Македонија
Стефоска: Нашата култура да блесне како ѕвезда на Балканот, како што „Медена земја“ блесна во светот
Транспарентноста на Министерството за култура и вклучување на сите фактори што ја создаваат културата ќе биде приоритет на новата министерка за култура Ирена Стефоска, која денеска ја презеде функцијата од Хусни Исмаили.
„Ги повикувам сите, граѓаните, културните работници и сите оние кои сметаат дека можат да придонесат за натамошно создавање на нашата култура да се вклучат со свои идеи. Еден од моите пориоритети ќе биде кревање на нивото на транспарентност на ова министерство кое не е баш на највисоката скала. Дозволете ми да се запознаам со состојбите и со вработените и ветувам дека мојот тим и сите заедно редовно ќе ја известуваме јавноста за новите чекори“, рече Стефоска на денешното преземање на оваа функција.
Своето обраќање до медиумите таа го заврши со цитатот „ако сакаме да ја сочуваме културата тогаш треба да продолжиме да ја создаваме“.
Во биографијата на Стефоска стои дека е родена на 16.9.1967 година во Скопје. Таа е доктор по историски науки. На оваа функција доаѓа по раководење со собраниската Комисија за култура. Инаку, член е на постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, потоа претседател на пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Грција и друго.
Во претходниот мандат на Владата на Зоран Заев беа назначени тројца министри за култура, Роберт Алаѓозоски, Асаф Адеми и Хусни Исмаили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура до 6 степени
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во западните делови ќе има слаб локален дожд, а на планините снег.
Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -14 до -6, а максималната ќе биде од интервал од -4 до 6 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди и студено со умерен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до -11, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Под влијание на циклонска активност од сабота ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на планините и некои од повисоките населени места од снег. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.
Македонија
Министерството за здравство ги разгледува можностите и капацитетите за поддршка на Швајцарија за згрижување на повредените од трагичниот пожар
Министерството за здравство ги разгледува можностите и расположливите капацитети за да ѝ обезбеди соодветна поддршка на Швајцарија во делот на медицинското згрижување на повредените од трагичниот пожар во Кран-Монтана, соопштија од таму.
„Во таа насока, Министерството за здравство веќе постапува во координација со Дирекцијата за заштита и спасување на РСМ, а преку Координативниот центар на ЕУ за одговор на итни случаи (EU ERCC) воспоставен е канал на комуникација и со здравствените власти во Швајцарија.
Воедно, Министерството за здравство изразува искрено сочувство до семејствата на настраданите и најдлабока солидарност со повредените од овој трагичен настан“.
Македонија
Понудена помош за справување со трагичната несреќа: телефонски разговор на Муцунски со швајцарскиот амбасадор Зомер
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, по трагичната несреќа во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, по која беше активиран европскиот механизам за цивилна заштита, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, по остварена консултација со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерот за здравство, Азир Алиу попладнево оствари телефонски разговор со швајцарскиот амбасадор во земјава, Кристоф Зомер.
Во рамки на разговорот, Муцунски изрази искрено и длабоко сочувство до семејствата на загинатите, како и до народот на Швајцарија, упатувајќи желби за брзо и успешно закрепнување на повредените.
Во таа насока, министерот ја изрази подготвеноста на Република Северна Македонија да прифати повредени пациенти, како и да обезбеди соодветна медицинска поддршка во домашните здравствени установи.
Дополнително, министерот изрази подготвеност, доколку има потреба, македонски лекари – специјалисти, кои беа директно вклучени во лекувањето на пациентите по трагедијата во Кочани, веднаш да заминат во Швајцарија и да се вклучат во процесот на лекување на повредените.

