Македонија
Стаменкоска-Трајкоска: ВМРО-ДПМНЕ секогаш се стреми кон повисоки плати за наставниот кадар
Денес, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе предлог-закон за дополнување на Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта, по скратена постапка, истакна Бети Стаменкоска-Трајкоска, пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Се работи, како што појасни таа, за идентичен закон со законот што го има поднесено од СДСМ, кој, како што нагласи, го користат за манипулации на јавноста дека ВМРО-ДПМНЕ била против зголемување на платите на наставниците и подобрување на воспитнообразовниот процес.
„Значи, се работи за ист закон, но едиствената разлика е тоа што во овој предлог-закон го нема делот со кој СДСМ сака да си ги згрижи своите партиски војници во образованието и наместо квалитет во наставниот кадар, сака да изврши груба партизација, што ќе биде на штета и на образовниот процес и на штета на нашите деца. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ сака и секогаш се стреми кон повисоки плати за наставниот кадар и токму затоа го поднесуваме овој закон“, истакна Стаменкоска-Трајкоска.
За да се обезбеди квалитетен образовен процес преку професионалниот и кариерниот развој на наставниците и стручните соработници, потребно е, додаде пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, да се зголеми нивната мотивација. Со зголемување на нивната мотивираност, смета Стаменкоска-Трајкоска, ќе се подигне квалитетот на воспитно-образовниот процес во Македонија. За таа цел, нагласи дека е потребна економска сигурност на наставниците и стручните соработници и вреднување на нивниот труд, кој се постигнува со пораст на платите.
„Токму заради елиминирање на досегашната нееднаквост во однос на исплатата на платите во Републиката, со законот ќе се создаде правна сигурност, со која платите во образованието ќе се усогласат по колективен договор, со минималната плата на национално ниво. Исто така, со овој предлог-закон ќе се тргне маската на СДСМ и на парламентарното мнозинство за наводната грижа за зголемувањето на платите на наставниот кадар и ќе се види дека нив единствено ги интересира партизација на основните и средните училишта со несоодветни кадри“, потенцира Стаменкоска-Трајкоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Мицко, малиот Вучко, копира сè што прави неговиот српскиот „стрико“
Имаме и ние „Ќаци“ препишувачи. Ова безидејно ДПМНЕ целосно го копира Вучиќ, реагираат од СДСМ, на изјавата на Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСМ објавува соопштение дека Никола Груевски од Будимпешта ги води и им пишува што да кажат, праќа денеска соопштение ДПМНЕ „Заев од Дубаи“ ги пишува текстовите на СДСМ. Вчера СДСМ објави соопштение со наслов „Децата на Орбан“, ВМРО-ДПМНЕ излегува со соопштение „Децата на Заев“. СДСМ објавува соопштение „кога крадецот вели држете го крадецот!“. Томовски се јавува и ги употребува истите зборови „крадецот вели држете го крадецот“. Она што на сите им е одамна познато е дека Мицко, малиот Вучко, копира сè што прави неговиот српскиот „стрико“. Ама во ВМРО-ДПМНЕ очигледно не ја разбрале добро улогата на Светите Кирил и Методиј и нивните школи, како ни улогата на Климент Охридски. Тие се поблиски до препишувачката Ресавската школа. Бадијала им е на македонските „Ќаци“ препушувачи, граѓаните знаат и гледаат. Криминалот е на виделина. Сите ќе одговарате од прв до последен“, пишува во реакцијата.
Македонија
Николоски објави видео од изградбата на автопатот Тетово – Гостивар
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, објави видео од градежните активности на автопатот Тетово – Гостивар.
„Интензивно се работи на автопатот Тетово – Гостивар. Силна динамика во комплетирањето на автопатското решение на Коридорот 8. Ја градиме Македонија“, напиша вицепремиерот Николоски на својот фејсбук профил и објави видео од изградбата.
Македонија
Одземени 7.107 парчиња пиротехнички средства на скопски Бит Пазар
Во акциска контрола за сузбивање на нелегална продажба на пиротехника се одземени 7.107 парчиња пиротехнички средства на скопски Бит Пазар, следува соодветна пријава, соопшти МВР.
Денеска (08.12.2025) полициски службеници, на влезот на Бит Пазар, пронајдоа 7.107 парчиња пиротехнички средства, кои биле поставени на три импровизирани тезги.
Пиротехничките средства се одземени и се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата кои ги продавале, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.
„И во наредниот период МВР ќе продолжи со преземање на мерки и активности за спречување на нелегалната трговија со пиротехника. Апелираме до граѓаните доколку забележат лица кои продаваат пиротехнички средства, да пријават во полициска станица или на телефонските броеви 112 и 192“, се наведува во соопштението.

