Македонија
(Видео) Столтенберг: Имате кредибилни институции, ве чекаме во НАТО
„Имате кредибилни институции, кои може да работат заедно со институциите на другите земји членки на НАТО“, порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој ги пофали досега спроведените реформи во Македонија, посебно од областа на безбедноста и одбраната.
Столтенберг, по останокот на Северноатлантскиот совет, што се одржа денес во Скопје, рече: „Подготвени сме да ве дочекаме во семјството на НАТО. Ви честитаме за покажаното лидерство, политичка храбост и визија во решавањето на споровите со соседите. Република Северна Македонија веќе има свое столче во НАТО. Месецов уште еднаш министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, ќе присуствува на состанок на министрите за одбрана во НАТО. Очекуваме, по ратификацијата кај сите земји членки на НАТО, да станете 30-та членка на алијансата“.

Тој додаде дека во иднина треба да останеме посветени на зголемување на буџетот за одбраната.
Според него, од потпишувањето на договорот во февруари веќе се чувствуваат економско раздвижување и зголемувањето на инвестициите.
Премиерот Зоран Заев, на заедничката прес-конференција лично му заблагодари на генералниот секретар Столтенберг за досегашната поддршка.
„Мој пријателе Јенс, ти ми даваше поддршка кога беше најпотребно“, рече премиерот Заев.
Тој извести дека на состанокот од амбасадорите на земјите членки добил уверување дека сите 16 земји кои се уште не го ратификувале протоколот за нашето членство во НАТО, тоа ќе го направат во следните неколку месеци. Премиерот очекува до декември до Самитот на НАТО во Лондон процедурата да биде завршена и таму, симболично да славиме влез во НАТО, истовремено со одбележувањето 70 години од формирањето на алијансата.

„Република Северна Македонија станува интегрален дел од трансатлантската заедница. Подготвени сме за нов почеток, како полноправна членка, и како сигурен и веродостоен НАТО сојузник, цврсто посветен на промовирање и споделување на заедничките вредности и одговорности на НАТО“, потенцираше претседателот на Владата на РСМ Заев и додаде дека ратификацијата на Протоколот за пристапување во националните парламенти на земјите-членки се одвива со забрзано темпо.
„Самитот на НАТО во декември 2019 во Лондон го гледаме како одлична можност симболично да ја одбележиме завршницата на процесот на членство во НАТО на 70-годишнината од основањето на алијансата со официјално добредојде на 30-тата земја-членка. Но, нема да има суштинско значење доколку процесот на ратификација заврши во почетокот на 2020, односно станеме полноправна членка во првите месеци од следната година“, рече премиерот Заев.
Премиерот Заев нагласи дека Владата на Република Северна Македонија успеа да ги реши сите отворени билатерални прашања и да направи конкретен демократски напредок во општеството, особено во однос на владеењето на правото, на градење силни и функционални институции. Соодветни и неопходни чекори беа направени и за реформирање на разузнавачките агенции и на безбедносните служби на транспарентен и инклузивен начин, со домашни и меѓународни партнери и засегнати страни, кои повторно ја добија автентичната улога да бидат во служба на безбедноста и сигурноста на граѓаните и на интересите на земјата и нејзините сојузници.
„Нашата земја доби уште една препорака од Европската Комисија, овој пат без ниту еден услов. Очекуваме позитивна одлука од Советот на ЕУ за да ги започнеме преговорите за пристапување во членство во ЕУ. Направивме историски пробив за само две години. Голема заслуга за овој огромен успех им должиме на нашите пријатели, земјите членки на НАТО и на ЕУ“, рече премиерот Заев.
Ова беше втора посета на Северноатлантскиот совет на Македонија, која премиерот ја нарече историска оти на состанокот се разгледуваше напредокот на земјата на пат кон полноправно членство во алијансата. Првата беше во 2003 година под водство на Џорџ Робертсон како генерален секретар на НАТО кога беше поздравен Охридскиот договор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.
На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

