Македонија
Пуштена новата редовна авиолинија Скопје – Љубљана
Со коктел-забава како изненадување и мали подароци за патниците во заминување на првиот лет, ТАВ синоќа на Меѓународниот аеродром „Скопје“ го означи почетокот на новата редовна авиолинија Скопје – Љубљана на „Визер“.
„ТАВ ја прославува оваа одлична пригода – воведувањето на новиот лет на ‘Визер’ на релација Скопје – Љубљана – Скопје. За оваа авиолинија имаше голема побарувачка со оглед на тоа што има многу деловни патници, студенти и македонски иселеници што често патуваат меѓу двата града, а речиси 4 години, од 2019 година досега, немаше директна авиоврска меѓу Скопје и Љубљана. Среќни сме што ‘Визер’ го препозна ова барање и веруваме дека нивните услуги ќе ги задоволат потребите на нашите патници. Воведувањето на оваа нова рута исто така ќе им служи и на рекреативните патници и ќе ги зајакне нашите врски со Словенија. Љубљана, со своето богато културно наследство и енергична атмосфера, беше мошне очекувана дестинација за патниците од Скопје. Би сакал да изразам искрена благодарност до ‘Виз’ за нивната одлука да ја додадат оваа рута од својата база во Скопје, со што ќе се зајакне регионалната поврзаност. Со нетрпение очекуваме да им посакаме добредојде на патниците на скопскиот аеродром, да обезбедиме беспрекорни аеродромски услуги и да создадеме трајни спомени при нивните патувања“, изјави Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
„Виз“ ќе лета на релација Скопје – Љубљана – Скопје двапати неделно, секоја среда и секоја недела. Времето на заминување во среда од Меѓународниот аеродром „Скопје“ е 18.40 часот, со време на пристигнување во Љубљана во 20.20 часот. Полетувањето од Љубљана е во 20.55 часот со слетување на скопскиот аеродром во 22.30 часот.
Времето на заминување во недела од Меѓународниот аеродром „Скопје“ е 19 часот, со време на пристигнување во Љубљана во 20.40 часот, а полетувањето од Љубљана е во 21.15 часот со слетување на скопскиот аеродром во 22.50 часот.
Авиобилетите се во продажба по цена почнувајќи од само 1.539 денари, информираат од ТАВ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

