Македонија
Стојанче Ангелов нов в.д. директор на Дирекцијата за заштита и спасување: најави спојување со ЦУК
Досегашниот директор на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, од денеска ќе ја извршува функцијата в.д. директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Ангелов истакнува дека оваа промена е по претходен договор со премиерот Христијан Мицкоски.
Тој појаснува дека Дирекцијата за заштита и спасување подолго време се наоѓа во агонија.
„Покрај недостигот на пилоти, постојат и проблеми со сервисот на „ер тракторите“. Во овој момент сè уште нема ниту потпишани договори со тимовите за брз одговор, вклучително и со тимовите за гаснење пожари на отворен простор. Воедно, некои од потенцијалните припадници на овие тимови ги немаат потребните опрема, обука и физичка подготвеност.
Инспекцискиот надзор на противпожарната заштита е во исклучително лоша состојба, недостигаат сериозен број соодветно образовани и обучени инспектори, но постојат и сомнежи за исправноста на дозволите што ги издава Дирекцијата за заштита и спасување.
Во моментот во ДЗС работат само неколку специјалисти за ракување со неексплодирани минско-експлозивни средства, а отстранетите неексплодирани средства се чуваат на несоодветен начин.
Постојат и други недостатоци и слабости за кои во следниот период јавноста дополнително ќе биде информирана“, вели Ангелов.
Според него, позитивно е тоа што внатре во Дирекцијата работат и одреден број соодветно образовани, способни и искусни лица, но, за жал, како што нагласува, некои од нив не се наоѓаат на вистинските работни места.
„Заедно со вработените, кои ќе покажат амбиција за жестока, напорна и непоколеблива работа, ќе се обидем да ги надминам детектираните недостатоци и слабости со цел брзо ставање на Дирекцијата за заштита и спасување во полна функција.
Како директор, ќе можам детаљно однатре да ја разгледам Дирекцијата за заштита и спасување, внимателно да ги проучам човечкиот и техничкиот потенцијал и дополнително да ги детектирам многубројните недостатоци и слабости, кои ќе бидат целосно отстранети во новата институција, која ќе ги обедини функциите на Центарот за управување со кризи и на Дирекцијата за заштита и спасување во една институција, на чие формирање забрзано се работи како стратешка заложба на Владата за воспоставување современ и функционален, интегриран систем за управување со кризи и заштита и спасување, кој ќе има соодветни капацитети да одговори на сите предизвици и ризици, целосно усогласен со стандардите на ЕУ и НАТО.
Благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и до Владата за укажаната доверба“, вели Ангелов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агресивен карцином кај 10 годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.

