Македонија
Стојаноска: Ковачевски да сфати дека времето за зачувување на идентитетот и интеграцијата е сега
Јасно е дека СДС и ДУИ немаат мнозинство за уставните измени. Власта е соголена откако сами си го создадоа проблемот, без да прифатат помош од ВМРО-ДПМНЕ во преговорите, сега повторно арогантно и на штета на државните интереси одбиваат да прифатат еден од двата предлога на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Дафина Стојаноска, заменик-координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Оцени дека СДС и Ковачевски молчат во однос на предлозите.
„Нејасно е зошто СДС не прифаќа предлози, кои значат брза интеграција на Македонија во Унијата и заштита на идентитетот.
Дали проблемот е тоа што ДУИ треба да оди во опозиција или проблем се нови отстапки, кои имаат во план да ги прават?“, прашува Стојаноска.
„ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати уставни измени под бугарски диктат. Единствен начин за излез од кризата е прифаќање на еден од двата предлога.
1. Преодна влада без ДУИ и уставни измени со одложено дејство со влез на Македонија во ЕУ;
2. Избори наесен, а потоа која и партија да е во опозиција, да ги поддржи следните чекори на Владата пред да се гласаат уставните измени, а тоа се барање гаранции од ЕУ-институциите за заштита на македонскиот многувековен идентитет, барање финансиски пакет-помош за македонската економија и за граѓаните, барање од Бугарија да имплементира барем 3 пресуди на Европскиот суд за човекови права за правата на Македонците.
Нејасно е што од овие предлози е проблематично за СДС.
Не разбираме дали СДС има проблем со зајакнување на гаранциите за државата или со тоа што ДУИ ќе оди во опозиција“, вели таа.
Прашува дали СДС е заложник на ДУИ поради меѓусебни корупциски зделки? „Или, пак, планира да го уништи македонскиот идентитет менувајќи го Уставот сега и оставајќи простор во тек на преговорите со Европската Унија, Бугарија да нè блокира секогаш кога сака и со тоа да ја принудува Македонија целосно да си го уништи идентитетот?
Време е Ковачевски и СДС да сфатат дека времето за зачувување на идентитетот и интеграцијата е сега. Потоа, само тие ќе бидат виновни за сите порази“, додава пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Возач загина во сообраќајка на експресниот пат Штип-Кочани, повредени жена и две деца
Триесет и деветгодишен маж загина, а три други лица, од кои две малолетни, се повредени во сообраќајна несреќа што синоќа околу два часот по полноќ се случила на експресниот пат Штип-Кочани.
Во несреќата која била пријавена во 2:24 часот изутрина, учествувало само едно возило. Автомобилот „рено лагуна“ со скопски регистрации излетало од коловозот во близина на клучката кај селото Крупиште.
Возачот – 39-годишен маж од Скопје – починал, а сопатничката и двете деца се здобиле со повреди и се пренесени во болницата во Штип.
Увидот во несреќата е во тек.
Македонија
Битиќи на велигденски јајца кај Спасовски кој му посака здравје низ целата година
Вицепремиерот Фатмир Битиќи бил на гости дома кај екс министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски по повод празникот Велигден.
„На гости во мојот дом беше другарот Фатмир Битиќи, по повод празникот Велигден, Христово Воскресение. Му посакувам здравје низ целата година“, објави Спасовски на социјалните мрежи.
Македонија
Мојсоска: Усеини од ДУИ доби 500 000 евра од ДПМНЕ во Охрид
Охридската гимназија, цела година е со раскопан двор. Учениците се заложници на неспособната локална власт, предводена од ДПМНЕ. Парите на изведувачот му се исплатени, а работата ни оддалеку не е завршена.
,,На изведувачот, само за реконструкција на дворот му се исплатени 230.000 евра од страна на Општина Охрид, за моментално оваа слика што ја гледате позади мене да биде ваква – грда, раскопана, каллива, нереконструирана…”, вели Носителот на ИЕ5 и Генерален секретар на Левица, Јована Мојсоска, од местото каде веќе цела година се одвиваат наводните градежни активности.
Според Мојсоска, баснословната сума и тендерот за овој цела година – раскопан двор по кој газат учениците од Охрид, повторно се во рацете на т.н. ,,локален шериф” од ДУИ.
,,Овој тендер заврши во рацете на познатиот Нефи Усеини, кој е рекордер по бројот на дивоградби тука во општина Охрид. Дополнително, истиот овој човек доби 80.000 евра тендер – повторно од Општина Охрид за реконструкција на оградата од дворот на истово училиште. И како тоа да не е доволно, токму Нефи Усеини за оваа иста гимназија доби 50.000 евра за електрична инсталација. Сè на сè, овој познат функционер, Нефи Усеини, доби, речиси, 500.000 евра од страна на власта на ВМРО – ДПМНЕ.
Мојсоска потсети дека во минатото, токму Нефи Усеини, беше симбол на неказнивоста на функционерите на ДУИ.
,,Нефи беше ослободен за нападот на советникот. Нефи Усеини беше ослободен од кривично гонење кога неговата фирма, директно, го загадуваше Охридското езеро. А како симбол на владеењето на овој градоначалник во сенка, остана познатата дивоградба, Пицерија во Чинарот. За жал, и тука се постави дека без разлика кој е на власт, повторно локалните функционери на ДУИ, никој не може да ги допре”, додава Носителот на ИЕ5, Јована Мојсоска.