Македонија
Стојаноска: Скандалот на Онкологија е реалност што се должи на невниманието, на непрофесионалноста и на неодговорноста на власта
„Скандалот на Клиниката за радиотерапија и онкологија се обелодени иако за него долго време наназад се шпекулира на 2 септември годинава. Ние на новата прва пленарна седница на 5 септември предложивме дополнување на дневниот ред со две точки на оваа тема. Тие беа изгласани иако со разни ставови и произнесувања, но сепак добија зелено светло“, истакна пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, на денешната седница на Комисија за финансирање и буџет.
Таа рече дека точката за разгледување на извештајот на ДЗР за Клиниката за онкологија се отвори вчера, анкетната комисија почна со работа на 5 октомври, точно по 33 дена од изгласувањето таа да биде дел од дневниот ред на 125-тата пленарна седница.
„Во меѓувреме, власта се обиде да ја спласне темава со многу други скандали и настани, а сето тоа време порачувајќи и на опозицијата да не се обидува настанот да го политизира“, појасни таа.
„Прво, згрозена сум како може ваков скандал и афера да се релативизира со терминот настан. А, второ да имаше свест и совест од оваа власт уште истиот ден на втори септември Владата ќе си поднесеше оставка. Овде не се работи ниту за настан, ниту за несреќа. Овде се работи за злосторство, за убиства и тоа со намера“, нагласи Стојаноска.
Таа посочи дека во случајот на Онкологија лицата што манипулирале со здравјето и животот на пациентите болни од рак свесно знаеле што прават и затоа ова не е настан, ниту несреќа, туку е намерно злосторство односно убиство.
„И ова не е политизирање на овој грозоморен скандал туку ова е реалност која се должи на невниманието, на непрофесионалноста и на неодговорноста на власта“, нагласи пратеничката.
„Истата оваа власт многу добро знае да се фали дека во нејзино време Македонија стана членка на НАТО, дека во нејзино време започна скрининг-процесот за почеток на преговорите за влез во ЕУ иако за членството во НАТО гласавме сите пратеници. Затоа убаво или сосема аналогно на ова би било и актуелната власт да си прифати сопствената одговорност за ова злосторство и да не релативизира или да фрла обвинувања кон опозицијата“, рече Стојаноска.
Порача дека да не беше опозицијата, оваа тема немаше да се говори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрон на патот Кичево-Гостивар кај Колари
На патниот правец Кичево – Гостивар поради голем одрон кај село Колари од 7 часот изутринава е воведен наизменичен сообраќај по една коловозна лента во должина од 30 метри, информира Диспечерско-информативниот центар на ЈП Македонијапат.
Поради одронот сообраќајот на патот Кичево – Гостивар од 5.40 часот беше во целосен прекин.
АМСМ информира дека од 05:45 часот на патниот правец село Лисец – Попова Шапка воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси.
– Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата – велат од АМСМ.
Препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата.
Македонија
Променливо облачно време со повремени врнежи од дожд
Синоптичарите за денеска најавуваат променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, локално пообилни (над 20 литри на метар квадратен). Претежно во источните региони ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер (над 70 километри на час). Попладне на планините во северните делови врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а попладне од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината ќе има услови врнежите да бидат проследени со појава на ретки грмежи. Претпладне ќе дува умерен до повремено засилен ветер од јужен, а попладне од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Според УХМР, утре кон крајот на денот, во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Во вторник и среда ќе дува засилен северен ветер (над 60 километри на час).
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.

