Македонија
Стојаноски: За власта не е приоритет случајот со Онкологија, туку измените во Кривичниот законик
„Имаме можност во 17:30 часот да дискутираме за еден закон кој што е едно олицетворение на една хипокризија и на едно лицемерие прикажано од овие кои што се моментално на власт, претставено во неколку степени. Прво сакам да претставам на јавноста, на многумина на кои што се тука кои ги гледам во собраниските клупи кои што мавтаа со една премиса „Нема правда, нема мир“ и носеа маици во 6 пред СЈО и велеа дека ќе ја вратат правдата, а криминалците од тогашното владеење ќе ги испратат во затвор. И сега имаме еден случај каде што шест години континуирано она за кое што би кажал лицемери се занимаваа и кажуваа дека ќе го сменат, не само што не го сменија туку го направија да биде уште полошо“, истакна Бојан Стојаноски на денешната собраниска седница за изменување и дополнување на Кривичен законик.
„Она кое што е важно, и кое што треба да се напомене е дека вчера во оваа сала истото што го кажав и на Комисијата за европски прашања, усвоивме два заклучока, едниот беше да се одржи надзорна расправа за случајот во Онкологија, а вториот беше да се расправа за Извештајот на Државниот завод за ревизија за истите случувања согласно Извештајот на Државниот завод за ревизија за 2021 година. За првата точка образложението беше дека нема материјали, а за втората точка мнозинството гласаше против да биде втора точка на Дневен ред. Па, можевме денеска наместо да дискутираме за Кривичен законик кој што рекордно време е донесен, вчера е влезен во Собранието и денеска ќе стапи во сила, да разговараме конкретно за Извештајот за 2021 година за она што се случува во Онкологија“, нагласи пратеникот.
Стојаноски додаде дека за власта не е приоритет случајот со Онкологија за жал. Туку на власта е приоритет ова што се говори денеска.
„Она кое што цел ден го пренесуваат медиумите е несоборлива вистина, а јас сакам да ја потсетам јавноста на едно време 2016-тата, 2017-тата година кога тогашните надежни шарени револуционери тогаш префрлени нели во цивилната управа на државата, од оваа говорница беседеа и тогашниот предводник на Шарена револуција, Павле Богоевски ги има дадено следниве изјави дека таквите предлози тогаш поднесени од поединци се скриена амнестија или јавна манипулација. Внимавајте, господинот Богоевски кој бил пратеник на СДС, сегашен член на СДС вели вака – „Една работа треба да ни биде кристално јасна Иницијативата против член 353 став 5 од Кривичниот законик, за која во моментов расправа Уставниот суд е опасност за случаите на СЈО“. И потоа исто така во таа година 2019-тата Богоевски го прашува Пендаровски дали би дозволи да правно пропаднат дел од постапките на СЈО. И сега неколку години подоцна истите тогаш кога му аплаудираа и го поддржуваа, сега се потписници, односно се поддржувачи на таков закон потпишан од претседателот на СДС. И сега имаме молк“, потсети Стојаноски.
Тој посочи дека овој закон ќе го урниса целиот систем во државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Можности за интензивирање на парламентарните контакти со Казахстан
Пратеничката група за соработка со парламентите на државите од Централна Азија одржа средба со амбасадорите на Република Казахстан, Киргистанската Република, Република Таџикистан, Република Узбекистан и Туркменистан, акредитирани во Република Северна Македонија.
„Претседателот на Пратеничката група, пратеникот Никола Коњановски, им посака срдечно добредојде на присутните и истакна дека ваквите средби претставуваат значајна можност за размена на ставови за актуелните билатерални односи и за унапредување на парламентарната соработка. Тој нагласи дека Република Северна Македонија му дава особено значење на развојот на политичкиот дијалог, економската соработка и културната размена со земјите од Централна Азија“, соопшти собраниската прес – служба.
Работната средба продолжи со обраќањето на амбасадорот на Казахстан, Буршаков, кој ги презентираше уставните измени и реформите што се спроведуваат во неговата земја, со цел зајакнување на демократските институции, владеењето на правото и унапредување на човековите права и слободи.
Во дискусијата учество зеде и пратеничката Дијана Илиевска, која изрази задоволство што е член на Пратеничката група за соработка и за можноста да учествува на средбата. Таа му посака успех на амбасадорот на Република Казахстан во процесот на уставните измени и реформите во земјата.
Во продолжение на средбата беа разменети мислења за можностите за продлабочување на економските, трговските, образовните и културните врски, како и за интензивирање на парламентарните контакти и размена на искуства меѓу парламентите.
Во дискусијата беше нагласена улогата на Казахстан како важен фактор во Централна Азија и пошироко, особено во промовирањето на дијалогот, стабилноста и мултилатерализмот. Учесниците изразија подготвеност за продлабочување на соработката на мултилатерално ниво.
„Во насока на унапредување на парламентарните односи, беше предложено воспоставување поинтензивна и редовна комуникација меѓу пратеничките групи за пријателство, организирање заеднички активности, работилници и тематски конференции, како и размена на делегации и експертски посети. Соговорниците ја потврдија заедничката заложба за понатамошно зајакнување на билатералните и парламентарните односи и за продлабочување на соработката преку размена на искуства во реформските процеси и евроинтегративниот пат на Република Северна Македонија“, се наведува во соопштението.

