Македонија
Стојаноски: Владата предводена од ДУИ продолжува со уништување на економијата со воведување нови даноци
Македонија е држава со најнизок економски раст во регионот, со една од највисоките стапки на инфлација во Европа, со ниски странски директни инвестиции, со нарушен животен стандард и масовно бегање на граѓаните од државата поради лошите политики на власта, истакна на денешната прес-конференција Бојан Стојаноски, пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Денес, во Собранието на Република Македонија пристигнуваат три ‘европски’ закони од таканаречената даночна реформа, која е во спротивност со интересите на граѓаните и стопанството. Владата нема слух за апелите на ВМРО-ДПМНЕ дека ДДВ на храната треба да се намали на 0 %, а ДДВ на струјата да биде 5 % сè додека инфлацијата не се врати во нормала. Напротив, очекувајте зголемено ДДВ од 10 % за одредени прехранбени производи. Со месеци ја бараме листата на производи што ќе ги поскапат, но сè уште е недостапна за јавноста. Дополнителна честитка за граѓаните со законот за ДДВ е поскапувањето на пелетите, кои ќе се даночат со стапка од 18 % наместо моментните 5 %. Изминативе години дозволија да се соголат планините, а граѓаните да се смрзнат ако немаат да платат по 5.000 денари за кубен метар огревно дрво. Тоа не им беше доволно и сега го зголемуваат и данокот за пелетите. На што да се греат граѓаните во зима?“, запраша Стојаноски
Апелира власта да го презентира новиот модел за финансиска поддршка на и онака, како што рече, кревкиот спорт пред да го укине постојниот модел за донации од 10-ина милиони евра годишно. Според него, Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупцијата ги фати во криминал раководствата на Агенцијата за млади и спорт, ама одговорност нема. Дополнително, како што истакна, покрај постојните казнени одредби од Законот за данокот на добивка, УЈП ќе има можност и за дополнителни пенали за фирмите што ќе бидат петкратно поголеми од износот на инвестициите за кои Инспекторот ќе смета дека се непотребни. Преголемо дискреционо право, кое власта и тоа како ќе го злоупотреби, а ефектот ќе е намалени инвестиции поради страв репресија.
„Третиот закон што власта сака да го донесе се однесува на т.н. данок на солидарност. Власта бара компаниите да се солидарни, а во исто време немилосрдно троши, нема фискална консолидација и се бори со сивата економија само на хартија. Понатаму, ликвидноста на компаниите е сериозно нарушена и наметнувањето ваков данок дополнително ќе ги отежни и онака тешките и неизвесни услови во кои дејствуваат. Законот не ги зема предвид ефектите од инвестициите, истражувањето и развојот на компаниите во минатото, кои вродиле со зголемени добивки, а пораката што власта ја праќа до стопанството гласи ‘успешните ќе бидат казнети’. Дополнително, стопанските комори и советот на странски инвеститори се изјаснија против ваквото ад хок решение, кое создава несигурност кај инвеститорите“, додава пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Оценува дека трите закони не се реформа, туку зголемен даночен товар за граѓаните и стопанството. Во трите закони, појаснува Стојаноски, нема ништо европско за повторно да го злоупотребат европското знаменце. Сакаат на брзина да протнат закони од личен интерес, како и многупати досега.
„Како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиција ‘За обнова на Македонија’ ветуваме дека ќе ги искористиме сите деловнички можности за да ги разубедиме колегите преку јавна и стручна расправа со сите заинтересирани страни дека со овие закони штетата врз македонската економија и животниот стандард на македонските граѓани е огромна“, нагласи пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.

