Македонија
Стојаноски: Од утре нè очекува голем бран на поскапувања поради Владата
Почнувајќи од утре нè очекува голем бран на поскапувања поради Владата на Република Македонија, обвини на денешната прес-конференција во Собранието Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што рече тој, на 11 март годинава Собранието донело Закон за ДДВ со кој се предвидува Владата да донесе одлука за колкав период и кои производи за човечка исхрана ќе бидат ослободени од ДДВ.
„Ваквата одлука Владата ја донесе на 12 март со важност до 31 мај, т.е. до денес“, кажа Стојаноски.
„Од утре следниве производи повторно ќе бидат оданочени со 5% ДДВ, т.е. граѓаните уште од утре ќе плаќаат за 5% повеќе. Преку ноќ ќе поскапи лебот, белиот шеќер, брашното ТИП 400, маслото од сончоглед (кое понекогаш го нема на полиците), млеко и павлака, месо, бел ориз и свежи јајца“, посочи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Стојаноски рече дека во април годинава инфлацијата е 10,5%, а потоа читаше колку ваквите производи се поскапени за една година.
„Леб и жита за 15%, месо 10,4%, млеко, сирење и јајца за 12%, шеќер, чоколада и кондиторски производи за 12,8%, итн. Како овие проценти да не се доволно високи за власта, па сега дополнително ќе сакаат да ги зголемат за 5%. Каква неодговорност кон сопствениот народ.
Во рамки на овој закон е предвидено и ДДВ за енергентите т.е. бензинот и дизел горивото да биде оданочено со 10%, но само до 31 мај. За потсетување, според Државниот завод за статистика течните горива се поскапени за 53,5% споредено со април 2021 година.
Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија ќе поднесе закон со кој производите за човечка исхрана ќе бидат ослободени од ДДВ до 31 декември 2022 година. Дополнително, бараме и ДДВ за течните горива да биде 5% до крајот на оваа година.
Домашниот буџет секојдневно обезвреднува, а владејачката каста се однесува ноншалантно. Итно донесување на овој закон ќе превенира дополнителен раст на цените на основните прехранбени продукти и токму затоа бараме колегите пратеници од мнозинството да работат во интерес на граѓаните, а не на владејачката елита“, нагласи прaтеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Стоилковски го поздрави лидерот на ДУИ јадејќи бисквита: „Поздрав, Али“
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на социјалните мрежи објави видео во кое, јадејќи бисквита го поздрави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Стоилковски вели дека оди на состанок со коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа зема бисквита и почнува да ја јаде.
„Поздрав, Али“ , вели Стоилковски.
Стоилковски алудира на изјавата на Ахмети која тој ја даде од митингот на „Европскиот фронт“ во Скопје пред одржувањето на првиот круг од претседателските избори кога рече оти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е израснат со бисквити и гурабии.
Македонија
ЕУ: Очекуваме соработка со претседателката на Македонија, парламентот и владата за да работиме на европскиот пат
Европската унија и честита на Гордана Силјановска Давкова за нејзината победа на претседателските избори во Македонија и со нетрпение очекува да работи со првата жена лидер во земјата, изјавија високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархељи
Борел и Вархеи, во заедничката изјава објавена по повод вториот круг од претседателските и редовните парламентарни избори во Северна Македонија, ги охрабрија „релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада“.
„Двете институции треба да работат заедно на подобрување на европскиот пат на Северна Македонија, кој вклучува имплементација на клучните реформи, особено во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата, во интерес на сите нејзини граѓани“, се вели во заедничката изјава на Борел и Вархеи.
Македонија
Боки-13 за операцијата „Бумеранг“: поднесе кривични против Заев, Спасовски, Русковска
Бојан Јовановски-Боки 13 поднел кривични пријави против поранешниот премиер Зоран Заев, ексминистерот за внатрешни, Оливер Спасовски, и двајцата генерални секретари на СДСМ, поранешниот Александар Кирацовски и актуелниот Миле Зачевиќ, како и против поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Тој дошол во Обвинителството на покана на актуелниот шеф на оваа институција, Ислам Абази.
Најави дела кривично-правната операција е наречена „Бумеранг“.
„Сите мои наводи и описот на настаните ќе бидат материјализирани со докази што потекнуваат од мојот телефонски уред, кој ми беше одземен при моето апсење во предметот ‘Рекет’. Се работи за кривични дела што се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластувањето, за изборни измани, незаконско финансирање политичка партија, злоупотреба на јавните набавки“, додаде тој.
Најави и продолжение на предавање докази во писмена форма.
„Поднесена е кривична пријава и против Вилма Русковска за злоупотреба на службената положба, примање поткуп, примена на тортура. Зоран Заев е речиси во секоја пријава“, рече Јовановски.