Македонија
Стојкоски: Родителите и наставниците-клучни во борбата против булингот во општина Ѓорче Петров

Во Домот на културата во Општина Ѓорче Петров, во рамки на кампањата „Стоп за булингот“ на „Макпетрол“, се одржа моќна трибина со фокус на родителите и наставниците како клучни фигури во превенцијата и решавањето на врсничкото насилство. На настанот присуствуваа родители од сите шест основни училишта во Општина Ѓорче Петров, а беше воден од актерот Сашко Коцев.
Градоначалникот Александар Стојкоски ја нагласи важноста на заедничките напори во борбата против булингот.
„Родителите и наставниците се првата линија на одбрана. Нивната улога е незаменлива во создавањето на безбедно и поддржувачко опкружување за нашите деца“, истакна Стојкоски.
На трибината учествуваа и психологот Деспина Стојановска, Соња Палчевска Ќосева од Општина Ѓорче Петров, педагогот Валентина Алексовска и психологот Гордана Несторова. Беа разгледани причините и последиците од врсничкото насилство, како и практични решенија за негово спречување.
Минатата година фокусот беше на учениците, а сега акцентот беше ставен на родителите и наставниците, кои се клучни во препознавањето и справувањето со булингот.
„Ова е само почеток. Ќе продолжиме со вакви иницијативи за да осигураме дека секое дете ќе има можност да расте во средина полна со разбирање и поддршка“, додадоа од Општина Ѓорче Петров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Зошто Владата три дена крие колку платила за приватниот лет за Будимпешта“, прашува СДСМ

„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, кои тврдат дека платите се доволно високи и не треба да се зголемуваат, немаат никаков проблем да патуваат низ Европа со приватни чартер летови на партиски посети“, велат од СДСМ
„Веќе трет ден молчат и не откриваат колку чинел летот со приватна авиокомпанија, со кој педесетина претставници на Владата и медиуми отпатуваа за Будимпешта. Мицкоски, познат по тоа што „го болат колената“ во економска класа и секогаш избира бизнис-класа, овој пат решил да оди чекор подалеку – со приватен чартер.
Откако медиумите обелоденија дека Владата изнајмила авион, три дена јавноста чека одговор: колку чинеше ова патување? Додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај, плаќаат високи сметки и се борат да купат основни продукти, Мицкоски патува со приватни авиони и порачува дека во буџетот нема пари за повисоки плати.
Оваа ароганција и расипништво не е запаметена кај ниту една претходна Влада. Мицкоски има пари за сè – освен за граѓаните. И тоа е сè што треба да се знае за неговото владеење и политиките на ВМРО-ДПМНЕ“, соопшти СДСМ.
Македонија
Партијата Левица го бара купопродажниот договор со ЕВН

„Пратеникот од Левица, Сашко Јанчев поднесе писмено пратеничко прашање до премиерот Мицкоски, преку кое го бара на увид купопродажниот договор со кој австриски ЕВН го купи ЕСМ. Тоа е зделката на Радмила Шеќеринска, попозната како бонбона бизнис“, велат од партијата Левица.
„Мотивот за пратеничкото прашање се енормно високите сметки за струја кои им стигнаа на граѓаните минатиот месец, а за кои и претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимовски, потврди дека имало грабеж од страна на монополот ЕВН. Освен констатација дека австриската фирма краде, владата на Мицкоски не презеде ништо за да ги заштити граѓаните.
Кога се продаваше ЕСМ, аргументите на тогашната власт на СДС беа дека мора да влезе приватна компанија, затоа што државата не била способна да обезбедува континуирана услуга и не била способна да наплати струја. После 16 години, сведоци сме дека ЕВН не може да наплати струја во Арачиново. Сами признаа дека штетата во Арачиново е 6 милиони евра годишно и дека континуирана услуга не можат да обезбедат поради диви приклучоци (кражба на струја).
Сето ова јавно го кажуваат нивни портпароли, ама истите не поднесуваат кривични пријави за кражба на струја, што е кривично дело само по себе. Иако австриската компанија ги има точните податоци од терен кој и каде краде струја, пријави во случајот Арачиново уште нема.
Ја потсетуваме јавноста дека за овој случај Левица поднесе кривична пријава против менаџментот на ЕВН за непријавување кривично дело.
Друг проблем е и најскапата мрежарина, за што говори податокот дека во Македонија се наплаќа највисока мрежарина споредбено со земјите од поранешна СФРЈ.
Како кулминација на лошото работење на ЕВН е проблемот кој се случи минатиот месец, со задоцнетите отчитувања на броилата и покачените сметки. Ако обичен граѓанин задоцни да плати, без разлика дали е проблемот во доставата или немање пари, веднаш му следува камата. Од друга страна, додека монополот ЕВН направи грешка и на граѓаните им стигнат поголеми сметки, мора да платат, па потоа да пишувааат приговори.
Очигледно дека бенефит од приватизацијата на ЕСМ има само австриската држава, преку нивната компанија ЕВН, која минатата година пријавила добивка од дури 546%!
Од овие причини, пратеникот од Левица го бара договорот за купопродажба на ЕСМ, со цел да се изврши увид какви обврски имаат превземено, што имаат исполнето од тие обврски и да ја видиме целата слика, колку вистински бенефит има народот од приватизацијата, а колку странскиот капитал“, соопштува партијата Левица.
Македонија
Дел од Карпош без вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека денеска:
· поради промена на два затвoрачи на водоводна мрежа со пречник од Ф-150 мм, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, без вода ќе останат корисниците од следните улици: Руџер Бошкович на потег од Бул. 8-ми Септември до улица Никола Тесла, дел од Бул. 8-ми Септември на потег од Бул. Партизански Одреди до ул. Илинденска и дел од улицата Орце Николов на потег од Бул. 8-ми Септември до улицата Никола Тесла во општина Карпош.