектите кои доставиле пријави да им се даде можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација за пријавите кои имале формални недостатоци. Дополнително појаснување на доставената пријава може да се побара само за проектите за кои стручната комисија оценила дека се во функција на развој, афирмација и промоција на културата во Република Северна Македонија и кои имаат предуслови да бидат избрани за проекти од национален интерес во културата за 2019 година“, стои во соопштението.
Ова значи дека конкурсот нема да биде поништен, односно нема да бидат ревидирани проектите кои се веќе одобрени.
„Министерот Адеми ги поканува сите апликанти кои имаа забелешки на состаноци во Mинистерството со цел да се дефинираат чекори со кои во иднина би се избегнале недоразбирања или недостатоци при јавните конкурси. Исто така, министерот останува отворен за укажувањата и потребите на националните установи со чии раководители е во постојан контакт и за кои, според Законот за културата, се можни промени во финансирањето во текот на целата година“, се вели во соопштението.
Според Министерството, со новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата ќе се унапредат начините на поддршка на проектите во културата, за што и Министерството и сите чинители во оваа сфера се согласни дека актуелната норматива не ги задоволува потребите на современото време.
„Со донесување на новиот закон, чиј предлог-текст е сè уште отворен за сугестии од сите засегнати страни, уверуваме дека ресорот култура во иднина ќе ги добие потребните системски решенија за кои се залага голем дел од јавноста во културата“, велат од Министерството.
Резултатите од скандалозниот конкурс беа објавени пред десетина дена. Скопскиот џез-фестивал и фестивалот „Оффест“ беа отфрлени на конкурсот, исто како и сите предложени проекти на „Авалон продукција“. Реакциите од јавноста беа жестоки, оставка од Советот за култура даде театарскиот режисер Зоја Бузалковска, а актерот Оливер Митковски, еден од членовите на комисиите, даде издвоено мислење во кое го критикува изборот.
„Макфакс“ веќе објави дека на шест пријавени фирми на скандалозниот конкурс за проекти од национален интерес во културата за 2019 година, во делот за музичко-сценска дејност една како по правило е од Тетово, а некои од фирмите биле формирани непосредно пред објавувањето на конкурсот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре ССМ ќе го блокира Собранието: Најмалку 250 евра за пратениците, а ни 25 за работниците е срамно
Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) денес испрати уште еден повик до работниците утре во 9 часот да излезат на протест за минимална плата 600 евра и 100 евра зголемување на сите останати, со блокада на Собранието. Работниците ќе ги блокираат булеварот 11 Октомври и улицата Даме Груев по кои пратениците можат со автомобил да дојдат до Собранието. Ќе бидат пропуштани само возилата на Итната медицинска помош, Противпожарната бригада и полицијата.
„Пратениците цела година молчат за предлогот на ССМ за зголемување на минималната плата и за зголемување на сите останати плати. За да ги заштитиме интересите на работниците, работниците бараат минималната плата веднаш да се зголеми на 600 евра, а останатите плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари или за разликата од зголемувањети на минималната плата ( од сегашната минимална плата и новата минимална плата). Пратениците се глуви на работничките барања за зголемување на работничките плати, а работниците им дале мандат да уживаат во луксузот со 79% зголемени плати кои дополнително ќе се зголемат за 12,6 % доколку Уставниот суд ја укине Уредбата на Владата од минатата година и ќе се зголемат за 9,2% колку што пресмета Гувернерот на Народната банка дека изнесува порастот на просечната плата за 2025 година или ќе добијат вкупно 21,8% зголемување на нивните плати. Најмалку 250 евра за пратениците, а ни 25 евра за раборниците е срамно“, стои во денешниот повик од ССМ.
Синдикатот потсетува дека истите пратеници кои уживаат право на собраниско бифе по ниски цени и трошоци за патување до нивното работно место е нешто што им го скратиле на работниците и нешто што не им го утврдуваат како право на храна и превоз на работниците.
„Пратениците први ќе се соочат со работничкиот гнев, а преку блокадата ќе ги оневозможиме тој ден да наплатат патни трошоци кои надминуваат и 100 евра за еден ден, да дојдат пешки или со градски превоз онака како што одат на работа работниците. Ги потсетуваме дека не само што мораат итно да гласаат за зголемување на минималната плата и за згомемување на сите останати плати, мораат да гласаат и за намалување на функционерските плати по иницијативата на ССМ“, повикува ССМ.
Доколку и понатаму молчат, ССМ ќе премине на собирање 10.000 потписи за да ги намали платите на пратениците, а да ги зголеми работничките плати.
ССМ се извини на граѓаните кои ќе имаат потреба да се движат во периодот на блокадата по булеварот 11 Октомври и улицата Даме Груев и нагласи дека секој итен случај ќе биде пуштен да помине.
Македонија
Минатата недела „пајакот“ кренал 101 возило во Општина Центар
ЈП Паркинзи на Општина Центар во периодот од 02.02 до 08.02.2026 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 101 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ во наредниот период ќе продолжи со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, соопштија од претпријатието.
Македонија
„На сите им е јасно дека без поддршка и логистика од врвот на власта не е возможно да се шверцуваат 5 тони дрога“, велат од СДСМ
„После цела недела од објавувањето на картелскиот скандал со заплена на 5 тони дрога од Македонија во Србија нема одговор на клучното прашање: како 5 тони дрога поминала преку македонската граница? Станува збор за огромна количина на дрога. Пет, десет, можеби и повеќе шлепери со дрога ја поминале границата, а нема приведени, нема осомничени, нема информација кој се е замешан“, велат од СДСМ.
„Како е можно од самиот центар на Скопје да излезат 5 тони дрога и ‘лесно невидливо’ да ја преминат границата и да заминат за Србија? Каде се камерите на „Safe City“? Каде била полиција? Каде била Мобилна цaрина? Зошто немало контроли? Што правеле АНБ и АР?
На сите им е јасно дека без поддршка и логистика од врвот на власта не е возможно да се шверцуваат 5 тони дрога. Од медиумите видовме дека случајот во Србија е поврзан со сестринската партија на ВМРО- СНС како и со државни функционери.
Прашањето е кој се е вмешан од структурите во Македонија и кој дозволил 5 тони дрога да поминат преку граница? Мицкоски, Тошковски, Тарчуловски, Николовски, началници, раководители, инспектори, службеници. Кој?
Заплените кои ги прави власта не се одговор на главните прашања туку дефокус од скандалот со 5 тони дрога. Но и тоа не може да ја спаси власта. Доколку се запленети нелегално произведен и складиран канабис во Македонија, тогаш повторно одговорноста е кај власта и кај никој друг.
Затоа што дозволиле нелегално да се произведува и складира марихуана изминатите две години. Одговорноста за картелскиот скандал со 5 тони дрога која од Македонија завршила во Србија води директно до врвот на владата. Нема бегање. Сите ќе одговарате!“, соопштуваат од СДСМ.

