Македонија
Стоилковски со Ангеловска: Каде е економскиот раст од 5 проценти што го ветувавте?
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, пред Министерството за финансии постави 30 прашања до министерката Нина Ангеловска, кои, како што вели Стоилковски, ќе останат неодговорени.
„Дојдовме пред Министерството за финансии со 30 прашања за Нина Ангеловска, на кои досега нема одговор.
1. За колку стотици милиони евра ја задолживте Македонија од кога сте министер за финансии?
2. Како ја доведoвте Македонија до најмал економски раст во регионот?
3. Зошто се плашите да доставите податоци побарани од заменик-министерката Гордана Димитриеска-Кочоска?
4. Колку денови во јануари бевте на платени службени патувања?
5. Дали е вистина дека сте им се налутиле на ММФ, на Светската банка и на Европската комисија што ви предвиделе помал раст од вашата проекција?
6. Набројте три причини зошто водите нетранспарентна политика кон граѓаните?
7. Знаете ли дека индустриското производство е во пад?
8. Ќе ја терате ли до крај војната со приватниот сектор во Република Македонија?
9. Како тоа капиталните инвестиции се ниски, а тековните трошоци зголемени?
10. Каде е економскиот раст од 5 отсто што го ветувавте?
11. Со ваков раст европскиот просек ќе го постигнеме: за 100 или за 150 години?
12. Набројте 5 од вашите лоши политики поради кои половина милион Македонци живеат на работ на сиромаштијата?
13. Нивото на странски инвестиции е најниско досега, но можете ли уште пониско?
14. Лично ваша ли е политиката „задолжи ја државата што е можно повеќе?“
15. Каде завршуваат позајмените милионите евра од задолжувањата, ако нема ниеден проект?
16. Се гордеете ли што поради неискуството во економијата и финансиите, ја уназадивте Македонија најмалку 10 години?
17. Кој ве учи да не поднесувате оставка и до крајот да ве запаметат дека не ве бидува?
18. Го проширивте ли вашиот бизнис откако се нафативте на министерска позиција?
19. Дали е точно дека во вашата фирма сте им исплаќале 200 евра плата на ИТ-инженерите, а остатокот сте им го плаќале на рака?
20. Знаете ли дека профитите на македонските компании се намалени и затоа стотина ИТ и други компании се иселија од Македонија?
21. Колку точно млади избркавте од Македонија со вашите лоши политики?
22. Ќе поднесете ли одговорност по аферата за игри на среќа на вашата компанија спротивно на законите за наградни игри?
23. Знаете ли дека со незаконска игра на среќа – сторено е и кривично дело перење пари?
24. Дали навистина брендот на вашата фирма е плагијат на американската компанија „Групон“?
25. Како сивата економија достигна 40 отсто кога лани според Светската банка беше 25 отсто?
26. Дали сте слеп послушник на катастрофалните политики на Зоран Заев?
27. Дали вршите поткуп на гласачи пред изборите со 6 илјади нови вработувања во администрацијата?
28. Нормално ли е во Министерството да немате евиденција за согласности за вработувања и ангажирања?
29. Вистина ли испорачувате сè што ќе ви побара Зоран Заев, без проверка дали е тоа добро за граѓаните и економијата?
30. Со кое лице ќе се појавите пред граѓаните кога нема повеќе да бидете министер на 12 април?
Ова се 30-те прашања на кои Нина Ангеловска нема одговори. Треба да одговори, а ќе се прифати доколку наместо неа, одговори и Коста Петров“, рече Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче обвинува дека власта удрила и по средните винарии
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во денешната изјава од Моклиште, Кавадраци, нагласи дека со новите критериуми за добивање субвенции владата директно ги оштетува средните винарии, а новите правила за субвенции одат во прилог на само неколку големи компании.
„Средните винарии имаат обврска да продадат, 30% од грозјето на најголемите една или две винарии, со цел да воопшто стигнат до субвенција. Сето ова оди во прилог на потребите на само една или две големи винарии. Лозарите, тие кои мака мачат на сонце на лозовите насади, малите винари, средните винари, сите се намерно оштетени, намалени им се парите или воопшто нема да можат да ги земат, што е една катастрофа за овој регион“, рече Филипче.
Тој додаде дека во новата Програма за субвенции во земјоделството и парите се скратени и условите за добивање субвенции се усложнети.
„Владата ја намалува и Програмата за субвенции во земјоделството во целост. Од 140 на 100 милиони евра. Значи за цела третина, помалку пари, кај сите сектори во земјоделството, сточарството, лозарството, поледелството, овоштарството и нема да имаат овие земјоделци доволно поддршка од државата како што тоа го имаше во времето на владата на СДСМ“, рече Филипче.
Во изјавата Филипче нагласи дека лозарите не можат да очекуваат позитивни вести кога станува збор за поддршката од државата.
„За жал, сметам дека лозарите оваа година немаат да има добри вести во однос на тоа што значи поддршка од страна на владата за развој на овој сектор. Овој сектор земјоделството во мало го означува пристапот на оваа власт генерално во државата. Кражба, пљачка и незаинтересираност за луѓето.Жалам, но оваа власт не се грижи за граѓаните, за државата“, рече Филипче.
Македонија
Градоначалникот Ќура ангажирал фирма што ќе утврди зошто е загадена водата во Струга
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, најави дека на 16 февруари приватна институција од Скопје ќе ги утврдува причините за загадувањето на водата во градскиот водовод, која тој лично ја ангажирал.
Тој изјави дека Општината презема мерки за надминување на проблемот поради кој жителите веќе една недела не можат да ја користат водата, која од чешмите тече заматена и со темнокафеава боја, поради што е забранета за пиење и употреба.
Македонија
Јаневска: Јавната дебата за Законот за високо образование не е завршена
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека јавната дебата за Законот за високо образование сè уште не е завршена и дека Министерството очекува официјални забелешки од универзитетите.
Одговарајќи на новинарско прашање на традиционалната прослава по повод празникот Свети Трифун на Опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Јаневска рече дека сѐ уште не е завршена јавната дебата и најави дека од следната недела, по договор со универзитетите, Министерството ќе оди во нивна посета на јавна расправа.
– Сè уште не е завршена јавната дебата, сè уште очекуваме забелешки. Ние добиваме на ЕНЕР, добиваме и преку мејлот, но очекуваме и универзитетите официјално, на било кој пат, да ги достават своите интегрирани забелешки, бидејќи делот не се повторува. Сè што сметаме дека е разумно ќе биде прифатено. Сè што сметаме дека можеби ќе претставува проблем ќе биде дискутирано. Тоа значи средба на Министерството за образование и наука со сите професори кои ќе сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе ги дискутираме спорните членови, и гледам дека во најголем број нема никакви забелешки. Спорни остануваат неколку членови за кои треба да се договориме и да дискутираме, рече Јаневска.
Вели Македонија веќе нема време за просечни и потпросечни резултати.
– Потенцирам, ние веќе немаме време да си играме со образование и наука. Немаме време за просечни и потпросечни резултати кои нè доведуваат во оваа ситуација. Мора да тргнеме напред. Министерството и законски и финансиски поддржува напредок, рече Јаневска.
На традиционалната прослава, претходно, Јаневска им го честиташе празникот на граѓаните, особено на земјоделците, лозарите и овоштарите, и изрази поддршка за Факултетот за земјоделски науки и храна.
– Ние, како Влада, ќе ги поддржуваме ваквите проекти и ваквата активност, бидејќи цениме дека немаме веќе време за просечни и потпросечни резултати, рече Јаневска.

